ЗОШТО ОПОЗИЦИЈАТА НЕ ТРЕБА ДА ГО ПРИФАТИ ПРЕДЛОГОТ НА ГРУЕВСКИ ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ?

Одеднаш, во средина на сопственото севластие, премиерот Груевски, фрли ракавица на предизвик до опозицијата за одржување на предвремени избори во октомври 2013 година.

Секој просечно паметен човек би се запрашал зошто некој кој е веќе на власт, кој наводно ја води државата во континуиран напредок и просперитет и кој има визија за перспективата на државата, би сакал да оди на избори? Што добива со нови избори тој кој е веќе на власт?

Според мене:

1. Внатре во партијата (ВМРО-ДПМНЕ) ќе се направат нови преструктуирања и ќе се обезбеди внос на свеж капитал (од оние кои сакаат во наредниот период да добијат дел од колачот).

2. Ќе се изврши нова мобилизација на членството кое почнува да се раслојува заради отсуство на било каква активност која има некакво значење поврзано со секојдневното живеење.

3. Ќе се направи нова прераспределба на сферите на влијание со партнерот во власта (ДУИ) и ќе се зајакнат разнишаните односи.

4. Ќе се искористи последен воз за продолжување на владеењето пред да почнат да се пројавуваат негативните последици од економското самоволие.

5. Ќе се дефокусира вниманието на граѓаните, односно, ќе се мобилизираат граѓаните околу државно-етнички-национални теми, наместо околу социјални и проблеми на секојдневното живеење.

6. Ќе се одложи прашањето на промена на името на државата.

7. Нема да има време за соодветна имплементација на препораките на ОБСЕ, Венецијанската комисија и ad hock комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа која бара да се воспостави јасна граница меѓу државата и партијата и да се воспостави систем на гаранции за администрацијата (посебно локалната) со цел одбрана од притисоците во текот на изборите.

8. Нема да се прочистат гласачките списоци.

9. Ќе се одложи одржувањето на пописот на населението и ќе се игра со бројките на население без опасност да бидат откриени малверзациите.

10. Ќе се искористат средствата од новите кредити за непродуктивни вработувања (кои ја водат Македонија во економска пропаст) и ново проширување на администрацијата и со тоа и проширување на гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ.

11. Наместо извештаи за постигнатотот (базирани на сериозни евалуации и поткрепени со бројки) ќе се подготват пропагандни материјали и ќе се влезе во нов циклус на ветувања со што всушност се измамуваат како сите граѓани така и сопственото членство.

12. Ќе се исплатат старите догови кон поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ и ќе се создадат нови (а со тоа и нови зависници за кои е од животна важност ВМРО-ДПМНЕ да биде на власт).

13. Ќе се оневозможи подготовка на опозицијата која е во процес на преструктуирање.

14. Ќе се оневозможи раскринкување на сите методи на лажирање на изборите.

15. Ќе се оневозможи дури и размислување за воспоставување на техничка/технократска влада која единствено во услови на продолжителна диктатура може да спроведе барем делумно слободни и фер избори.

16. Ќе се промовира нов бран на омраза меѓу луѓето, “антикомуњарство“ “етнички базирана омраза“, меѓурелигиска нетолеранција, кои ќе го оневозможат елементарно опстојување на граѓанството базирано врз индивидуалноста, а не врз колективитетите.

Заради овие исти причини заради кои ВМРО-ДПМНЕ сака предвремени избори, опозицијата не треба да се согласи на нивно одржување.

Многу е важно во државата повторно да се воспостави системот на редовни избори кои ќе овозможат како соодветна подготовка на опозицијата, така и разрешување на проблемите од претходните избори.

Во спротивно, изборите стануваат посебна економска гранка од која корист имаат единствено оние кои се на власт (всушност многу тесен круг на највисокото раководство и блиски на истотото), а главен губитник се граѓаните на Република Македонија.

Leave a comment

Your comment