ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО – ИГРАЧКА ВО РАЦЕТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ

Јавното обвинителство не само што не го штити законот и не го применува правото туку го изложува на потсмев самиот поим на право.

Истото тоа обвинителство кое утврди дека не може да поведе постапка против Драган Павловиќ Латас врз основа на чл. 319 – Поттикнување на национална омраза и нетрпение под итно реши да поведе постапка по истиот основ во случајот на интонирање на химната на Албанија на Универзитетот во Тетово.

Во првиот случај утврди дека навредите, омаловажувањата, потсмевањето и ширењето на предрасуди против припадниците на албанската етничка заедница “не може да предизвика омраза меѓу Македонците и Албанците“. Во вториот случај утврди дека со пеењето на химна во која не се ни спомнуваат Македонците или Македонија и нема ни збор со кој се омаловажува или навредува Македонија и Македонците, може да се разгори омраза меѓу Македонците и Албанците.

Да бидеме на јасно: воопшто не мислам дека е соодветно интонирањето на химна на друга држава при започнување на учебната година на државна институција во Македонија (и за тоа пишував и сметам дека треба да се запрашаме што не е во ред во нашата држава за да се случува вакво нешти).

Меѓутоа, директните навреди да ги отфрлиш со објаснување дека не го одразуваат битието на кривичното дело од член 319, а пеењето на химната да го прифатиш како доволно за поведување постапка врз основа на овој член навистина поттикнува на размислување. Сигурна сум дека различни луѓе на различен начин може да го толкуваат ваквиот чин. На пример може да се претпостави дека:

1. Јавното обвинителство претставува партиска испостава на ВМРО ДПМНЕ и ги извршува партиските задачи, или

2. дека во Јавното обвинителство седат луѓе кои немаат појма од право и веднаш треба да бидат разрешени од нивните функции, или

3. дека во Јавното обвинителство седат луѓе кои се спремни да го кршат законот, да го извртат правото и да ја злоупотребат функцијата заради лични интереси, или

4. дека во Јавното обвинителство цвета дискриминацијата, или,

5. дека воопшто немаме Јавно обвинителство, или

6. дека едноставно станува збор за збирштина од многу глупи луѓе, или

Јас се уште не можам да се решам како да го оквалификувам овој акт. Не можам да изберам од широката лепеза на опции кои ми паѓаат на памет. Меѓутоа во едно сум сигурна: ситуацијата е безнадежна иако не и сериозна.

93 total views, 1 views today

Leave a Reply

Your email address will not be published.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.