ГРАЃАНСКА НЕПОСЛУШНОСТ

Услови за примена:

Кога граѓаните сметаат дека власта не работи во нивни интерес (на пр. гради споменици, купува палми и рингишпили, наместо да вложува во изградба/обнова на економски исплатливи структури), немаат влијание на она што се донесува како решение од страна на власта (на пр. промени на урбанистички планови без широка расправа, донесување буџет без расправа за истиот), институциите се ставени во функција на заштита на власта наместо на граѓаните (на пр. сообраќајната полиција обеџбедува чист простор за проаѓање на високи функционери од власта, а не обезбедува проодни тротоари за пешацита), власта не ги почитува законите (на пр. се испраќаат амбасадори кои не ги исполнуваат основните услови за вршење на амбасадорска функција).

Вообичаено, граѓанската непослушност се употребува како алатка во моментот кога е системот потполно ставен под контрола на многу тесна група властодршци кои го казнуваат различното мислење и не дозволуваат контрола над нивната работа (на пр. укинати се медиумите кои ги проблематизираат решенијата на власта, судовите и јавното обвинителство не функционираат како независни делови на поделената власт, Собранието е претворено во гласачка машина, законите се применуваат селективно, отсуствуваат правила, процедури и критериуми кои на еднаков начин се применуваат во однос на сите луѓе).

Цели кои треба да се постигнат:

Да се слушне гласот на граѓаните,  да се изнесе на виделина незадоволството од функционирањето на власта, да се избегне синдромот на туѓ проблем и да се анимираат поголем број граѓани, да се спречи натамошно искористување на ресурсите за потребите на владеачката структура, да се создаде ситуација во која е видливо дека власта го изгубила легитимитетот на сопственото владеење, да се сруши актуелната владеачка структура.

Начини на кои се изведува граѓанската непослушност:

Граѓанската непослушност вообичаено е ненасилна и дозволени се сите начини (со огромна доза на креативност) кои можат јасно да ја пренесат пораката. На пр.: демонстрации (вообичаено станува збор за континуирани/продолжителни демонстрации на поголем број луѓе или пред конкретни институции), блокирање на улици (со седење, лежење, пеење, цртање), спречување на изградба на сплавови и рингишпил, спречување на движење во конкретни област, блокирање на административни згради (посебно на Влада, Собрание, Суд, Претседателска резиденција, министерства), пишување на графити, спинување, хакирање, бел штрајк (кога се оди на работа но не се извршуваат работните задачи), неисполнување на граѓански обврски, …

Во секој начин на изразување на граѓанската непослушност мора да има симболика која ќе се однесува на конкретната промена која се бара. Граѓаните мора да се спротистават на власта кога злоупотребува. На пр. донесен е буџет на неправен начин и со буџетски ставки кои значат несоодветно трошење на парите на граѓаните. Секој акт на трошење на несоодветен начин на парите може да биде отежнат. Тоа значи: стоење пред булдожери, блокирање на користење на материјал, запирање на пратки на царина, попречување на работа на работници, …

Очекувана реакција од власта:

Можни се: апсења, процеси, поддршка на насилни групи, блокирање, отпуштање, дисциплински постапки, навредување, клеветење, ограничување на проток на информации, полициски мерки. Секоја од овие постапки мора да биде искористена за зајакнување на пораката и стимулирање на нови облици на отпор.

Вака е во светот, ајде да пробаме и ние. Време беше.

Leave a comment

Your email address will not be published.