ИЗМОТАВАЊЕ СО ДЕМОКРАТИЈАТА

Груевски: ВМРО-ДПМНЕ ја прифаќа фрлената ракавица – одиме на избори!

Во овој контекст се поставува прашањето: зошто две политички партии кои веќе се на власт сакаат повторно да излезат на избори?

Идејата на плурализмот е постоење на можност за организирање на луѓето околу различни идеи. Суштината на политичкиот плурализам е во постоењето на политички субјекти (партии) кои имаат одредени замисли за тоа како да се управува со државата и во која насока да се развива. За да го постигнат тоа тие се борат за освојување на власта.

Во моментот кога некоја политичка партија ја освои власта таа тежнее што е можно подолго да остане на власт и да има доволно време да ги развие /имплементира сопствените замисли.

Сигурна сум дека има некое многу длабокомислено објаснување кое јас никако не успевам да го доловам (нешто со масоните, светските завери, новооткриените планети во нашата галаксија и бројот 42 како број кој ја изразува суштината на животот).

Она што мене ми паѓа на ум е дека можеби станува збор за ситуација во која:

  1. Актуелните политички субјекти кои ја држат власта толку се заплеткале во сопствената мрежа на незнаење, неспособност, корупција и криминал што потполно го изгубиле компасот на владеење. За да не се види оваа нивна неспособност тие влегуваат во нов изборен процес во кој секојдневното управување се заменува со пароли, ветувања и розови проекции

 

  1. Актуелните политички субјекти кои ја држат власта почувствувале дека државата почнува да се распорува по линијата на социјалните рабови (луѓето почнуваат да ги изнаоѓаат заедничките интереси со припадниците на другите етнички заедници и да се обединуваат во поставувањето на барањата за економските и егзистенцијалните прашања)  и во изборите гледаат можност за мобилизација на населението по етничка линија, нова поделба, разграничување, разединување на луѓето и градење на нови бариери меѓу нив.

 

  1. Актуелните политички субјекти кои ја држат власта се уплашиле дека опозицијата почнува да се консолидира и да нуди вистински решенија за проблемите на граѓаните (кои почнуваат да ја слушаат и да ги надминуваат своите стравови) и се обидуваат да го фатат последниот воз кој би им овозможил барем уште неколку години владеење за довршување на грабежот, меѓутоа уште повеќе за затскривање на трагите на направените криминални дејствија.

 

Јас лично не мислам дека станува збор за било каква фрлена ракавица од страна на ДУИ (чии објаснувања зошто сакаат предвремени парламентарни избори се апсурдни и бесмислени), и за никакво прифаќање на фрлена ракавица од страна на Груевски. Не станува збор за никаков ривалитет, двобој или судир на мислења. Станува збор за фарса на ниво на примитивните ликови (кои стануваат симбол на ВМРО-ДПМНЕ) која на граѓаните им се продава наместо решавање на нивните горливи потреби.

Заради ова јас мислам дека граѓаните треба да ја прифатат фрлената ракавица од актуелните политички субјекти кои ја држат власта и да излезат на наредните избори и да гласаат ПРОТИВ.

Да гласаат ПРОТИВ обесмислувањето на правото со донесувањето на стотици закони по скратена постапка, без никакво влијание на граѓаните, спротивно на интересите на граѓаните.

Да гласаат ПРОТИВ кршењето на основните човекови права (на добивање и давање информации, на слободен избор, на слобода, на различност, на мислење, на сопственост, на образование, на заштита од тортура, на ефективен правен лек, на еднаквост, на протест, …).

Да гласаат ПРОТИВ неказнивоста на функционерите на власта, на неодговорноста, отсуството на контрола, заштитата на криминалот.

Да гласаат ПРОТИВ стравот, заплашувањето, заканите, уцените, поткупот, корумпирањето, нарушувањето на достоинството, омаловажувањето.

Да гласаат ПРОТИВ сиромаштијата, бесперспективноста, уништувањето на иднината, економската миграција.

Да гласаат ПРОТИВ агонијата во која е доведена државата на меѓународен план.

Да гласаат ПРОТИВ заостанувањето зад сите држави во околината, назадувањето на економски и на план на развојот на политичкиот систем, заглупавувањето.

ЈАС ЌЕ ГЛАСАМ ПРОТИВ!

Leave a comment

Your comment