ЗА БУЏЕТИТЕ

Слушнав дека опозицијата не била конструктивна затоа што се спротиставувала на донесување на буџетот и поставила одредени барања за негова промена, а со тоа сакала да ја спречи реализацијата на програмата на владата.

Навистина одамна се откажав во обидите да разберам што се случува во главата на високите функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Едноставно функционираме на толку различни нивоа што ми станува тешко дури и да се обидам да ја разберам нивната логика, а камоли да проникнам во следот на нивните мисли.

Меѓутоа, ова тврдење претставува школски пример на неразбирањето на основните механизми на демократијата и показател за мојот став дека во Македонија има само кулиси на демократија, зад кои се затскрива примитивна автократија облечена во руво на ретрокомунизам.

Зошто го мислам ова?

1. Основна задача на опозицијата е да ги контролира потезите на власта. Опозицијата по правило треба да поставува прашања, да оспорува решенија и да нуди алтернативи. Тоа значи дека опозицијата треба да го протресе од глава до пети секој дел секоја ставка од буџетот, да побара објаснување и доколку не е задоволна да интервенира. Сите оние зборувања за транспарентност, отчетност, партиципација, мора да бидат присутни токму во расправата за буџетот и да не им остават на граѓаните сомнеж дека некој си игра со нивните пари.

2. Буџетот не е своина на владеачката партија исто како што не се нејзина сопственост имотите и парите со кои располага само затоа што граѓаните и дале доверба тоа да го прави. Тоа значи дека во Собранието мора да има неверојатно исцрпна расправа (во одделни држави овие расправи траат со месеци) за секоја точка од буџетот и сите пратеници треба да бидат многу сигурни во она што го нуди Владата и никако не може да се очекува да го прифатат така како што е предложено. Процесот на усвојување на буџетот е процес на расчистување, прецизирање, договарање и кмпромиси. Се друго излегува надвор од праксата на демократијата.

3. Во моментот кога власта ќе објави дека нема намера да прифати ниту еден предлог на опозицијата и дека овие предлози ги разбира како уцена, во тој момент власта објавила дека нема намера да ги почитува правилата на демократијата и има намера да практикува автократија или диктатура.

4. Во моментот кога власта ќе одбие да започне разговор во врска со елементите за штедење предложени од страна на опозицијата, тоа претставува јасна порака дека таа власт ненаменски ги троши средствата од буџетот и не сака да се доведе до ситуација да одговара за недомаќинската работа.

Во интерес на граѓаните е да се растресе буџетот. Во интерес на граѓаните е да се прецизираат елементите на трошење. Во интерес на граѓаните е да се отфрлат ставките низ кои се одлеваат пари кои не се поврзани со задоволување на потребите и интересите на истите тие граѓани. Во интерес на граѓаните е власта да штеди на луксуз. Во интерес на граѓаните е власта да биде контролирана во трошењето на нивните сопствени пари.

Само во услови на постојано заглупување на граѓаните, отсуство на релевантни информации, манипулациии и полуманипулации со незнаењето, многу очекувано е луѓето да стекнат впечаток дека власта ги брани нивните интереси, а опозицијата ги загрозува.

Leave a comment

Your email address will not be published.