ЗА ЖРТВИТЕ, МАНИПУЛАЦИЈАТА И НЕОДГОВОРНОСТА

Пет убиени луѓе.

Протести со националистичка фарба во Скопје.

На фејсбук се јавија дежурните подбуцнувачи и плукачи против се што е надвор од власт и бранители на се што е на кормилото на власта (Janko Ilkovski, 22 hours ago, Утре ќе имало протести, така разбрав, по повод убиството на петмината кај Радишани. Простестот ќе бил пред влада. Зошто? Владата не ги уби? Ако е за така простест треба пред американска амбасада, германската, британската, француската, пред седиштетот на ЕУ, пред амбасадите на меѓународниот фактор, пред седиштето на Сорос, пред седишатата на сите партии и НВО-а кои се фактори на стабилизација или уште повеќе, дестабилизација на земјава. Ова е чиста политичка некрофилија, срамота, некој сака од ова политички да профитра. Ако сметате дека владата не чини, бујрум, избори, ионака секоја година се организираат, па нека одлучи народот!).

Се појавија и политичарите кои ја држат власта во свои раце ( Претседателот Иванов, Премиерот Груевски,  претседателот на Собранието Вељаноски) и ни соопштија дека веруваат дека институциите ќе си ја завршатработата и убијците ќе бидат казнети од законот и од Бога (ама, ова последново само ако веруваат во Бог).

Во што се состои манипулацијата?

1. Претседателот на државата, Премиерот и Претседателот на Собранието се институциите кои треба да ја завршатработата. А, ниту еден од гореспомнатите не кажа: јас, во рамките на моите надлежности ќе направам се што можам да помогнам во откривање и казнување на убијците. Ниту еден од нив не рече: јас како дел од власта ќе ја вложам сета моја енергија, знаење и ќе ги употребам сите ингеренции да се направи што е можно побрза, подобра и посеопфатна истрага која ќе овозможи расветлување на злосторството и изведување на сторителите пред суд.

Претседателот на државата е врховен командант на вооружените сили и е претседател на Советот за безбедност. Тоа значи дека Иванов не чека што ќе направат институциите туку самиот превзема дејствија кои се во рамките на неговите надлежности и ја користи мрежата од институции со кои самиот командува.

Премиерот е на чело на Владата во рамките на која се наоѓа и МВР. Како претседател на Владата тој има можност и ингеренции директно да бара, поставува задачи и да насочува било што што се случува во релевантните министерства. Тоа значи дека Груевски не чека што ќе направат институциите туку ги предводи институциите во активностите кои треба да ги превземат.

Претседателот на Собранието може да ја активира надлежноста на Собранието која се однесува на контролата над сите јавни функции што се одговорни пред Собранието и да побара нивно екстремно големо ангажирање во решавањето на овој случај, може да формира посебна комисија за истражување на случајот, може да свика посебна седница на која ќе се расправа и за случајот и за последиците кои следат од перцепциите на граѓаните за случајот. Тоа значи дека Вељановски не чека што ќе направат институциите туку како преседател на највисоката институција во државата превзема и соодветни активности.

И во сета ова институционална конфузија која се обидуваат да ја наметнат кецарошите кои моментално ги држат дизгините на ова државиче, ги снема истражниот судија и јавниот обвинител. 

2. Манипулацијата продолжува со дезинформациите на задолжените за правење магла и прашина (како Јанко јадачот на гурабии, Латас и остатокот од за тоа платената багра). Според нив одговорноста за она што се случува во државата не лежи во тие кои се на власт, кои ја имаат организацијата и оружјето и информациите и можноста за делување и кои се платени за тоа со парите на граѓаните, туку на граѓанските здруженија кои не ни примирисале до управувачките функции, а камоли да ги допрат дизгините на власта.

Доколку навистина странските амбасади и здруженијата на граѓани се тие кои ја имаат власта во државата, тогаш воопшто и немаме држава. И тогаш навистина нема зошто да се протестира пред Владата бидејки таа и не постои. Тогаш едноставно тие кои живеат на грбачата на овој шутрачки народец и кои глумат власт треба да се збришат и на нивно место да се постават луѓе кои знаат што треба да прават и како да го прават тоа, кои ги знаат одговорностите кои ги превзеле во моментот на изборот/именувањето и кои знаат како да го употребат државниот апарт во функција на заштита на интересите на граѓаните.

Како граѓанин на оваа држава барам секој од носителите на власта да направи се што е во неговата надлежност да се открие сторителот или сторителите на петократното убиство. Да се соберат доволно докази за да може да бидат изведени пред суд и соодветно казнети. Да се казнат сите оние кои иницираат меѓуетничка омраза и нетрпение и да се спречат насилства и линчувања резултирани од овие иницијативаи.

И барам, доколку оние кои се на власт не знаат што да прават, не знаат што можат да прават и не знаат како да прават, што е можно побрзо да се тргнат од власта.

 

Leave a comment

Your email address will not be published.