ЗДРУЖЕНИЕ НА СУДИИ: ГИ ОСУДУВАМЕ ПРОТЕСТИТЕ ПРОТИВ СУДСКИТЕ ОДЛУКИ

„Здружението на судии на Република Македонија ги осудува протестите против судските одлуки без разлика што е загарантирано правото на протест на секој, судските одлуки единствено можат да се преиспитуваат во судска инстанца и непримерно е да се попречува работата на судовите и притоа да се користи улична демократија за промена на одлуки која и тие кои протестираат се свесни дека не можат да ги издејствуваат надвор од институционалното и во судска инстанца преиспитување на судската одлука“.

Мислам дека нашите судии нешто многу помешале. Она што претставува внатрешна организација и хиерархија на судството, и процедурата која мора да се почитува во рамките на судовите, ја претставуваат како процедура која важи и надвор од судовите и на која треба да се потчинат граѓаните.

Ајде сега едно мало предавање:

1. Во демократската држава не постои ниту еден сегмент на власта кој смее да биде надвор од контрола на граѓаните затоа што во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.

2. Судската власт е само една од трите власти во државата (покрај законодавната и извршната). Како и секоја друга власт и судската власт е под будно око на граѓаните и под постојана контрола. Судиите се избираат и можат да бидат разрешени. Тие имаат имунитет, меѓутоа “За имунитетот на судиите одлучува Собранието“. Во превод тоа значи дека за имунитетот на судиите одлучуваат граѓаните преку своите избрани пратеници.

3. Тие што се обидуваат од судските одлуки да направат табу теми, недопирливи догми или свето писмо, немаат појма што е демократска држава и што значи владеење на правото.

4. Судската постапка против новинарот Кежаровски од самиот почеток па се до крајот претставува една огромна, фатална грешка базирана на флагрантно кршење на елементарната правна логика, на Уставот, на меѓународните договори и на она малку содржина останата во актуелните закони во Република Македонија. Оваа постапка ја изложи на потсмев на цивилизираната јавност Република Македонија и на згрозување од страна на организациите за заштита на човековите права и слободи.

5. Сите инволвирани во оваа постапка требаа да бидат осудени од страна на сопствената фела, од срам да не можат да се појават во јавност, под итно да си поднесат оставки и да не се приближат до судската тога во својот живот.

6. Соопштението на Здружението на судиите во врска со овој случај, е доказ дека се тие инструменти на една политичка гарнитура, дека не само што не се срамат од фаталната грешка на нивните колеги (на која се смее цел свет), не само што не ја осудуваат туку се обидуваат и да ја одбранат, што сите заедно ги прави соучесници во актот на прекршување на правото (и во изложувањето на птсмев на нашата држава).

7. За судските одлуки се дискутира, судските одлуки се анализираат, судските одлуки се критикуваат, ако треба и се исмејуваат (што во последно време во Македонија претставува ептен лесна задачка ако се има предвид нивната непрофесионалност, нелогичност која граничи со апсурд и крајна неповрзаност со правото).

Судскиот авторитет не се добива со назначување за судија, туку се гради со донесување на квалитетни одлуки, кои ќе ја убедат јавноста не само во исправноста на судското решение, туку и во супериорноста на судското согледување на еден настан низ призмата на правото.

Leave a comment

Your email address will not be published.