МОЈ ПРЕДЛОГ ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА ДЕМОКРАТИЈАТА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Основните недостатоци на структуирањето и практикувањето на власта во Република Македонија во актуелниот момент се:

1. Партиципација на граѓаните (учество во донесувањето на одлуки на локално и централно ниво). На пример: за урбанистички план, за трошење на средства, за промена на имиња на училишта, улици, плоштади, за промена на закони за работни односи, социјална заштита, здравствена заштита, …

2. Контрола над власта ( постоење на механизми и услови граѓаните да кажат кога нешто не им се допаѓа, тоа што ќе го кажат да биде земено предвид, да не трпат негативни последици заради искажаното мислење и искажаното мислење да има видливо влијание во менувањето на политиките, практиките и санкционирањето на прекршувањата на законите).

3. Заштитни механизми (независни судови кои нема да судат според слободното уверување најчесто партиски детерминирано, туку според законите, на еднаков начин за сите во сите услови; моќен јавен обвинител кој ќе го штити законот и правото, а не политичкиот естаблишмент; можен народен правобранител кој ќе биде страв и трепет за власта; моќна антикорупциска комисија која ќе биде ноќна мора за секој политичар; компетентна комисија за заштита од дискриминација која ќе може да информира, помага, разрешува и спречува случаи на дикриминација).

Бидејки ниту еден од овие столбови на демократијата не постои во Република Македонија на граѓаните им остануваат неколку правци на делување:

1. Да молчат и да се надеваат дека ќе куртулат од самоволието на владеачката структура.

2. Да гласаат од време на време и да ги менуваат оние кои ги јаваат, дерат, толчат, мрцварат и газат.

3. Од време на време да се возбудуваат и да излегуваат на улица во поголем или помал (но никогаш и доволен) број и да придонесуваат за ширење на приказната за карванот кој минува и кучињата кои лаат.

4. Да пробаат да ги искористат правните механизми кои им ги нуди демократската држава.

Јас лично би ги повикала граѓаните да пробаат со четвртиот метод.

1. Зошто: на тој начин не се руши туку се гради правниот поредок на државата, се зголемува одговорноста на индивидуите, се спречуваат (намалуваат) идни прекршувања на законите, се испраќа порака не само на актуелната туку и на сите идни власти.

2. Како: со поднесување на индивидуални тужби против секој кој го прекршува законот. Кога велам секој, мислам СЕКОЈ. На секој документ со кој од граѓаните нешто се бара, се нуди, се прашува, се промовира и зад секоја одлука стои некој со име и презиме. Тој некој со име и презиме треба да се тужи. Градоначалник, Претседател на држава, министер, претседател на месна заедница, референт, началник, раководител на сектор, извршител, судија, јавен обвинител, Народен правобранител, претседател на Комисија за заштита од дискриминација или корупција, … Конкретен човек кој е потпишан на одлуката, решението, …

3. Што се постигнува на овој начин: не се подлегнува толку лесно на притисоците од надвор и од внатре, се размислува пред да се потпише, се бараат соодветни решенија, на цена доаѓаат  знаењето и чесноста и некорумпираноста, нема затскривање зад барањата на надредените или зад незнаењето и апатичноста на корисниците на услуги, државните службеници (вклучително и Претседателот, Премиерот, министрите и сите останати раководни службеници) ја добиваат улогата која што треба да ја имаат во едно демократско општетсво – платени извршители кои работат за граѓаните.

4. Како да се направи тоа:

а) граѓански тужби и тужби за оштета (подразбираат трошоци и можат да ги поднесат само луже кои имаат средства или пак оние кои можат да добијат соодветна поддршка од невладините организации за конкретни случаи кои може да се искористат како системски)

б) кривични пријави до јавниот обвинител (многу мал трошок)

в) приватни кривични тужби за помал број кривични дела

г) тужби до Управниот суд за кои се плаќа многу мала такса.

Ова е начин на кој може да се измери граѓанското незадоволство, може да стане статистички значајно и да биде искористено и пошироко во борбата со одредена владеачка структура но и со поединци кои ја узурпираат власта.

Гласноста во и при поднесувањето на тужбите е многу важна. Мора да се најде заеднички јазик со медиумите.

Во наредниот период на мојот блог ќе ставам урнеци за граѓански тужби, пријави до ЈО, приватни кривични тужби и тужби пред Управниот суд.

Јас моето го направив, сега редот е на вас.

Leave a comment

Your email address will not be published.