АКТУЕЛНАТА ВЛАСТ НЕ МОЖЕ ДА ОБЕЗБЕДИ СМИРУВАЊЕ НА МЕЃУЕТНИЧКИТЕ ТЕНЗИИ

Почитувањето на разликите, менаџирањето на конфликтите и мултикултурноста не може да виреат во општетсва кои не се градат вез темелите на демократијата и владеењето на правото. Едноставно, неопходни предуслови за градење на меѓуетничка комуникација и заедничко живеење на повеќе етникуми е постоењето на институции и механизми на демократското владеење и процедури, критериуми и правила карактеристични за владеењето на правото.

Не случајно, во Охридскиот рамковен договор се истакнува: Овој Рамковен договор ќе го промовира мирниот и хармоничен развој на граѓанското општество, истовремено почитувајќи го етничкиот идентитет и интересите на сите македонски граѓани. Не случајно, секој од основните принципи на Договорот се повикува на постоењето и изградувањето на демократската држава. Не случајно, овој договор е ставен во контекстот на евро-атлантските аспирации на државата кои се базирани врз вредностите на демократијата и правната држава. И не случајно во Договорот се инсистира на учеството на граѓаните во процесите на одлучување.

Ако е тоа така и ако веќе шест години актуелната власт:

  • ја уништува секоја трага на партиципација на граѓаните во процесите на одлучување (со донесување на закони по скратена постапка, со потполно отфрлање на јавната расправа и со занемарување на искажаните мислења на граѓаните на демонстрации и јавни собири)
  • ја уништува правната држава (со уништување на секоја трага на правила, процедури и критериуми во запослувањето и кариерното напредување на државните службеници, со уништување на независното судтво и јавното обвинителство, со уништување на сите контролни механизми кои би можеле да ја повикаат власта на одговорност и со воспоставувањето на систем на потполна нетранспарентност и неотчетност во работењето)
  • ја уништува локалната самоуправа (со воспоставувањето на потполна партиска контрола врз финансиското работење на општините), и
  • ја уништува слободата на изразување на мислата (со уништување на медиумите)

тогаш, како може воопшто да се надеваме дека може да ги воспоставиме добрите меѓуетнички односи и етникумите да станат дел од развојот, а не уништувањето на демократијата и правната држава? Меѓуетничкото насилство кое веќе отворено се манифестира е само резултат на потполното отсуство на демократија и владеење на правото.

Не станува збор за инциденти, ниту пак за случајни акти на насилство (ова и на слеп му е јасно, но не и на гарнитурата на власт). Станува збор за системска грешка вградена во структурата која ја изгради владеачката структура.

Ова насилство не може да биде запрено со полиција, со ограничувања и забрани. Не може да биде разрешено со диктат и автократски мерки, а уште помалку со смешни апели и билборди. Ова насилство може да биде запрено само со воспоставување на вистинските демократски вредности и принципите на правната држава. Со системско и долгорочно оздравување на целокупното општетсво од диктатурата и во рамките на тој глобален процес на оздравување и на сегментот на меѓуетничките односи.

Со оглед на тоа дека актуелната владеачка гарнитура не само што нема капацитети за градење на демократски вредности и систем на владеење на правото,туку отворено ја промовира автократијата, доколку многу бргу не ја тргнеме од власт ќе дојдеме во ситуација на неконтролиран меѓуетнички конфликт.

Лавината почна да се тркала. Се уште имаме можност да ја запреме. Но не за долго.

Leave a comment

Your email address will not be published.