НЕМАМ ПОЈМА КАКО ДА ОБЈАСНАМ

Навистина почнувам да се прашувам, дали можеби сепак проблемот е во мене самата. Не е возможно граѓаните на оваа држава да се толку забегани или толку глупи или толку мизерни и исплашени за да не можат да разберат едноставни рационални објаснувања. Мора да е до мене. Јас не знам да објаснам, или го правам тоа на начин кој не допира до луѓето. Или можеби станува збор за различни видови кои едноставно не можат да остварат комуникација и за бадијала се сите мои обиди.

Што има тешко да се разбере во тоа дека со хајката околу повикувањето пред суд (затоа што токму за тоа станува збор – повикување пред суд) на Шиповиќ (кој е попатно и невин, се додека не му се докаже вината во соодветна постапка и со правосилна одлука), МВР на чело со министерката и Министерството за правда на чело со министерот и Јавното обвинителство и целата судска фела која седи и гледа сеир всушност го прекршиле Законот за полиција според кој:

Член 35

Примената на полициските овластувања мора да биде сразмерна на потребата заради која се преземаат.

Од полициските овластувања се применуваат само оние со кои со најмалку штетни последици и во најкраток временски период ќе се оствари целта.

Во овој случај, потребата е Шиповиќ да се појави пред судот. Ако тој сам тргнал накај Македонија, ако е очигледно дека нема намера да се скрие или да побегне, ако не загрозува нечиј живот, тогаш најнормална работа е полицијата воопшто да не се ангажира. Тоа е сразмерно на потребата.

Во овој случај, секоја примена на било кое овластување на полицијата (како потполно непотребно) е штетно. Распишувањето на меѓународна потерница е уште попроблематично затоа што е спротивно на барањето целта да се оствари во најкраток можен рок. Во случајов, најкраток можен рок беше да се остави човекот да дојде во Македонија и дасе појави пред суд.

Член 36

Полициските овластувања полицискиот службеник ги применува по лична одлука, по наредба на раководен полициски службеник, на барање на надлежен суд или јавно обвинителство, согласно со закон.

Заради ова, молчењето на било кој од спомнатите органи во врска со постапката применета врз Шиповиќ, значи нивно согласување со оваа постапка. Ако се согласуваат со прекршување на законот тие и самите стануваат прекршители на истиот.

Просто и едноставно.

Може Бичиклиски да се пенави и бенави колку што сака, може пциштата на ВМРО-ДПМНЕ да лајаат наоколу до безсвест, може судиите да се правата наивни, а јавните обвинители неповикани, меѓутоа ситуацијата е многу проста: прекршен е законот.  

Моја интерпретација е дека со прекршувањето на законот и со начинот на реакција на сите државни и правосудни органи, и посебно на медиумите кои се платени од страна на власта, станува збор за дел од политичка хајка и дека Шиповиќ на овој начин станува политички затвореник. Исто како Вранишковски, исто како Рамковски, исто како Кежаровски, исто како …

Толку од мене за случајов. Јас навистина не знам како поедноставно да објаснам толку едноставна работа.

Мора да е до мене.

 

Leave a comment

Your email address will not be published.