ЛУЃЕ ЗА СИТЕ ВЛАДЕТЕЛИ

Има луѓе кои се погодни за секоја власт. Јас ги делам во три категории:

1. Оние кои што се многу глупи и едноставно не претставуваат опасност за било кој властодржец. Ова е најретка категорија. Имено нема толку глуп човек кој кога ќе дојде на власт не му се спротиставува на некој начин на оној што го донел на власт. Практиката повеќекратно го потврди ова и во Македонија.

2. Луѓе кои немаат никакви принципи, а имаат голема желба за власт. Тие едноставно ќе ги прилагодат своите умови, искази и дела согласно потребите и желбите на актуелниот властодржец.

3. Луѓе кои направиле големи прекршувања на законите и кои заради тоа можа да бидат лесно контролирани од било кој властодржец под постојана закана дека ќе ги стигне раката на правдата.

Слушнав дека се подготвуваат промени на членовите на Уставниот суд кои треба да го стават во потполност под влијание на актуелната политичка гарнитура. Се спомнуват три имиња на можни идни судии: Светомир Шкариќ, Владо Поповски и Михајло Маневски.

Трите кандидати во потполност соодветствуваат на ретрокомунистичките карактеристики на ВМРО-ДПМНЕ. Имено и тројцата претставуваат исцедок на најлошата кадровска политика на поранешниот систем.

Професорот Димитар Мирчев има дадено многу сублимиран опис на Шкариќ и затоа ќе го цитирам: “Шкариќ, во тоа време идеолог на градскиот и централниот комитет на СКМ (Извршен секретар на ЦК СКМ за уставно-политички прашања, член на ИК и ГК и на безброј други органи, редакции, уредништва итн., бездруго и припаѓаше на најтесната ждановистичко-догматска политичка структура на Македонија. Токму од тие причини беше и испратен за директор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, прогласен уште на фамозната 36.седница на ЦК за легло на либерализмот“.

Од сите тројца кандидати најмногу го познавам Шкариќ (од прва рака – како асистент на Правниот факултет и како директор во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања). Влегов во конфликт со него и во двете негови функции и му станав непријател до гроб заради тоа што си дозволи да се изживува над оние кои зависеа од него и да ги цинкари сите оние кои не им беа по воља на тогашните власти.

За Владо Поповски никогаш не сум ни имала мислење. За мене од секогаш беше прелигав, препревртлив и прекамелеонаст. За него е добра секоја партија која може да му обезбеди власт.

Маневски е ретрокомунистички кадар од највисок вид. Бил џелат во Комунизмот (тука ќе се послужам со убавиот опис од написот на новинарот Синиша Станковиќ: “Каирерата ја започнал како заменик-околиски јавен обвинител во Штип, бил и јавен обвинител во Основното јавно обвинителство во Велес, за потоа цела деценија (1966 – 1976) да биде заменик на окружниот јавен обвинител во Скопје, а од 1976 до 1984 година е заменик на јавниот обвинител на СР Македонија. Во периодот кога бил обвинител, дел од современиците, кои и понатаму сакаат да останат анонимни, тврдат дека како обвинител, и преку тогашниот ССРНМ, особено се истакнал во „сечата на директорите“ на големите претпријатија, кои настрадаа затоа што една од струите во СКМ (чии конци од сенка ги влечел Лазар Колишевски) сметала дека премногу се засилиле и дека како тогаш омразените техноменаџери – треба да се тргнат. Партиската одука била закон, а дел од се’ уште живите директорски жртви на внатрепартиските пресметки и денес би можеле да зборуваат за тоа време. И за сите оние кои биле заслужни за нивното елиминирање“) остана џелат и под власта на ВМРО-ДПМНЕ. Добри џелати секогаш се на цена.

Едно знам, уставниот суд (каков таков) беше последниот бастион на демократијата. Со именувањето на кадри од ваков вид ќе остане и понатаму бастион, само на автократијата.

 

 

 

Leave a comment

Your email address will not be published.