РАЗГОРУВАЊЕ НА ЕТНИЧКА ОМРАЗА

Според најавите не чекаат протести во ПЕТОК и во САБОТА.

Според мене, директен виновник за, од една страна хомогенизацијата и мобилизацијата на припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија против полицијата, но и пошироко против Македонците, и од друга страна, хомогенизацијата и мобилизацијата на припадниците на македонската етничка заедница против Албанците, е министерката за внатрешни работи. Нејзиното непрофесионално однесување, отсуството на знаење и вештина за работа во мултикултурно опкружување претставуваат континуирана опасност за меѓуетничките односи во Македонија.

Се разбира, нејзината одговорност претставува само дел од многу покомплексната одговорност на целокупната владеачка структура која што во изминатите 6 години не успеа да изгради структури, капацитети и институции кои може да бидат соодветни на структурата на македонското општетсво.

Со замената на еднаквото важење на законите за сите со политички одлуки, со уништувањето на владеењето на правото како столб на демократијата, со потполното дезавуирање на полицијата, јавното обвинителство и судството кои се претворени во марионети на политичкото самоволие, сегашната ситуација на спротиставени два етнички блока е едноставно неизбежна.

Проблемот во моментов е во тоа што и двете страни имаат право и во исто време и двете страни се во потполн мрак на политичката манипулација. Подгревањето на националните страсти е најдобар начин да биде затскриен било кој криминал, да се сврти вниманието од банкротот на државата и да се заташкаат индивидуалните бенефиции кои за себе ги обезбедуваат поединците во власта. За остварување на овие цели не се важни жртвите, а машинеријата на етикетирање, омаловажување и навредување е во секој момент подготвена да стапи во акција по принципот “држ го крадецот“.

На властодршците не им е гајле колку луѓе ќе бидат повредени, не им е гајле што ќе се случи со нашата држава, не им е гајле за иднината. Едноставно, секој пожар работи во нивна полза. Што повеќе насилство толку подобро за нив. Затоа што шутрачкиот народец ќе се изеде меѓусебно наместо да се сврти против директните предизвикувачи и виновници.

Лично мислам дека ни е потребна Влада на националниот спас додека уште има што да се спаси од ова кутро земјиче и овој уште покутар народец кој живее во него.

Leave a comment

Your email address will not be published.