СЕ УМОРИВ

Веќе видено. Како да живеам во зона на сомракот во која одново и одново се врти ист филм. Сите ги играат истите улоги, ги повторуваат исите реплики, но упорно очекуваат различен крај.

Штом има почва, ќе се најде и семе кое вирее на таа почва. Штом има семе, ќе израсне нешто од него. И ќе процвета и ќе даде плод.

Власта ја култивираше почвата на насилство и диктат. На таква почва не може да израсне ништо друго освен насилство и омраза. Исти вакви реплики може да се прочитаат и на албнаски јазик.

Го поминавме филмот неколку пати и ништо не научивме. Не научивме за моќта на демократијата и на владеењето на правото и не научивме дека кога ќе избереме на власт насилници не може да очекуваме развој на цивилизација и не научивме дека ако не се побуниме едноставно ќе не доведат до дното и таму ќе не остават да цркнеме.

Јас сум многу против насилството. Било кое. И сум против револуции. Било какви. Но верувам во моќта на луѓето. Во моќта да разберат дека некој ги третира како шутраци и дека само тие може да го сменат тоа.

Промената мора да  почне со смена на структурата која создала ситуација на несигурност, страв и насилство. Мора да продолжи со бришење на надворешните манифестации на агресија која ги наметна оваа власт (војсководци на коњи, триумфални капии, агресивни автократски фасади, имиња на улици, аеродроми, училишта). И мора да заврши во суштинска промена на системот. Од автократија, кон демократија и од диктатура – кон владеење на правото.

Само со воспоставување на правилата, процедурите и критериумите кои на еднаков начин важат за сите во системот, а кои се базираат на осмислени и логички барања изградени врз основа на широка партиципација на граѓаните, може да се извлечеме од бездната на постојани конфликти.

Не, не е точно дека Македонија е вечна. Не постои ништо вечно во општетсвото и во природата. НИШТО. Само глупаци со три грама мозок во главата може да извадат таква парола и само многу неук народ може да се поведе од неа. Македонија ќе постои само ако ние го обезбедиме тоа како граѓани кои се чуствуваат удобно во нејзините граници и кои имаат доволно ум во главата за да разберат колку прекрасни нешта може да бидат поврзани со живеењето во таа држава.

Ние – граѓаните, ја имаме главната улога во филмот кој се врти. Може повторно да ја одиграме како повеќе пати до сега и да го доживееме истиот крај. А можеме и да смениме нешто. Имаме можност да бираме. Може да бираме да молчиме или да се побуниме. Може да бираме да се испоколиме или да се здружиме против заедничкиот тиранин. Може да избереме да играме во истиот филм или во некој друг. Можеме да трпиме да не крадат, мамат и лажат или да кажеме НЕ и да им побараме отчет. За се што направиле и не направиле.

И ве уверувам, не е проблемот во тие кои го нарекуваат народот шутрачки, туку во тие кои го прават шутрачки и го третираат како шутрачки.

Толку од мене. Навистина сум уморна од глупоста, незнаењето, насилството.

Leave a comment

Your email address will not be published.