ЛУСТРИРАНА ЦРКВА versus ПРАВНА ЛОГИКА

Според мое мислење, лустрацијата на свештените лица е спротивна на Уставот.

Според членот 19 и Амандманот VII од Уставот, верските заедници и религиозните групи се одвоени од државата.

Ова е член со кој се гарантира дека верските заедници нема да бидат дел од државната власт, државното одлучување и државното управување. Со овој член се гарантира и тоа дека државата нема да се меша во внатрешното уредување на верските заедници и религиозни групи и нивното хиерархиско структуирање (се додека не се прекршени законите кои се однесуваат на световното постоење на верските заедници и религиозни групи во контекстот на конкретна држава).

Според мене, вбројувањето на свештените лица во оние кои треба да потпаднат под законот за лустрација претставува отворање на вратата за упад на религијата во државното управување и во исто време, упад на државата во верските структури.

Според членот 1 од Законот за определување  дополнителен услов за вршење јавна функција:

се определува дополнителен услов за лице кандидат за носител или носител на јавна функција, изборна или во државна и јавна служба или во јавна дејност или друго јавно овластување (во натамошниот текст: кандидат за носител или носител на јавна функција) и за други работи од јавен интерес и дејности на правни лица.

Понатаму, според членот 9 од истиот закон:

(1) Обврската за поднесување изјава до Комисијата за секоја кандидатура настапува истовремено со потпишувањето неотповиклива писмена согласност (изјава) на кандидатот согласно со одредбите од Изборниот законик. (2) Обврската за поднесување изјава до Комисијата за секоја друга кандидатура настапува со почетокот на постапката за кандидирање или конкурирање утврдена согласно со посебен закон.

Со оглед на тоа дека начинот на поставување на свештените лица на одредени позиции не е регулирано со закон туку со внатрешни акти на соодветната верска заедница или религиозна група, не може да стане збор за примена на овој член во нивниот случај.

Бидејки во законот за лустрација нема ниту една одредба со која би се објаснила целта на постоењето на овој закон, ќе се повикам на Резолуцијата 1096 на Советот на Европа и Документот 7568 на Советот на Европа (процедури кои треба да обезбедат законите за лустрација да бидат во согласност со барањата на држава базирана на владеењето на правото), според кои: лустрацијата мора да се ограничи на позиции на кои постои голема веројатност дека може да претставуваат сериозна опасност за човековите права и демократијата (полиција, судство, обвинителство, безбедносни структури, разузнавачки и контраразузнавачки служби) и,  не смее да се применува на приватни или квази-приватни институции.

Со проширувањето на важењето на законот и врз свештените лица, државата објавува дека верските заедници и религиозни групи претставуваат дел од процесите на одлучување во државата (бидејки се очекува нивно значајно влијание според толкувањето на меѓународните стандарди), а државата има право да се меша во внатрешната структура на верските заедници и религиозни групи (спротивно на Уставо и на Законт за правната положба на црквата, верските заедници и религиозните групи според кој:

Член 5 Црквата, верската заедница и религиозната група имаат право внатрешно слободно да се организираат со нивни органи на управување, хиерархија и надлежност и да определуваат лица кои ќе ги застапуваат и претставуваат и да донесуваат акти во врска со тоа.

Јас би им сугерирала на верските заедници и религиозни групи да поведат иницијатива пред Уставниот суд во врска со ова и покрај тоа што имам навистина голема резерва во однос на капацитетите на актуелниот состав на Уставниот суд воопшто да ја разбере оваа материја, а камоли да се зафати со нејзино соодветно анализирање и расправа.

Leave a Reply

Your email address will not be published.