ЗА ОДБРАНАТА НА ВЛАДАТА ДАДЕНА ВО ВЕСНИКОТ “ВЕЧЕР“ ПОД ИНИЦИЈАЛИ: И.Т. – О.Ч.

Кратка анализа на написот НИКОЈ НЕМА ДОКАЗ ДЕКА ПОСТОЈАТ ФАЛСИФИКУВАНИ ПАСОШИ, А СЕ БАРА ОДГОВОРНОСТ ОД ДРЖАВАТА

1. За да може да се спроведе истрага кога постои сомневање за масовно фалсификување на пасоши не се потребни цврсти докази. Доволно е постоење на индиции, гласини, румор, случајно слушнат разговор. Тоа е доволно за институциите да се заинтересираат, да предложат евентуална примена дури и на специјални истражни мерки преку кои ќе соберат цврсти докази за поведување постапка.

Работа на полицијата и на јавното обвинителство е да собира и посочува цврсти докази, а не на граѓаните кои пријавуваат можно криминално дејствие. За тоа се платени, обучени и за тоа постојат.

2. Снимка со огромен број пасоши на едно место, со печати и дополнителен материјал е доволна основа за сомнеж дека се прави кривично дело. За што биле наменети тие пасоши, дали се веќе или ќе бидат уптребени не е работа на докажување на подносителот на пријавата. Самата полиција треба да се растревожи на помислата дека во државата може да и се појават фалсификувани документи.

3. Проверката дали станува збор за фалсификувана патна исправа или не не може да ја прави член на изборна комисија, на политичка партија или набљудувач на изборите. Навестувањето дека можеби имало употреба на вакви исправи при гласањето треба да ја алармира полицијата која е е динствена оспособена за откривање на ваков вид фалсификати. Изјавата на претседателот на Државната изборна комисија Никола Рилкоски дека на парламентарните избори не биле откриени случаи каде се гласало со фалсификувани лични документи е безвредна. Имено ниту тој ниту било кој член на ДИК немале средства да откријат софистициран фалсификат (да не зборуваме за ситуацијата кога можеби станува збор за од државата направен фалсификат). Тоа значи дека тој свесно ја манипулира јавноста со тврдење за нешто за што нема ниту компетенции, ниту средства ниту знаење.

4. Тврдењето на републичкиот јавен обвинител дека нема податоци за постапувањето на основното јавно обвинителство по доставениот материјал е безобразно измотавање. Имено, јавното обвинителство се организира врз принципите на хиерархија и субординираност. Тоа значи дека јавниот обвинител во секое време може и треба да има информации за тоа што се случува во обвинителството. “Јавниот обвинител на Република Македонија е одговорен за општите состојби во врска со организирањето и извршувањето на функциите на јавното обвинителство и за својата работа и за работата на јавното обвинителство одговара пред Собранието на Република Македонија“. “Јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија за својата работа одговараат пред јавниот обвинител на Република Македонија и Советот на јавни обвинители на Република Македонија.“ Или јавниот обвинител нема појма кои се неговоти надлежности или пак мисли дека во Република Македонија се сите неписмени будали на кои може да им каже било што. Тоа е исто како било кој министерда каже дека не може да дознае што се случува во неговиот кабинет.

5. Најсмешниот дел од изјавата се однесува на отсуството на адресата на фалсификаторот како клучен аргумент за несоодветност на приложените докази. Јас се надевам дека полицијата има задржано барем минимум доблест и дигнитет за да се огради од ова барање и да изјави дека тие се способни за водење елементарна истрага по поднесена пријава за сторено кривично дело. Во спротивно ќе морам дома да оставам писулче на кое ги молам сите евентуални крадци да остават адреса на живеење со цел поведување постапка против нив.

6. Тажната порака на премиерот кој плаче над несоодветната опозиција нема да ја коментирам затоа што ептен ме растревожува и нажалува.

7. Меѓутоа, барањето на министерката Јанкуловска секој кој поседува лажна исправа да го пријави тоа во МВР е уникатен егземплар на глупоста кој не смее да биде заобиколен. Заедно со барањето на адреса за сите евентуални крадци, јас ќе ги замолам и самите да се пријават, заради тоа што полицијата во Република Македонија функционира само по принципот на самопријавување на криминалците.

8. Тука доаѓаме и до проблемот на фалсификатот. Најдобар фалсификат на пари се прави доколку се обезбеди оригинална хартија која доаѓа токму од државни извори. Истото важи и за изработка на добар фалсификат на патна исправа. Значи прашањето е: дали некој од МВР обезбедил оригинални документи во кои може да се стават невистините податоци со што таквиот пасош станува фалсификуван? И да, прашање е дали станува збор за оригинални документи кои се подготвуваат за дистрибуција. Неспроведувањето истрага може да води до заклучок дека министерката за внатрешни работи била запознаена со активноста и учествувала во неа. За ова мора да се спроведе сериозна истрага од надвор, а министерката да биде суспендирана од нејзината функција за време на оваа и ваква истрага.

9. За да се открие дека пасошот е фалификуван треба некој од власта кој има такви ингеренции и такви можности да го открие фалсификатот. Власта која одбива воопшто да спроведе истрага многу лесно може да биде и власт која ќе дозволи дистрибуција и употреба на фалсификувани патни исправи без воопшто да реагира на тоа. Значи, најголема опасност во ваков вид криминални дејствија е можноста од замешаност на високи структури во власта. Токму заради ова е потребен моќен, деловно способен и сериозен јавен обвинител кој ќе има мозок и храброст да ја спроведе истрагата.

ЗАКЛУЧОК

  • Власта е виновна заради тоа што не се заинтересира како тоа на едно место во нечиј приватен стан се наоѓаат толку голем број пасоши
  • Власта е виновна затоа што одби да спроведе истрага
  • Власта е виновна заради тоа што со своите постапки и активности создава магла која многу лесно може да биде затскривање на кривично дело сторено во самите редови на власта
  • Власта е виновна заради тоа што не ни помисли дека за нешто, било што може да биде одговорна.

Неодговорната власт е авторитарна власт и со оваа изјава власта ја потврдува својата авторитарност.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.