ИЗМОТАВАЊЕ

Имам братучед кој од секогаш сум го чувствувала како постар брат. Како мали, кога ептен нешто ќе запнев да ми направи (а тој не сакаше да го направи тоа), правеше финта која ме вадеше од кожа. Имено, што и да направев (на пример ќе се насмеев или ќе се свртев на лево или десно, или…) тој ќе ми речеше: е баш мислев да го направам она што го сакаше, ама ти се сврте на десно и сега нема да ти го направам (како казна). Дежурен изговор. Измотанција.

Исто така го чувствувам и ова што му се случува на мојот народец со ЕУ интеграциите.

Властодршците го убедија дека е важно каква слика ќе создадеме кон надвор и народецот трпеше, подголтнуваше и веруваше дека кај да е ќе се влези некако во таа ЕУ. Не му беа потаман работите, не живееше баш добро, многу неправди гледаше, ама ќе се стиснат заби и ќе се издржи за подобро утре кое еве туку што не стигнало.

Во меѓувреме, меѓународњаците видоа напредок таму каде што назадувавме, утврдија реформи таму каде што се градеше монолит на диктатурата, не најдоа прекршувања таму каде што имаше жртви и ја нарекоа демократска власт власта која ја рушеше демократијата. Се само да го решат хирот на една своја членка. И народецот заклучи дека мора да е така. Сигурно ова што го имаме е таа демократија за која толку се зборува. И владеењето на правото ќе да е ова што го имаме. Само името да го решиме, и ете не нас во ЕУ.

Ама тие што се завластија ја разбраа играта. И почнаа да пљачкаат и да малтретираат и да се изживуваат. Ги превртеа сите вредности наопаку, па она што е стручно, професионално, паметно беше исфрлено на улица или поттурнато настрана, а се што е со ограничени ментални капацитети, без знаење и вештини, одеднаш исплива на површината и почна да се перчи со својата глупост и незнаење. И го промовираа насилството како највисок дострел на демократијата. И забранија да се зборува и да се мисли и да се жали. Забранија да се биде индивидуа.

И на народецот почна да му збоктисува. Не се трпи веќе. И почна да излегува на улици. Ваму едни, таму други, додека не почнаа да се присобираат заедно. И рекоа АМАН доста веќе. АМАН дајте да дишеме. АМАН мора да се тргнете од власт за да не умреме. На мојот народец уште не му пукнало сосема. Мојот народец е многу трпелив. И жилав. И да ви кажам право јас и не би сакала да му пукне затоа што тогаш се тепа и се крши.

И тогаш се појавија мудрите ЕУ глави и рекоа: мора да се договорите, мора да разговарате, мора да играте по правилата на играта и тогаш кога се менуваат секојдневно па дури ни формално не постојат. И го изрекоа дежурниот изговор, Е БАШ СЕГА САКАВМЕ ДА ГИ ЗАПОЧНЕМЕ ПРЕГОВОРИТЕ А ВИЕ НАЈДОВТЕ ДА СЕ БУНИТЕ.  ДА НЕ СЕ СЛУЧЕШЕ ОВА СИГУРНО ВОЈ ПАТ ЌЕ ЗАПОЧНЕШЕ ПРОЦЕСОТ, АМА САМИ СТЕ СИ КРИВИ И САМИ ТРЕБА ДА СИ НАЈДЕТЕ ИЗЛЕЗ.

Не, во случајов не мислам дека сме сами криви. Криви се и тие кои воспоставија стандарди кои наводно требаше да ги достигнеме, па се откажаа од нив. Криви се и тие кои ветија дека ќе ни помогнат во учењето што е демократија, па си отидоа на пауза. Криви се и тие кои најлицемерно   ја прифатија диктатурата како скалило кон демократијата. И криви се сега кога не знаат да запрат со измотавањето и го навредуваат она малку достоинство што остана во мојот народец.

Јас лично мислам дека секој кој ќе даде позитивен извештај за Македонија во услови на владеење на ВМРО-ДПМНЕ е непријател на мојот народ и не му мисли добро и сака да ја овековечи диктатурата на овие простори.

Leave a Reply

Your email address will not be published.