ШВРГОВСКИ – МЕЃУ ПРАВОТО И НЕПРАВОТО

Непосредно пред навршувањето на четири години од уривањето на воениот хеликоптер, јавниот обвинител Шврговски соопшти дека нема да поведе постапка во врска со случајот. Според неговата изјава нема место за поведување на ваква постапка и единствени виновници за несреќата се пилотите кои не биле добро обучени.

Јас како правник имам проблем со оваа одлука на јавното обвинителство од неколку причини:

1. Од изјавата на Шврговски не можам да видам дека е направена анализа на досиејата на пилотите од кои единствено може да се види дали и колку тие биле обучени (согласно ЗАКОНОТ ЗА СЛУЖБА ВО АРМИЈАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА,  и ПРАВИЛНИК ЗА УСЛОВИТЕ ЗА СТЕКНУВАЊЕ НА ВОЕНО ЛЕТАЧКО ЗВАЊЕ, УСЛОВИТЕ ЗА РАСПОРЕДУВАЊЕ ВО КАТЕГОРИЈА НА СТРУЧНА И БОРБЕНА ОСПОСОБЕ-НОСТ, ВРШЕЊЕТО НА ЛЕТАЧКАТА СЛУЖБА СПОРЕД ПРЕПОРАКИТЕ И СТАНДАРДИТЕ НА НАТО И МЕЃУНАРОДНАТА ЦИВИЛНА ВОЗДУХОПЛОВНА ОРГАНИЗАЦИЈА (ICAO), ЛЕТАЧКАТА ОБЛЕКА И ОПРЕМА И ОБЛИКОТ И СОДРЖИНАТА НА ЛЕТАЧКАТА КНИШКА и ПРАВИЛНИК ЗА СЛУЖБЕНО ОЦЕНУВАЊЕ НА ОФИЦЕРИ, ПОДОФИЦЕРИ И ПРОФЕСИОНАЛНИ ВОЈНИЦИ НА СЛУЖБА ВО АРМИЈАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

2. Доколку е направена таква анализа тогаш мора од таму да се види кој ја вршел обуката, кој ги дал оцените и дали е направен пропуст во тој дел

3. Согласно членовите 48-52 од спомнатиот закон, најмалку на 12 месеци, а по потреба и почесто се врши оценување на кадрите. Оценувањето опфаќа:

- стручно знаење,
- професионална ефикасност,
- командување и раководење,
- резултати од работата и
- физичка подготвеност.

Според членот 53:

(1) Оценувањето на активниот воен персонал го врши непосредно претпоставениот и второпретпоставениот старешина или раководен државен службеник со високо образование, независно еден од друг.

Ова значи дека има некој непосреден претпоставен кој дал оценка и со тоа ја превзел одговорноста за обученоста и оспособеноста на кадрите.

4. Според член 353-в од Кривичниот законик:

(1) Службено лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое со повреда на законските прописи за судир на интересите или за совесно постапување при вршењето на дискреционо овластување, со пропуштање на должен надзор или на друг начин очигледно несовесно постапува во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.

(2) Ако сторителот на делото од став 1 прибави поголема имотна корист или предизви-ка поголема имотна штета или потешко ги повреди правата на друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

(3) Ако сторителот на делото од став 1 прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, ќе се казни со затвор најмалку три години.

(4) Со казната од ставовите 1, 2 и 3 ќе се казни и одговорно лице, одговорно лице во странско правно лице кое има претставништво во Република Македонија или лице кое врши работи од јавен интерес, ако делото е сторено во вршење на неговото посебно овластување или должност, определено со закон.

(5) Службено лице или одговорно лице во орган на државна управа или друго правно лице кое со повреда на законските прописи за спроведување на управна постапка, со пропуштање на должен надзор или на друг начин несовесно постапува во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години и со парична казна.

(6) Тој што делото од ставот (5) ќе го стори од небрежност, ќе се казни со затвор од шест месеци до две години и со парична казна.

Ова значи дека јавното обвинителство не си ја завршило работата како што треба и со тоа директно придонесува за рушење на правниот систем.

Со тоа што не се казнуваат сторителите на кривични дела тие не ја добиваат заслужената казна, заедницата не е заштитена од нивните идни прекршувања на законот, продолжува виктимизацијата на жртвите и се отвора простор за создавање нови жртви.

Доколку овој случај го ставиме во рамките на една поширока слика на потполно отсуство на командна или хиерархиска одговорност (што веќе нападно очигледно се промовира во Република Македонија) се поставува прашањето само на време кога луѓето ќе почнат да го превземаат спроведувањето на правдата во свои раце.

На овој начин доаѓаме само на чекор од ситуација на хаос и анархија кои вообичаено завршуваат со големи жртви и со промоција на системи на цврста рака.

На политичките кругови во оваа држава им одговара рушењето на сите контролни механизми, меѓу кои јавното обвинителство и судовите дојдоа први на удар. За да постои ваква потреба и толку систематска акција за рушење на правосудниот ситем мора да има многу работи кои треба да бидат затскриени и неказнети.

 

 

 

Leave a comment

Your email address will not be published.