СЕМЕЈСТВО – МАКЕДОНИЈА

Понекогаш треба да се направат паралели со микро заедницата во која човекот живее за да се разбере проблемот со кој се соочуваме во макро заедницата.

Буџетот на секое семејство е многу значаен за добробитта на семејството, за среќата на неговите членови, но и за нивната иднина и воопшто за опстојувањето на семејството.

Во традиционалните семејства вообичаено парите ги држи главата на семејството. На негови плеќи паѓаат и одлуките за нивното распоредувае и трошење, но и бремето на изборот меѓу различни опции.

Основната синтагма во планирањето е да не се испружат нозете надвор од чергиќката која ја има семејството (затоа што ќе смрзнат нели). Планот за трошење вообичаено започнува со егзистенцијалните потреби (храна, живеалиште/комуналии и облека за сите членови на семејството), потоа доаѓаат хигиена, собраќај, образованието и културата и на крај забавата и задоволствата.

Задолжувањето е нормален дел од буџетските планови на едно семејство и вообичаено е насочено кон: капитални инвестиции (поврзани со живеењето или со работата/бизнисот).

Тогаш кога се задоволени сите основни потреби на семејството и кога е обезбеден сигурен прилив на средства можни се и задолжувања поврзани со забавата и задоволството (на пример задолжување за одмор).

Заради сериозноста на буџетското располагање не сум сретнала семејство кое своите пари и располагањето со нив ќе им ги довери на малолетните деца во семејството. Само замислете што би се случило со парите дадени на 10 годишно дете? Или на тинејџер? И замислете ја можноста истите тие да подигаат кредити? Сигурна сум дека парите ќе ги потрошат на многу убави работи. Ќе има чоколади и слатки и добра музика и некоја супер компјутерска игра, најубав велосипед на светот, кул алишта и многу, мноооогу забава. Никој не може да каже дека со парите не се купува (нали онаа позната фраза што секојдневно се повторува – па овие барем градат). И многу луѓе со право ќе мислат дека парите се потрошени на убави нешта (исто така познатата фраза – па зар не е убав плоштадот). Или дека не е весело и забавно (ова дури ни јас не можам да го негирам).

Меѓутоа, семејствата не ги доверуваат парите на малолетните деца затоа што на крајот од парите следат глад и немаштија и болести и пропаѓање на луѓето и на семејствата.

Како тогаш се случи семејството-држава да ги довери своите пари на децата министри? И како се случи граѓаните да ја прифатат немаштијата и да се радуваат на бомбончињата и џиџињата и растурањето на семејните пари?

Во моментот кога едно семејство ќе земе кредит мора да има веќе разработен начин на враќање на кредитот кој нема да значи намалување на средствата потребни за егзистенција и кој нема да заврши со губење на основните добра кои се ставени под хипотека.

Нашето пошироко семејство – државата, наспроти оваа прагматична логика успеа да ги убеди мнозинството граѓани дека задолжувањето е решение на проблемите. Оваа власт успеа да ги убеди мнозинството граѓани дека треба да се трошат парите на споменици, а во исто време да се земаат кредити за пополнување на буџетската дупка. Оваа инфантилна власт успеа да го инфантилизира целото општетсво и да ја уништи иднината на мнозинството граѓани, а да го загрози постоењето на државата воопшто.

Во 2011 по скратена постапка се донесуваа закони за задолжување:

ЗАТВОРЕНИ
  1. Предлог-закон за задолжување на Република Македонија кај Меѓународниот монетарен фонд со Кредитна линија за претпазливост, по скратена постапка
  1. Предлог-закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Дојче Банка и Сити Банка по Договорот за заем обезбеден со гаранција заснована на политики од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска Банка, по скратена постапка
  1. Предлог-закон за задолжување на Република Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светската банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за осигурување од природни катастрофи
  1. Предлог-закон за задолжување на Република Македонија со прв дел од заем кај Европската инвестициона банка по Финансискиот договор за Проектот за изградба на автопатот на Коридор Х, на делницата Демир Капија – Смоквица, по скратена постапка
  1. Предлог-закон за задолжување на Град Скопје кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за Проектот “Со нови концепти за ефикасен сообраќај кон почисто Скопје“ без издавање на државна гаранција, по скратена постапка
  1. Предлог-закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за Проектот за изградба на автопатот на Коридор Ð¥, на делницата Демир Капија – Смоквица, по скратена постапка
  1. Предлог-закон за задолжување на Република Македонија кај Банката за развој при Советот на Европа по Рамковниот договор за заем за делумно финансирање на Проектот за изградба на фискултурни сали во основни училишта и рехабилитација на основни и средни училишта во Република Македонија, по скратена постапка

Во исто време со парите од буџетот се купуваа палми и се градеа фонтани и се поставуваа фенси плочки и споменици и споменичиња и музеи и куполи и столбови. Во исто време од граѓаните се бараше да скратат од трошењето и да штедат и да намалат од греењето и да  разберат дека е финансиска криза и дека не може да се добие новогодишен подарок или регрес за одмор ниту пак да се делат пакетчиња на децата.

Еден ден кредитите заедно со каматите ќе треба да се вратат. Нема да ги врати Груевски, ниту некој од неговата свита. Ќе ги враќаат граѓаните на Република Македонија и нивните деца и нивните внуци. Ако преживеат.

Марија Антоанета им препорачала на граѓаните да јадат колачи кога немаат леб. Изгубила контакт со реалноста и сметала дека граѓаните постојат за нејзе. Таа била благородничка. Не била избрана и не можела да биде сменета. И затоа завршила на гиљотина. Нашите властодршци може да бидат сменети.

Leave a comment

Your email address will not be published.