СООПШТЕНИЈА ЗА ЈАВНОСТА

Прво го видов соопштението за јавноста на Музејот на македонската борба…. во врска со протестите организирани од страна на новинарите, и се изнервирав. Не само од патетиката со која изобилува, не само од апсурдната порака да одат да протестираат пред празни згради, наместо пред местото каде што се очекува да биде целата актуелна владејачка структура, туку и заради пораката дека не се пожелни револуционерни активности на денот на прослава на револуционерната борба.

Потоа го видов соопштението на Основниот Суд Скопје 1 (подоле е интегралниот текст на ова соопштение) за реакциите во врска со пресудата за новинарот Кежаровски, и ептен се изнервирав. Прва мисла ми беше, па добро бре, зар навистина некој со завршен правен факултет може да напише вакво нешто? Вака неписмено? Бесмислено? Без трунка врска со правото?

И потоа ги погледнав двете соопштенија заедно. Истоветни. Напишани со иста инфантилна патетика на недоучено дерле со многу ограничени интелектуални капацитети. Неписмено, граматички погрешно, со огромна количина на незнаење и обид детското пелтечење да личи на сериозен муабет. Дојдени од штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Изработени по шаблон. Смешни и тажни.

И ме облеа жал. Жал за гревовите во музејот и за гревовите облечени во судска облека. Си ги замислив уплашените, ситни души како со растреперени раце ги примаат напишаните соопштенија кои им е наложено да ги претстават како свои. Си ги замислив  избезумено исплашените човечиња на кои им е јасно дека тоа што го пуштаат е бесмислица, меѓутоа немаат сили да се спротистават и да кажат не. Жал за згазеното достоинство на интелегенцијата. И жал за безизлезот во кој се наоѓа мојот народец, кога оние кои имаат можност и средства и моќ да направат суштинска промена, се клањаат пред кецарошчето од последните клупи.

22.10.2013   Соопштение за јавност

СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА

           Во врска со медиумските изјави по објавата на пресудата на Основниот суд Скопје 1 Скопје за случајот ’’Ликвидација’’ на 21.10.2013 година, наведени како лавина реакции на пресудата за Кежаровски Основниот суд Скопје 1 Скопје ја дава следната реакција:

          Судот со особено внимание го следи развојот на настаните и во текот на вчерашниот ден дадените реакции од новинарските здруженија ЗНМ, МАН, ССНМРМ, ЕФН како и реакцијата ОБСЕ и Специјалниот претставник за слобода на медиумско изразување Дуња Мијатовиќ и почитувајки ги уставно загарантирани демократски права и слободи на граѓаните на Република Македонија со кои се гарантира слободата на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, слободата на говорот, јавниот настап и јавното информирање ваквите реакции и изразеното незадоволство ги прифаќа секако во контекст на демократските права на слободно изразување.

          Судот како директно прозван во вчерашните реакции уште еднаш како повеке пати досега и за време на судската постапка укажуваше и укажува дека судската власт во системот суди единствено врз основа на Уставот и законите на Република Македонија во строго утврдена законска постапка, врз основа на факти и докази кои јавно се презентираат за време на судењето во контрадикторна постапка во која учествуваат и придонесуваат странките во постапката со можност за изнесување на предлози за изведување на докази и целосно утврдување на фактичката состојба на предметот. Обвинетите во постапката имаат свои бранители – адвокати кои се грижат за законитоста на постапката од формален и материјален аспект. Одлуките на судот како независна и самостојна судска власт во системот се донесуваат и објавуваат јавно и во име на граѓаните на Република Македонија како што е постапено и со објавената пресуда во конкретниот случај. Пресудата писмено не е изготвена бидејки за истото треба време и тоа исто така се прави во определени законски рокови, писмено изработената пресуда ќе содржи образложение од кои факти и околности се водел судот при донесувањето на својата одлука. Пресудата по писменото изготвување и доставување до странките на постапката подлежи на законско право на жалба до повисокиот суд, што значи сеуште не е правосилна, иако веднаш по објавувањето се коментира со што се создава јавно мислење а со тоа индиректно повторно се влијае и врши притисок врз судскиот систем.

          Основниот суд Скопје 1 Скопје смета дека се неосновани изјавите на новинарските здруженија дека судот не го осудил само новинарот Кежаровски туку пресудата е вперена против слободата на изразување и слободата на медиумите, изјавата дека Македонија е единствена земја во Југоисточна Европа со осуден новинар со затворска казна заради напишан текст во кој е злоупотребен институтот заштитен сведок и е откриен идентитетот на заштитениот сведок не треба за новинарите да претставува страв за вршење на професијата туку секако да предизвика сериозна загриженост кај новинарската фела за нивото на едуцираност на поедини новинари за законските прописи од аспект на сериозноста на фактите за кои известуваат наспроти во конкретниот случај злоупотребата на новинарското перо во функција на одредени интереси под превезот на јавниот интерес. Во оваа смисла ги прашуваме новинарите и сите оние што упатија остри реакции на пресудата на судот, дали јавниот интерес за откривање на заштитениот сведок и со тоа рушење на судска постапка претставува поголем јавен интерес од јавниот интерес за откривање на еден криминален акт на кривично дело убиство, кое е мерилото на совеста и етика на фелата за дадените остри реакции кон судот со кое ваквата слобода на говорот е ставена во функција на јавниот интерес и кој му го дал на новинарот правото по субјективна оценка да го брани јавниот интерес за нешто за кое државните органи кои го штитат јавниот интерес и ги спроведуваат законите воделе постапка.

          Во конкретниот случај се реагира и се коментираат законито утврдени осуди на казни врз основа на утврдена вина од страна на суд, во постапка во која се осудени повеќе лица, а новинарот е само еден од осудените при што дубиозата на реакциите и коментарите оди дотаму што без да се има и малку познавање за конкретните факти – доказите во постапката и кривичните дела извршени од секој од обвинетите со ваквите реакции се фаворизира фактот дека еден од обвинетите е новинар наспроти тоа што се осудени и адвокати, судии, поранешни судии, обвинител и други лица па изречената казна за новинарот иако е минимална законски пропишана за тоа кривично дело се споредува со другите осудени за кои се наведува дека биле прво или второ обвинети, а кои во конкретниот случај се осудени за други независни кривични дела за што се пропишани други казни во рамките на предвиденото со материјалните закони. Со реакциите се прави обид во јавноста да се прикаже дека судот применува драконски мерки, а новинарот претставува неука странка кој не бил воопшто свесен за последиците од објавените текстови, иако истиот неспорно е правник по струка и во своите текстови во списанието Репортер кога го објавил идентитетот на заштитениот сведок, детално го обработувал Законот за заштита на сведоци и по содржина и по суштина злоупотребувајки ја притоа дејноста новинар за да се прикаже сега во јавноста дека истиот го штител јавниот интерес наспроти постапка за кривично дело Убиство која се водела пред судските органи во тој момент. За судот конечно останува посебно нејасна и загрижувачка реакцијата на ОБСЕ дека преголемата казна за Кежаровски е загрижувачки развој кој испраќа јасна порака за цензура на другите новинари, при што нејасно останува како од кои причини и на што судот врши цензура при спроведувањето на законот во една демократска држава.

 Со почит,  Канцеларија за односи со јавност при Основен суд Скопје 1 Скопје

Leave a comment

Your email address will not be published.