ИЗБОРИ 2013/2 – ЗАР НАВИСТИНА САКАТЕ СО ДРЖАВАТА ДА ВЛАДЕАТ КРИМИНАЛЦИ?

Според Изборниот законик чл. 71:

(9) Сите средства наменети за финансирање на изборната кампања се уплатуваат на трансакционата сметка од ставот (1) на овој член и сите трошоци за кампањата исклучиво ќе се покријат од средствата на таа сметка.

Сите и исклучиво се многу прецизни и неспорни определби. Тоа значи дека не смее да има ниту денар (апсолутно ниту еден денар) кој е потрошен за кампањата а кој не поминал низ посебната трансакциона сметка отворена токму за таа намена.

Ова е зајакнато со посебен член од Кривичниот законик 165-а според кој:

(1) Организатор на изборната кампања кој со непријавување на изворот на финансии на изборната кампања, со спречување на надзорот над трошењето на планираните средства, со неподнесување на финансиски извештај за потрошените средства, со пречекорување на законските ограничувања на средствата дозволени за изборна кампања, со користење на недозволени средства за изборната кампања, со исплати спротивни на кампањата за финансирање на кампањата или на друг начин го злоупотреби своето со закон определено овластување како организатор на кампањата, ќе се казни со затвор од најмалку пет години.

(2) Со казната од ставот (1) на овој член ќе се казни одговорно лице во правно лице кое нема да пријави донации и други средства за финансирање на изборна кампања, ќе го спречи надзорот над финансирањето или помагањето на друг начин на изборна кампања, нема да поднесе финансиски извештај или ќе даде лажни или непотполни податоци за дадени донации и други средства, ќе ги пречекори законските ограничувања на средствата дозволени за изборна кампања, ќе обезбеди недозволени средства за изборна кампања, ќе исплати средства спротивно на намената за финансирање на кампањата или на друг начин ќе го злоупотреби своето овластување определено со закон.

(3) Тој што спротивно на ограничувањата определени со закон тајно ќе донира за туѓа изборна кампања или кампања за избори во кои самиот учествува со износ кој во поголема вредност го надминува законскиот максимум, ќе се казни со парична казна или затвор до три години.

(4) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.

(5) Незаконски обезбедените средства се конфискуваат.

Тоа значи дека употребата на средства кои не се пријавени како средства наменети за изборната кампања е кривично дело за кое е одредена казна затвор најмалку пет години. Овие дела се гонат по слуѓбена должност. И тоа значи дека Јавното обвинителство веднаш мора да го процесира секој случај во кој постои сомнение дека  е прекршен членот 165-а.

Кога министрите и функционерите од власта (претставници на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ) користат службени возила за да стигнат до местотот на одржување на изборниот митинг – тоа е непријавен извор на финансии. Кога министрите, функционерите од власта и администрацијата (ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ) учествуваат во организирање и присуствуваат на изборните митинзи во работно време – тоа е непријавен извор на финансии. Кога се искористува МРТ како јавен медиум платен од давачките на граѓаните за промоција на владеачката политичка гарнитура (ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ) – тоа е непријавен извор на финансии. Кога се искористува било кое јавно претпријатие во функција на изборните кампањи (ЈСП на пример) – тоа е непријавен извор на финансии.

Мислам дека граѓаните треба да започнат со поднесување кривични пријави до Јавното обвинителство со цел иницирање на истрага за сите овие прекршувања и изведување на прекршителите пред суд.

Можеби Јавниот обвинител нема да реагира, меѓутоа то можа понатаму да биде искористено и да се побара одговорност на Јавниот обвинител и негово соодветно казнување.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.