НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ 2013 ЈАС ЌЕ ГЛАСАМ ЗА СДСМ И НИВНИТЕ КОАЛИЦИОНИ ПАРТНЕРИ

Зошто ќе гласам за СДСМ?

1. Затоа што е добро да се менува власта. Секое заседнување на една владејачка структура за подолг период значи поголема можност за злоупотреба, намалување на контролата, манипулација и прилагодување на системот на сопствените потреби.

2. Затоа што актуелната власт направи многу негативни потези со кои се загрози демократскиот систем кој се обидуваме да го изградиме. Извршната власт ја потчини законодавната, излезе потполно од контрола на Собранието и успеа да го прикаже донесувањето на закони по своја мерка како дел од демократскиот процес. Во изминатиот период граѓаните никој за ништо не ги прашува (дури Тодоровиќ неодамна ни соопшти дека и проектот Скопје 2014 бил спонтано изработен и не гледа зошто би требало воопшто да се прашуваат граѓаните кога се трошат нивните сопствени пари), што значи дека недостасува основниот елемент на демократското владеење – учество на граѓаните и задоволување на потребите и интересите на граѓаните.

3. Затоа што актуелната власт го уништи и самиот поим на владеење на правото. Ја дезавуира институцијата Јавен обвинител, ги сотре судовите и ги стави сите контролни тела (уставен суд, антикорупциска, народен правобранител, анкетна комисија) под чизма.

4. Затоа што актуелната власт промовира, поддржува и заштитува примитивизам, мобинг и насилство и оневозможува воспоставување на правила, процедури и критериуми кои би ја ограничиле во самовластието и би овозможиле контрола и отчетност.

Лично не мислам дека СДСМ се цветна градина. Со многу потези покажаа политичка незрелост и спремност да го стават националистичкото над граѓанското. Меѓутоа, сигурна сум дека само со смена на власта може да се извлечеме од дупката во која сме заглибени и верувам дека секоја смена на власт претставува шанса за натамошен развој и напредок.

Мојата прогноза за локалните избори 2013 е дека во поголем дел од општините ќе доминира актуелната владејачка политичка гарнитура, меѓутоа дека во голема мера ќе се намали просторот на нејзиното севластие и ќе се создадат услови за брза промена на власта и на централно ниво.

Важно е да започне промената и да се направи што е можно побргу.

Лично, се уште мислам дека наместо вонредни парламентарни избори треба да имаме технократска власт од завршувањето на локалните избори па се до моментот на редовните во 2015. На тој начин ќе се овозможи воспоставување на разрушениот систем, ќе се спречи бесмисленото трошење на парите на граѓаните и ќе се создадат услови новоизбрана власт да не ги трпи последиците од манипулациите на претходната.

47 total views, 2 views today

Leave a Reply

Your email address will not be published.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.