ЗАГЛАВЕНИ

Истражувањата кои се однесуваат на изборите во Репиблика Македонија исфрлаат на виделина над 30% неопределени гласачи.Оние кои до крај не се решаваат за кого ќе гласаат, кои не излегуваат да гласаат или кои во последен момент ќе се решат да го дадат својот глас. Моќна бројка.

suicidalstupidity_6656Гласачите во Република Македонија најчесто се определуваат меѓу двете главни опции: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ или ДУИ и ДПА. Сите политички опции во Македонија се етнички врамени. Секоја власт се гради врз основа на етнички консензус а не врз основа на консензус за програмските определби, алатките кои ќе се користат и натамошниот правец на движење. Консензусот многу малку значи договор во кој се вклопуваат различни идеи за развојот, а многу повеќе договор за поделба на колачот.

Најголем дел од граѓаните не го прават својот избор врз основа на разбирање на глобалните програмски определби и/или врз основа на разбирање за тоа во која насока ќе се движи државата кога определена политичка опција ќе дојде на власт. Се гласа врз основа на моментален, конкретен личен интерес поврзан со дневно дефинираното преживување.

Тоа значи дека генералните програмски и вредносни определби на една политичка опција и очигледната линија на движење, можат потполно да не кореспондираат со генералната идеолошко/вредносна определба на еден човек и неговите замисли за развој, а тој сепак да гласа за таа политичка опција. Тоа значи дека глобалните развојни тенденции на една политичка опција можат да бидат дури и во спротивност со добробитта на еден човек погледнато во перспектива, а тој сепак да гласа за таа политичка опција.

Најголем број од луѓето во Македонија гласаат стриктно во етничките рамки, а врз основа на многу краткорочно детерминирани очекувања за личен бенефит.

Ова од игра ја исфрла било која граѓанска опција која нуди визија за подолгорочен развој во рамките на кој можат да се остварат индивидуалните потреби и интереси (дури и тогаш кога се јасно исцртани и стратегиите за постигнување на ваквиот развој и алатките кои стојат на располагање). Едноставно кажано, граѓаните ќе ја изберат опцијата која им нуди можност да го наберат јаболкото од гранката која се сече, а нема да ја изберат опцијата која содржи план како да бидат искористени сите јаболка од јаболкницата, и како таа јаболкница да биде извор на јаболка уште многу години понатаму.

Вообичаени критериуми на гласање на македонските бирачи:

1. Гласам за партија на мојата етничка заедница (ако ме крадат барем мои нека ме крадат)

2. Гласам за партија од која можам да добијам конкретна/видлива/брза бенефиција (ќе гласам за оние кои: ќе ме вработат мене или некој мој близок независно од нивните глобални економски заложби; за оние кои ќе ми дадат нешто опипливо на подарок независно од тоа од каде потекнува подарокот и дали сум го заслужил; за оние кои нема да ме казнат за прекршување на законот во најконкретен случај сега и овде)

3. Гласам за партија која може да ги оствари своите закани и да ме казни за нелојалност.

4. Гласам за партија од која што се плашам и која може да ми наштети.

Заради ова се апсурдни повиците за формирање на некоја поинаква опција. Едноставно секој обид за градење на политички субјект врз граѓански основи, кој може да понуди алтернативни решенија на развој на државата врз принципите на демократијата и владеењето на правото однапред е осуден на пропаст заради тоа што нема да може да задоволи ниту еден од горните критериуми.

Таквиот субјект нема да ја нуди удобноста на етнички чиста средина, нема да нуди моментални бенефиции, нема да претставува закана.

Со други зборови, се додека на политичките партии се гледа како на:

1. работодавачи, а не како на креатори на политики кои треба да обезбедат вработување

2. мафијашки банди кои го кројат законот по своја мерка, а не како одговорни заштитници и спроведувачи на правото

3. дедо мразовци кои нудат пакетчиња, а не како збир од институции и политики кои треба да обезбедат одржлив развој и континуирано задоволување на потребите и интересите на граѓаните

Се до тогаш, нема шанси за било каква трета опција, а секој повик за вакво нешто е најчесто лажен и самиот повикувач на наредните избори ќе гласа за својата етничка група, за оној кој ќе му понуди работа и кој ќе го заштити дури и тогашкога го крши правото.

 

 

102 total views, 1 views today

Leave a Reply

Your email address will not be published.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.