ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА – СОУЧЕСНИК ВО ПОТТИКНУВАЊЕ НА НАЦИОНАЛНА, ВЕРСКА И РАСНА ОМРАЗА?


Во Март 2012 година беше поднесена кривична пријава против Драган Павловиќ Латас за предизвикување на национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на член 319 од Кривичниот законик.

На 14.08.2012 година Јавното обвинителство донесло Решение со кое се отфрла кривичната пријава бидејќи пријавеното дело не е кривично дечо (решението е дадено во прилог).

За Јавното обвинителство и конкретно за пошитуваната јавна обвинителка СНЕЖАНА РИСТЕВСКА потпишана под ова решение, написот на Драган Павловиќ Латас претставува: “еден вербален деликт, омаловажување на една етничка група, кој сам по себе не може да доведе до разгорување на национална, расна или верска омраза, раздор и нетрпеливост помеѓу Македонците и Албанците“.

Најверојатно почитуваната јавна обвинителка смета дека Драган Павловиќ Латас треба да одговара според член 175 од Кривичниот законик: “Тој што со намера да омаловажи друг, ќе му префрли дека сторил некакво кривично дело или дека е осудуван поради некакво кривично дело или тоа со иста намера ќе му го соопшти некому, ќе се казни со парична казна или со затвор до три месеци“.

Бидејки во случајов Драган Павловиќ Латас не навредува никого поименично, сигурно почитуваната и длабокоумна јавна обвинителка смета дека секој Албанец поединечно треба да поднесе тужба против Драган Павловиќ Латас и да докаже дека Драган Павловиќ Латас мислел баш на него кога зборувал за Албанците кои се глупи, насилни, полни со омраза, примитивни и нецивилизирани?

Или пак високоумната јавна обвинителка смета дека делото направено во однос на поголем број луѓе има помала вредност отколку делото направено кон поединец (на пример кон министер? или Премиерот? или некој многу важен и успешен лепач на плакати или носач на бурек за ВМРО-ДПМНЕ?).

Во секој случај:

Според многупочитуваната и мудра СНЕЖАНА РИСТЕВСКА не е повик на омараз и нетрпение и нема да внесе раздор изјавата на Латас дека: генерации од млади Албанци биле одгледувани да мразат и да бидат насилни неказнето. Идека генерации на млади Албанци немаат школо, не знаат да работат и знаат само да тепаат. Неказнето. И дека е нормално сите да ги мразат. Оправдано. За многупочитуваната СНЕЖАНА РИСТЕВСКА очигледно ова не е кривично дело затоа што смета дека е сосема природно сите наоколу да ги мразат Албанците и дека тие тоа го заслужуваат. И кој може да ја обвини за вакво нешто?

Според многупочитуваната СНЕЖАНА РИСТЕВСКА не е повик на раздор изјавата на Драган Павловиќ Латас дека хорди од наоружани млади луѓе Албанци одат наоколу и претепуваат Македонски деца без причина и не е повик на омраза изјавата дека оној од кој што се плашиш мора да го мразиш, или, нормално е да се мразат Албанците затоа што се плашиме од нивната бестијалност. Така не учи мудрата јавна обвинителка.

Според многупочитуваната СНЕЖАНА РИСТЕВСКА не е поттикнување не само на омраза, раздор и нетрпеливост туку и на директна акција изјавата на Драган Павловиќ Латас “Но тие силеџии не се јунаци. Друг им го ослободи Косово и друг ги спасуваше со автобуси од Арачиново.“ Тоа значи ако ги начекаме сами и ненаоружани може слободно да ги сотреме. Тоа не е кривично дело. Па и како може да биде кога е тоа или чиста вистина или омаловажување кое не е во надлежност на Јавниот обвинител (според премудрата јавна обвинителка).

За исклучително мудрата СНЕЖАНА РИСТЕВСКА не се никаква реакција на омраза и нетрпение изјавите дадени по написот на Драган Павловиќ Латас:

– време е Македонците да се вооружаат.

-Вакво диво племе не постои никаде на земјината топка.

-Кога тогаш ова со Албанциве мора да се реши. Не може стално да се плашиме од нив.

Таа многу мудро заклучува дека вакви изјави никако не може да предизвикаат раздор, ниту пак нетрпеливост, а и да не зборуваме за омраза. Најверојатно е во право. И сигурна сум дека следејки ја оваа логика, доколку јас кажам за некого (еве на пример за препочитуваната јавна обвинителка, само како пример, инаку јас никогаш тоа не би го кажала) дека е глупача од невидени размери со мозок на амеба и способности на трупец, тоа кај неа не би можело да предизвика нетрпение или омраза кон мене и сигурно ќе сака да ме дружи во огромни размери.

ЗАКЛУЧОК1:

Јавното обвинителство или го штити или  толку го потценува Драган Павлович Латас  што станува свесен или несвесен соучесник во кривично дело. Но, несвесност или небрежност никако не е оправдување за институција што треба да гледа со три рала наочари. Или пак смета дека воопшто не станува збор за кривично дело по принципот: оваа дупка не е дупка (за потребите на оваа владеачка структура се разбира).

Најлогично гледано навистина не смеев да очекувам ништо друго од овие мудри јавни глави за кои некој злонамерен би рекол дека се ставени под чизмата на Груевски, а некој само би помислил дека едноставно ги споделуваат истите ставови и вредности како и Драган Павловиќ Латас.

Некој многу злонамерен може да помисли и дека  никој меѓу премудрите обвинителски глави нема капацитет да забележи дека ја повторуваат истата грешка која веќе еднаш не донесе до крвав конфликт и тоа по редица слични написи во периодот пред 2001. Некој многу злонамерен.

ЗАКЛУЧОК2:

Албанските партии кои коалицираат со владеачката структура која го штити Драган Павловиќ Латас очигледно само ги замајуваат своите гласачи и промовираат и спроведуваат неправни и противзаконски активности, меѓутоа, таму каде што навистина можат да го употребат законот во функција на заштита на демократијата и мултикултурата како основа на нашата држава, тие воопшто не реагираат. Со тоа и самите стануваат соучесници на можниот иден етнички конфликт или барем на меѓуетничките тензии со кои секојдневно се соочуваме.

ЗАКЛУЧОК3:

Ниту 100 рамковни договори, ниту 100 коалиции и партиски трговии и ниту 100 американски амбасадори и 1000 проекти за меѓуетничка толеранција, нема да не мрднат ни милиметар понапред во обезбедувањето на заедничкото живеење доколку не го примениме правото на правен начин и доколку не застанеме на патот на латасовците, груевчињата, миленковчињата, јади бурекчињата и слични кои како кал не облепуваат и не влечат се подоле и подоле. И, се разбира, нема да мрднеме ни милиметар понастрана од ќенефот во кој сме заглавени, доколку не се најде некоја Снежана или некоја друга многупочитувана обвинителска глава која ќе се осмели да го примени законот, а не партискиот диктат. 

Leave a comment

Your email address will not be published.