Спрегата меѓу власта и црквата никогаш не била добра ниту за граѓаните ниту за верата

Во текот на светиот чин (според православната религија) на посветување на темелите на новиот храм кој треба да се изгради во Скопје, пглаварот на МПЦ Стефан ги обвини оние кои биле на власт во времето на социјализмот за рушење на црквата “Св. Константин и Елена“. Во врска со тоа Стефан изјави: “Со амин на силните на денот згаснало едно кандило и едно православно светилиште, со што се потврдило правилото дека човекот полесно ја менува својата околина и светот отколку самиот себе. А каков е човекот во својата совест, во своето расположение и намери такво, за жал,  станува и општеството. Бевме сведоци на една идеологија, на насилничко и безумно едноумие, распослано од Трст до Владивосток, кое се натпреваруваше во злото кога беа во прашање верата и црквата“.

Според мене изјавата на Стефан е многу далеку од христијанството и од стандардите и правилата поставени во Библијата како основа на христијанското учење. И ако судима  според тоа како се однесувале властите во Македонија спрема верата во време на социјализмот, може да кажеме дека тие манифестирале многу повеќе христијанка добродетел и многу повеќе постапувале во духот на христијанските стандарди дадени во Библијата, отколку Стефан и свештенството кое што го опкружува.

Прво, се стекнува впечаток дека Стефан ги извртува работите до ниво на лага, а лагата е еден од големите гревови според христијанското учење (Според десетте божји заповеди: Не сведочи лажно против својот ближен или во Левит – како да му се служи на бога: Не крадете, не лажете и не мамете го ближниот свој. Не колнете се лажно во моето име, не осквернувајте го името на вашиот Бог. Јас су Господ. Не шири лага меѓу народот свој).

Имено, точно е дека станува збор за мала црква за која многумина тврдат дека немала посебно историско значење, точно е дека во земјотресот во 1963 црквата имала оштетувања (за тоа колку сериозни биле, може да се расправа) и точно е дека на почетокот на 1970 храмот бил миниран и на негово место бил изграден денешниот Градски трговски центар.

Она што го премолчува Стефан е дека “со амин на силните на денот“ и “идеологија, на насилничко и безумно едноумие, кое се натпреваруваше во злото кога беа во прашање верата и црквата“ во моментот кога беше срушен објектот на храмот “Св. Константин и Елена“, беше доделена нова локација за нов храм од многу поголеми размери (1000 м2на кои можат да се соберат 6000 верници, кои за жал Стефан во ниту еден момент не успеа да ги собере), Соборниот архиепископски храм на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“. Градењето на овој храм започна во 1972 година. Во овој храм една од капелите дури и е посветена на Цар Константин и Царица Елена, што јасно ја покажува врската со срушената црква.

Второ, Стефан е крајно неблагодарен и на добро враќа со лошо ( како што Саул му рекол на Давид “Ти си поправ од мене зашто ми врати со добро, а јас ти враќав со зло“ – Прва книга царства).  Имено, не се работи само за тоа дека во време на социјализмот беше изграден соборниот храм и беа издвојувани средства за одржување на голем број цркви и манастири низ цела Македонија (што никако не би можело да се каже за денешните власти под кои пропаѓаат најубавите манастири, цркви и конаци). “Со амин на силните на денот“ и “идеологија, на насилничко и безумно едноумие, кое се натпреваруваше во злото кога беа во прашање верата и црквата“, во 1967 година е возобновена Охридската Архиепископија во лицето на МПЦ. Дури и истиот тој Стефан на прославата за 45 годишнината од овој датум тој изјавува: “Одлуката на Светиот синод донесена во Охрид пред 45 години е историски настан, кој донесе целосно духовно воскресение, настан што ја исправи двевековната неправда, настан–темелник врз кој се потпира современата историја на Црквата во Македонија и меѓу Македонците во светот“. Кога ги читам овие изјави на Стефан на памет ми паѓа посланието до Тит, во кое Павле ќе рече “тие зборуваат дека го познаваат Бога, а со делата свои одречуваат, бидејќи и се одвратни, непокорни и неспособни за никакво добро дело“. И понатаму во истото послание: “Христијанско поведение е никого да не хулат, да не се караат, туку да бидат мирни, и да покажуваат секаква кроткост кон сите луѓе“ и, “Вистинско учење е слово здраво без укор, та да се посрами противникот, бидејќи не ќе има да рече ништо лошо за нас“. Наспроти на ова, Стефан ги прогласи за зли и насилни и безумни тие кои во 1967 година овозможија не само возобновување на Охридската Архиепископија туку и основање на средното богословско училиште и основање на богословскиот факултет.  

Се прашувам дали на вакви како Стефан не мислел Павле кога пишувал за лажните учители и христијани? “Зашто таквите луѓе се лажни апостоли, лукави работници кои се преправаат во Христови апостоли. И не е за чудење! Па и самиот сатана се преправа во ангел на светлината.Па затоа и не е големо нешто ако и служителите негови се преправаат како слуги на правдата; но нивниот крај ќе им биде според делата нивни.(Второ послание до Коринтјаните).

И се прашувам, дали тие кои биле на власт во времето на социјализмот не згрешиле, со тоа што гаеле змија во недрата, која сега ги каса тие кои ја одгледале. Зар не било подобро да ја убијат со време и кога можеле?

И се прашувам, зошто Стефан заедно со претставниците на ВМРО-ДПМНЕ сака да ги разурне корените на овој народ одрекувајки ги традицијата и историјата врз која треба да ја градиме денешнината и иднината?

Leave a Reply

Your email address will not be published.