ЗА УСТАВНИОТ СУД, РЕГИСТРИТЕ НА ОСУДЕНИ ЗА ПЕДОФИЛИЈА И ЈАВНОСТА

Интересно нешто – кога судовите носат одлуки кои ги милува власта тогаш тие одлуки не смеат да се коментираат, а власта ги штити авторитетот и независноста на судиите. Наспроти на тоа, кога се носта одлуки кои се спротивни на ставовите на владеачката структура, тогаш ширум е отворена вратата за навредување, омаловажување, закани, јавен линч, притисоци, етикетирање на судиите.

Не сакам погрешно да бидам разбрана или пренесена. Според мене педофилијата е страшна работа. Тоа е злоупотреба на моќта на возрасниот, злоставување кое остава долготрајни и комплексни последици, чин кој бара организирана реакција на целото општетсво.

Сметам дека треба да има високи казни за секој акт на сексуална злоупотреба на децата, дека треба да се изнајдат начини за превенција на актите на педофилија и механизми за предупредување на децата и родителите на опасноста.

Меѓутоа од самиот почеток се спротиставив на идејата за јавни регистри на луѓе осудени за педофилија. И ја поддржувам превземената активност на Уставниот суд за преиспитување на уставноста на ова законско решение. И пред се, најостро се спротиставувам на личните напади, повикот на линч, навредите, омаловажувањето, етикетирањето на судиите кои решиле да се расправа за ова прашање.

1. Прво, затоа што сметам дека се треба да биде предмет на расправа. Не смее да има табу теми за кои некој ќе рњши без да бидат разгледани сите аргументи за и против.

2. Второ, затоа што сметам дека власта е таа која под никакви услови не смее да врши притисок врз судството. А токму власта (олицетворена во миноистерот за труд и социјална политика и во медиумите покорни на власта) си дозволи да го оспори правото на судиите да расправаат за одредено прашање и најотворено врши притисок врз нив во насока на донесување соодветно решение.

3. Трето, затоа што ограничувањето на основните права и слободи мора да се прави многу претпазливо и на начин кој нема да задре во нивната универзалност и нема да отвори врата на нови ограничувања кои во крајна линија ќе го негираат самиот концепт на човековите права.

Јас лично мислам дека постоењето на јавен регистер на луѓе осудени за педофилија е проблематично од аспект на концептот за човекови права од повеќе причини:

1. Прво, се поставува прашањето зошто баш регистер на луѓе осудени за педофилија, а не и за други кривични дела? Зошто баш сексуалниот чин ги издвојува како посебна категорија од останатите насилници врз децата? Зошто не и регистер на оние кои тепаат деца. На оние кои толку ги запоставуваат што децата се претвораат во монструми. На оние кои ги изгладнуваат и со тоа трајно им го нарушуваат здравјето. На оние кои ги изложуваат на насилни содржини, кои ги учат на насилство, кои хушкаат едни против други како во борби на петлиња, на оние кои им го одземаат воздухот за дишење и водата за пиење. На оние кои им ја одземаат иднината на достоинствено живеење?

2. Второ, се поставува прашањето ако веќе сексуалниот чин претставува посебно важен елемент на кривичното дело, зошто на ист начин не се направи регистер на сите силувачи, злоставувачи, подведувачи, трговци со жени?

3. Трето, се поставува прашањето за непогрешливоста на судот. Што ако судот згреши? Што ако е осуден човек кој не го направил делото, а неговото име веќе стоело испрчалено во нкој јавен регистер? Дали ќе има и регистр на погрешно осудени?

4. Четврто, ваков регистер само ја поттикнува хајката базирана на незнаење. Хајка во која се шират невистини, како на пример: Профил на македонскиот педофил е 35-годишен необразован човек од рурална средина.Најчесто се затворени и некомуникативни кон средината,но сепак психолозите велат дека постои начин да се препознае педофил. Или: Лек за педофилија нема, а ниедна казна не преобратила педофил велат психолозите.

Во светот се зборува за педофилијата, се анализира и се бараат начини како да се заштитат децата од злоупотреба. Едноставното поставување на осудените за педофилија на срамен столб ништо не решава: ниту ќе ги дестимулира останатите, ниту пак ќе ги заштити децата.

Вистинска заштита е: превенција (секојднево испитување на менталната состојба на оние кои се бават со деца), едукација на децата (да научат дека имаат право да се спротистават, да кажат, да се бранат), третман на луѓето кои веќе биле активни сторители на педофилски акт.

Педофилијата е ментално растројство кое многу често корените ги има во минатото на сторителот (кој во некој момент и самиот бил изложен на акт на педофилија или на друг начи бил злоставуван како дете). 

Што вели Библијата за педофилијата? А за Александар и да не зборуваме.

И да повторам, секое злоставување, малтретирање, искористување, злоупотреба, на дете има трајни последици врз неговиот психички и физички развој и се рефлектира во она во што ќе се претвори како возрасен човек. И мора да биде спречено и санкционирано.

И да повторам, судиите на Уставниот суд треба да расправаат, власта не смее да врши притисок врз нив, а сите медиуми кои си дозволија линч на конкретни судии заради искажано мислење треба да бидат соодветно санкционирани.

Така се прави во демократските држави.

Leave a comment

Your email address will not be published.