АНАЛИЗА НА ГОВОРОТ НА ГРУЕВСКИ од 15.03.2015 (втор дел)

Во својот говор Никола Груевски не зборува за одговорност, за отчетност, за давање рачун и за препознавање на грешките.

Во ситуација кога опозицијата бара одговорност за направени прекршувања на Уставот, на меѓународните договори и на националните закони, во 13-те страни од говорот на Никола Груевски одговорноста се спомнува два пати:

– Затоа што народот бара од политичарите да бидат одговорни
– ВМРО-ДПМНЕ како одговорна и народна партија

Опозицијата обвинува дека владеачката структура предводена од ВМРО-ДПМНЕ го прекршила Уставот, ги прекршила меѓународните договори и ги прекршила националните закони за одредени многу конкретни прашања.

И Груевски свикува собир на кој сака да даде одговор. Тоа многу јасно го кажува уште на почетокот на својот говор:

– Нема избори, но ќе има одговор. Сериозен одговор!

Нормално е да се очекува неговиот говор да претставува одговор на обвиненијата истакнати од страна на опозицијата, говор кој е поттикнат од обвиненијата на опозицијата и кој нуди одговори на овие обвиненија.

Меѓутоа, во својот говор Груевски не зборува за обвиненијата на опозицијата.

Тој зборува за нешто сосема друго.

На пример, во својот говор Груевски ни соопштува дека:

Од 2006 до сега изградени се 45 основни и 5 средни школи

Во материјалите кои ги презентира опозицијата не станува збор за тоа дали се изградени основни и средни училишта или не. Колку што се сеќавам, никаде не беа спомнати основните и средните училишта. Не беа спомнати ни автопати или издвојувања за социјална заштита.

Меѓутоа, Груевски зборува за нив. Тоа значи дека Груевски одговара на прашања кои не се поставени. Дава податоци и отчет за нешто за што не му се побарани податоци и отчет. За што не е повикан на одговорност.

Во исто време, Груевски не одговара на поставените прашања. На пример: дали во министерството за внатрешни работи за време на изборите имало штаб на ВМРО-ДПМНЕ? Во целиот говор нема одговор ниту на ова ниту на некое друго прашање поставено од страна на опозицијата.

Тој си одговара на некои други, прашања кои никој не му ги поставил.

Тоа е исто како на суд, судијата да го праша обвинетиот дали го украл автомобилот, а тој да му објасни дека дома има градина во која одгледува зеленчук кој е со исклучително добар квалитет и сите комшии го фалат како многу добар градинар.

Всушност целиот говор на Никола Груевски претставува голема замена на теза, дефокусирање на вниманието од поставениот проблем. Избегнување да даде одговор и да преземе одговорност.

Што би рекол народот, не прави будали при здрав разум.

Amici-Aug-2013-1

Leave a comment

Your email address will not be published.