ШТО Е ПРОБЛЕМАТИЧНО ВО ПРЕДЛОГОТ ЗА ПРИСТАПУВАЊЕ КОН ИЗМЕНА НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И НАЦРТ АМАНДМАНИТЕ ФОРМУЛИРАНИ ОД СТРАНА НА ВЛАДАТА?

ПРЕДЛОГ ЗА ПРИСТАПУВАЊЕ КОН ИЗМЕНА НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И

НАЦРТ АМАНДМАНИ

1. Предлогот е даден во период на политичка криза, кога од работата на Собранието отсуствува опозицијата. Тоа значи дека постои нецелосно претставување на граѓаните и било која промена на Уставот претставува своевидна узурпација на власта.

2. Јавна расправа не се спомнува во ниту еден од документите поврзани со предлогот за промена на Уставот. Имено, доколку власта навистина сака да го слушне мислењето на граѓаните и да го земе предвид ова мислење во крајната формулација на промената тогаш мора тоа да го направи на многу организиран начин уште во формулирањето на предлогот: а) дистрибуција на материјалот до единиците на локална самоуправа, до –струковите здруженија, невладините организации, професионалци, експерти и секако академската фела (2 месеци); б) претставување и објаснување на предлогот за измени (2 месеци); в) оставање доволно време (минимум 6 месеци) за расправа и прибирање на различни мислења; г) сортирање, класифицирање, подредување и сумирање на различните мислења и подготобка на извештај од спроведената јавна расправа (минимум 6 месеци); д) презентирање на извештајот од јавната расправа (3 месеци); ѓ) прибирање мислења за извештајот и заклучоците презентирани во него (2 месеци); е) подготовка и презентирање на завршен извештај од јавната расправа со измени на дадениот предлог направени врз основа на добиените мислења од страна на граѓаните (3 месеци) – ВКУПНО – 24 месеци, или – 2 години (минимум).

3. Од формален аспект, Предлогот е крајно непрофесионално и неписмено подготвен. Ако ги тргнеме настрана сите правописни и технички грешки, ако ја тргнеме на страна несоодветната структуираност, останува документ кој не исполнува ни минимум стандарди потребни за предлог за промена на Уставот. Промените се несоодветно формулирани, кај дел од нив нема никакви објаснувања, нема соодветно прикажување на различни искуства (позитивни и негативни и посебно искуства на праксата која се развива врз основа на направен уставни/законски промени), нема образложение на потребата за промена, односно, штетата која настанува во отсуство на новото решение кое се нуди.

Всушност, направена е кармакашија од двата дела: предлог и образложение и не се знае што е предлогот (нема јасна и прецизна формулација), а што образложението (кое се наоѓа и во првиот и во вториот дел од документот).

4. Некои од образложенијата дадени во објаснувањето за потребата од промена на Уставот се просто непристојни и претставуваат отворено измотавање со правото, демократијата и граѓаните. На пример, образложението за потреба од уставно дефинирање на фискални правила е дадено во 4 реда:“Причините за овој предлог се зајакнување на фискалната дисциплина и фискалната стабилност што е основен столб за стабилен финансиски систем.“. Кое е тоа решение со кое ќе се зајкне фискалната дисциплина, како ќе се зајакне фискалната дисциплина со ова решение, што е она што во моментов е причина за отсуство на фискална дисциплина, кои ќе бидат законските импликации од уставната промена, во што ќе се променат заштитно-казнените елементи на системот, … ништо од ова не е објаснето. Најверојатно нашите граѓани треба да им веруваат на жими мајка (бидејки ова е на апсолутно истоветно ниво со овој вид на ветување) на предлагачите на промената.

Втората промена (за меѓународната финансиска зона) е уште попрецизно образложена во 3 реда “Со создавањето на финансиската зона ќе се поттикне развојот на финансиските услуги во Република Македонија преку создавање на услови за  привлекување на меѓународни финансиски и трговски друштва.“ И толку. Нема објаснување за тоа зошто ни се потребни, како ќе изгледаат, какви обврски ќе наметнат, кои промени во правниот систем ќе подразберат, каков ќе биде дносот со домашната бизнис заедница, на кој начин ќе се разреши проблемот на нееднакво постапување во еднакви услови, какви заштитни механизми ќе се воспостават, кои правила ќе се применуваат, а кои не, што ќе значи тоа за меѓународните договори кои се веќе склучени или треба да се склучат, какви се досегашните искуства на држави кои практикуваат вакво решение …

Образложението дадено во нацрт амандманите формулирани од страна на Владата не е ништо подобро.

ОВА Е ВСУШНОСТ НАЈПРОБЛЕМАТИЧНАТА ПРОМЕНА КОЈА СЕ ПРАВИ ВО УСТАВОТ И НАЈВЕРОЈАТНО ТОКМУ ЗАРАДИ ТОА И НЕМА НИКАКВО ОБРАЗЛОЖЕНИЕ.

Picture1

Образложението на овој амандман (за разлика од амандманот за брачната заедница кое е дадено на 2 страни) е содржано во една реченица:Picture2

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Зошто само една реченица за уставна промена?

Затоа што било кое образложение на овој амандман ќе изнесе на виделина што всушност содржи.

а) се формира екстериторијална зона на која нема да важат македонскиот Устав и законите, ниту пак ќе делуваат македонските органи. Наместо законите на оваа територија ќе се применуваат акти кои ќе си ги донесат самите корисници на зоната. Тоа значи дека некој управник со поединечен акт ќе реши кои и какви правила ќе важат на еден дел од територијата на Македонија и никој ништо нема да му може.

ЗАКОНИТЕ НА МАКЕДОНИЈА СЕ ЗАМЕНУВААТ СО НЕЧИИ АКТИ. СУВЕРЕНИТЕТОТ НА ГРАЃАНИТЕ КОЈ СЕ ПРАКТИКУВА ТОКМУ НИЗ АКТИТЕ НА ДРЖАВАТА И НЕЈЗИНИТЕ ЗАШТИТНИ МЕХАНИЗМИ Е ПОТПОЛНО ОТФРЛЕН. ПОГОЛЕМО УНИШТУВАЊЕ И ОМАЛОВАЖУВАЊЕ НА ЕДЕН НАРОД НЕ МОЖЕ ДА СЕ ЗАМИСЛИ.

б) Овие правила ќе бидат од областа на прекршоците, работните односи, здравствена и социјална заштита, пензиско осигурување, даноци, сопственички односи, исплати, банкарско работење, …

в) Тоа што во зоната ќе се применуваат одредбите на Кривичниот законик, нема апсолутно никакво значење ако се има предвид досегашната пракса јавниот обвинител да не гледа криминал во ниту едно дејствие кое е спротивно на интересите на оние кои се на власта или конкретна, мала, група луѓе.

 

5. За промената која промовира уставно  дефинирање на бракот како заедница исклучиво меѓу само една жена воопшто не сакам да разговарам. Вакви бесмислици може да виреат единствено во многу заостаната и неука средина, а мој впечаток е дека оваа промена има само улога на decoy (свртување на вниманието од вистинските промени кои власта сака да ги протурка на штета на граѓаните, а на сопствена добивка).

 

6. Уставната жалба е следната опасна промена. За оваа промена исто така нема никакво образложение. Навидум се дадени искуства на други држави, меѓутоа тоа е само замаглување на потребата од давање вистинско и аргументирано образложение зошто и на кој начин проширувањето на уставната жалба (бидејки таа веќе постои за одреден вид прекршувања на човековите права) ќе придонесе за поголема и поедноставна заштита на правата на граѓаните.

Со оглед на тоа дека во дадените примери од другите држави (меѓу кои впрочем нема ниту една стара демократска држава) не е дадено практичното искуство од примената на уставната жалба/тужба, всушност немаме информација дали нивните решенија имале позитивен или негативен ефект.

Од друга страна, централизирањето на заштитата на човековите права во едно тело многу лесно може да биде насочено токму кон ограничување на заштитата (можност за полесна манипулација со едно тело, загушување на Уставниот суд со преголем број случаи кои го надминуваат неговиот капацитет, изигрување/отежнување на можноста на граѓаните да ја тужат државата пред Европскиот суд за човекови права).

 

   ЗАКЛУЧОК:

  • Предложените промени на Уставот по својата содржина и посебно, по процедурата во која се донесуваат претставуваат натамошно рушење на правниот поредок на Република Македонија.
  • Расправите кои се водат во врска со овие промени ќе бидат искористени единствено како алиби од страна на владеачката структура во создавањето на привид на демокеатско одлучување.
  • Промените во најголема мера се спротивни на интересите и потребите на граѓаните и не ги решаваат нивните проблеми, а ќе имаат негативни ефекти со продолжено дејство.
  • Промените може да овозможат поголема партиска контрола над одредени сегменти на државата и сигурно ќе обезбедат лична материјална корист на одредена група луѓе која во моментот се наоѓа на власт.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.