Не е сеедно кој ќе биде претседател на државата

Како еден од механизмите кои треба активно да бидат вклучени во меѓусебната проверка и контрола на различните носители на власта, претседателот треба да поседува одредени карактеристики:

1. Треба да биде барем умерено паметен. Имавме искуство со двајца  претседатели кои не го исполнуваа овој услов (од кои едниот беше омилен, а другиот само смешен) и тие нанесоа неверојатно голема штета на државата (едниот беше дел од етничкиот конфликт во Македонија, а другиот дел од најголемиот пад на меѓународниот рејтинг на државата).

2. Треба да има интегритет кој се базира на неговата сопствена личност, а не на партијата која го предлага или стои зад него. На тој начин ќе може да се спротистави на неправото кое го предизвикува или поддржува неговата сопствена партија, а да го поддржи се она што е позитивно во делувањето на другите политички субјекти.

3. Треба да има знаење. Познавањето на правото и на политичките процеси, на меѓународните односи и современите текови на развојот, можат да бидат исклучително важни во остварувањето на функцијата претседател. Да знае да ги искористи надлежностите кои ги има согласно Уставот и законите (не постојат врзани раце, толку можам, за тоа е одговорен друг, и сл.)

4. Не смее да биде лигуш и бескичмењак кој се воодушевува и се подмочува во друштво на видни фаци. Претседателот морада има елементарно достоинство во односите со помоќни од себе, кое ќе обезбеди заштита на достоинството на целата држава и луѓето кои живеат во неа.

5. Треба да има способност за донесување осмислени решенија кои не ги повредуваат основните права и слободи на луѓето дури и во ситуации кога е изложен на притисок. Треба да знае да се спротистави и да биде цврст во одбрана на основните принципи и вредности на современото демократско општетсво, а флексибилен и подготвен за компромиси за прашања кои можат да донесат бенефиции на државата и сите граѓани.

6. Треба да биде претходно нашетан, а не да го користи претседателското место као најдобра туристичка агенција со која ќе патува низ светот и ќе ги открива убавините на далечните краишта.

7. Треба што помалку да ветува во текот на изборите. Секој оној кој ќе тргне со големи ветувања треба да биде пренасочен и својата кариера да ја побара како трговски патник или продавач во некој салон (на автомобили или мебел евентуално).

8. Да биде конзистентен во своите уверувања. Вртимуш кој ги менува политичките определби со цел доаѓање на власт не може да биде соодветна личност за претседател.

Не е важно дали е маж или жена, дали е убав или грд, дали е зрикав или има големи или мали уши, дали има скапа или офуцана гардероба, дали има шармантна насмевка или е намуртен.

Се станува залудно ако луѓето не разберат дека бираат човек кој треба да биде контролор на партијата на власт и дека гласаат за човек, а не за партија.

Во прилог мојот утописки список на желби од далечната 2001 година:

 

Picture1Picture2

59 total views, 1 views today

Leave a Reply

Your email address will not be published.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.