КОЈ СИ ПОДИГРУВА СО ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА – НОВ ЗАКОН ЗА БРАНИТЕЛИТЕ ИЛИ ТРОЈАНСКИ КОЊ ЗА СОЖИВОТОТ?

Го гледав Законот за бранителите и не ме напушташе и се уште не ме напушта едно многу непријатно чувство на бесмисленост. Бесмисленост на ниво на Законот за лустрација. Дури и поголема.

Што нуди новиот закон?

Ако се направи споредба на новиот закон со оној донесен во 2002 година (како што јас направив) може да се види дека:

1. Донесувањето нов закон е образложено и оправдано со една реченица: “Имплементацијата на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства кој што е сеуште во сила, не ги даде резултатите кои што се очекуваа и кои што беа цел при донесувањето на Законот и овозможи само делумно остварување на правата.“

Во натамошниот текст нема анализа за причините заради кои законот од 2002 година не се имплементирал.

Прво прашање што ми се поставува е: зошто во изминатата декада не се имплементирани одредбите на актуелниот закон? Што е тоа што ги спречувало тие во власта да постапуваат согласно овој закон?  Кои се пречките содржани во законот кои треба да бидат отстранети?

Второ прашање е,   кои се гаранциите дека овој нов закон ќе се имплементира или ќе ја доживее судбината на поранешниот закон.

2. Единствена разлика (покрај шминката, изместувањето на членовите и нивното спојување или раздвојување) меѓу постоечкиот и новиот закон се:

  1. правото на работен стаж во двојно траење
  2. право на најниска пензија
  3. право да се биде сместен во старечки дом
  4. одбележување на местата каде што загинале припадници на безбедносните сили, и
  5. одликување
Последните две “права“ (одбележување на местата каде што загинале припадници на безбедносните сили, и одликување) државата можела и може да ги операционализира во секој момент без донесување на овој закон.
Трите претходни права (правото на работен стаж во двојно траење, право на најниска пензија, право да се биде сместен во старечки дом) може да се остварат со измени и дополнувања на постоечкиот закон.
Покрај спомнатите промени направена е разработка на членовите кои се однесуваат на стамбеното згрижување и еднократниот паричен надоместок. Имајки ги предвид членовите на актуелниот закон кои се однесуваат на оваа област тие  можат и треба да се операционализираат со донесување на подзаконски акти врз основа на постоечкиот закон.
Институционална новина во новиот закон е формирањето на Комисија за надзор во спроведувањето на овој закон. Ваква комисија Владата можела и може да формира кога сака врз основа на актуелната законска регулатива (нема потреба од носење на нов закон). Меѓутоа, дури и ако сака да ја стави во законски рамки, тоа може да се направи со измени на постоечкиот закон.

Имајки го предвид ова, се поставуваат две прашања: зошто се носи ваков закон? и зошто се носи баш сега?

Според мое видување овој и ваков закон се носи баш сега со една единствена цел: дефокусирање на вниманието на граѓаните од социјалните проблеми со кои се соочуваат, дефокусирање на граѓаните од грешките и малверзациите на актуелната власт и замена на социјалната конотација која може да ги одбележи идните избори со етничка.
Имено, многу јасно стана дека граѓаните почнаа да се обединуваат околу заедничките проблеми и интереси независно од етничката припадност и многу јасно стана дека на идните избори ниту една од владеачките политички партии нема да може да понуди решенија за економските и социјални прашања. Со цел повторно да се врати етничката димензија како значаен фактор во изборната трка, изработен е апсолутно непотребен и нефункционален закон кој после 12 години на дневен ред ги враќа расправите и дилемите карактеристични за периодот непосредно после вооружениот конфликт.
Мое лично мислење е дека актуелната власт нема ни на крај памет идеја да направи нешто во врска со бранителите, туку едноставно продолжува да игра на картата на нивната несреќа.
Резултатот (според мое мислење) ќе  биде:
1. создавање нови поделби
2.зголемување на меѓуетничкиот анимозитет
3. потиснување на заедничките социјални проблеми на втор план
4. претставување на двете големи политички партии на Македонците и на Албанците како тврди и непоколебливи заштитници на правата на својата етничка заедница.
Голема е веројатноста целата шарада да е смислена во заеднички договор меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа постои теориска шанса да е и соло изведба на ВМРО-ДПМНЕ.
Имајки ја предвид огромната апсорпциона моќ на граѓаните на Република Македонија за голтање (без џвакање) на лаги, манипулации и измами кои доаѓаат од власта, не се сомневам дека и оваа ќе ги постигне саканите резултати.

 

Leave a comment

Your email address will not be published.