МЕЃУНАРОДНИОТ ФАКТОР ПРЕТСТАВУВА НУЖЕН КАТАЛИЗАТОР. НА ИСТО НИВО КАКО И ВО ВРСКА СО КОНФЛИКТОТ ОД 2001 ГОДИНА

Европската комисија нема да праќа експерти за набљудување на процесирањето на случајот “Пуч“.Странците не се мешаат во внатрешни прашања на независни и самостојни држави.И многу е важно да се каже дека политичкиот дијалог треба да се одвива внатре, нагласувам внатре во парламентот.Брисел нема магична формула за решавање на македонската криза.

Вака е во 2015 година.

Меѓутоа во 2001 година меѓународната заедница немаше ракавици и најотворено се вмеша во конфликтот.

Се поставува прашањето: зошто меѓународната заедница толку спремно реагираше во ситуација на конфликт меѓу две етнички заедници и во ситуација кога се постави прашањето за повреда/ограничување на правата на една етничка заедница, а со толкава голема резерва се поставува кога станува збор за конфликт кој не е етнички базиран (иако несомнено има импликации и на меѓуетничките односи), меѓутоа се темели на многу пошироки и подлабоки прекршувања на човековите права?

Дали Македонија треба да влезе во крвава граѓанска војна, за да предизвика соодветна реакција, и, наместо превентивно, меѓународната заедница да делува во ситуација на отворено насилство?

Дали тогаш ќе правиме нов Охридски договор и ќе започнуваме процеси на помирување и залечување на отворените рани?

Доколку тргнеме од претпоставката дека во Охридскиот рамковен договор е направен обид за разрешување на основните јазли кои го продуцираат меѓуетничкиот конфликт, интересно е да се погледне на овој договор низ призмата на актуелниот, “не меѓуетнички“ конфликт.

 

Охридски рамковен договор – 13.08.2001 ????? – 13.04.2015
Точките во наредниов текст даваат усогласена рамка за обезбедување на иднината на демократијата во Македонија и овозможување на развојот на поблиски и поинтегрирани односи помеѓу Република Македонија и Евро-атлантската заедница. Овој Рамковендоговор ќе го промовира мирниот и хармоничен развој на граѓанското општество,истовремено почитувајќи го етничкиот идентитет и интересите на сите македонски граѓани. Ова е дефинитивно актуелна заложба која произлегува од длабоко нарушените демократски вредности, отсуството на било каков, а камоли хармоничен, развој и отсуството на почитување на интересите на сите македонски граѓани.
Основни принципи
1.1. Целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели. Само мирни политички решенија можат да ја загарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија.  

Проблемот на насилството постои и во актуелниот момент, како:

–       Насилство врз пратениците во парламентот

–       Насилство врз политичките неистомисленици

–       Насилство врз граѓанскиот сектор

–       Насилство врз новинарите

–       Насилство врз сите оние кои имаат поинакво мислење од владеачката структура

–       Насилство врз секој кој поставува прашања или не се согласува со политиките и активностите на властодржците

 

1.2. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, и унитарниот карактерна државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања.  

Актуелната власт ја дели територијата на Македонија , покрај другото, и според „политичка припадност“: општините каде опозицијата е на власт се поинаку третирани од оние „нашите“.

 

1.3. Мултиетничкиот карактер на македонското општество мора да се сочува и да најде свој одраз во јавниот живот.  

Доколку наместо мултиетничкиот карактер, го поставиме плуралитетот, слободата на мислата и правото на слободно изразување на сопственото мислење како пандан на едноумието, ова барање е суштинско во актуелниот момент.

 

1.4. Една современа демократска држава, во природниот тек на својот развој и созревање, мора постојано да обезбеди нејзиниот Устав целосно да ги исполнува потребите на сите нејзини граѓани во согласност со највисоките меѓународни стандарди, коишто и самите постојано се развиваат.  

Имајќи го предвид предлагањето уставни промени без јавна расправа и спротивно на стандардите на меѓународната заедница, оваа одредба може потполно идентично да се примени на актуелната состојба. А и постоечките одредби на Уставот важат само за партиските активисти или највисоките ешалони на партиите на власт, и тоа само кога тоа е во нивна полза.

 

1.5. Развојот на локалната самоуправа е од суштествено значење за поттикнување на учеството на граѓаните во демократскиот живот, и за унапредување на почитувањето на идентитетот на заедниците.  

Отсуството на партиципација на граѓаните во одлуките на локалната самоуправа и отсуството на било каква јавна расправа за прашањата од нивни интерес, претставува еден од базичните проблеми и извори на конфликтот.

 

2. Прекин на непријателствата
2.1. Страните го истакнуваат значењето на заложбите од 5 јули 2001 година. Ќе има целосен прекин на непријателствата, целосно доброволно разоружување на етничките албански вооружени групи, и нивно целосно доброволно распуштање. Тие го прифаќаат фактот дека за донесување Одлука од страна на НАТО да помогне во овој контекст, ќе биде потребно воспоставување општ, безусловен и неограничен прекин на огнот, согласност за политичко решение за проблемите на оваа земја, јасна заложба на вооружените групи доброволно да се разоружаат, и прифаќање од сите договорни страни на условите и ограничувањата во рамките на кои ќе делуваат силите на НАТО. Исклучително актуелно! Власта има монопол на вооружените полициски и параполициски структури, но ги користи како „партиски вооружени сили“!!! Итно потребно разоружување и распуштање на параполициските структури, а полициските структури да излезат од партиските рамки.
3. Развој на децентрализирана власт
3.1. Ќе биде усвоен ревидиран Закон за локална самоуправа со кој ќе се зајакнат овластувањата на избраните локални претставници, и значително ќе се зголемат нивните надлежности во согласност со Уставот (како што е измените во согласност со Анекс А) и Европската повелба за локална самоуправа, при што ќе се одрази принципот на вертикална организираност кој што во моментов важи во Европската унија.Зголемените надлежности пред се ќе се однесуваат на областите на јавните услуги,урбаното и руралното планирање, заштитата на животната средина, локалниот економски развој, културата, локалните финансии, образованието, социјалната заштита

и здравствената заштита. Ќе се усвои Закон за финансирање на локалната самоуправа за да се обезбеди соодветен систем на финансирање, за на локалните власти да им се овозможи да ги исполнуваат сите свои надлежности.

Отсуството на вистинска децентрализација и деконцентрација на власта и подведувањето на локалните интереси под капата на партиските интереси, претставува проблем со кој во моментов се соочуваат сите граѓани на Република Македонија. Одлучувањето е поместено на централно ниво и секое спротивставување се санкционира или се вложуваат вонправни или се злоупотребуваат правните инструменти за „контрола на непослушните“.
3.2. Во рок од една година по завршувањето на новиот попис, кој под меѓународен надзор ќе биде спроведен до крајот на 2001 година, ќе бидат ревидирани општинските граници. Ревизијата на општинските граници ќе биде спроведена од страна на локалните и националните власти, со меѓународно учество. Пандан на овој дел од Рамковниот договор е спроведувањето на попис. Иако актуелната власт започна со спроведување попис – се откажа и без објаснение – не го продолжува или обновува тој процес.
3.3.Со цел да се обезбеди дека полицијата е свесна за и одговора на потребите и интересите на локалното население, локалните началници на полицијата ќе ги избираат советите на општините од листи на кандидати предложени од страна на Министерството за внатрешни работи и истите редовно ќе комуницираат со советите. Министерството за внатрешни работи ќе го задржи овластувањето за разрешување на локалните началници на полицијата во согласност со законот. Партизацијата на полицијата ја дезавуира оваа одредба и ја претвори полицијата во партиска машинерија за угнетување на политичките неистомисленици и заплашување на граѓаните.
4. Недискриминација и правична застапеност
4.1. Целосно ќе се почитува принципот на недискриминација и рамноправен третман на сите лица пред законот. Овој принцип особено ќе се применува во однос на вработувањата во јавната администрација и јавните претпријатија, како и кај пристапот до јавното финансирање за равојот на деловните активности.  

Дискриминацијата (посебно онаа врз политичка основа), дискриминирачките практики при вработувањето во јавната администрација и јавните претпријатија, и посебно при пристапот до јавното финансирање, претставуваат елементи актуелни за денешната ситуација во Република Македонија.

 

4.2. Во законите со кои се регулираат вработувањата во јавната администрација, ќе бидат содржани мерки со кои ќе се обезбеди правична застапеност на заедниците во сите централни и локални јавни тела и на сите нивоа на вработување во тие тела,истовремено почитувајќи ги правилата за компетентност и интегритет според кој се раководи јавната администрација. Властите ќе преземат активности за да ја корегираат постоечката неврамнотеженост во составот на јавната администрација, особено преку вработување припадници на заедниците со недоволна застапеност. Особено внимание

ќе се посвети на тоа да се обезбеди, колку е можно побрзо, полициските служби генерално да го одразат составот и распределбата на населението во Македонија, како што е специфицирано во Анекс Ц.

Доколку наместо припадниците на етничките заедници се стави поимот на припадници на други политички партии, се добива апсолутно истоветна ситуација и многу слична потреба, со цел надминување на конфликтот.
4.3 За Уставниот суд, една третина од судиите ќе се избира од страна на Собранието, со мнозинство од вкупниот број пратеници, која ќе содржи мнозинство од вкупниот број пратеници кои тврдат дека припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Македонија. Оваа постапка ќе се применува и при изборот на Народниот правобранители на тројца членови на Судскиот совет. Уставниот суд се покажа како тело кое лесно може да биде корумпирано и извитоперено во алатка на владеачката структура. Тоа значи дека во еден иден мировен договор ова е една од ставките кои мора да бидат соодветно решени. 
5. Посебни собраниски процедури
5.1. На централно ниво, уставните амандмани и Законот за локална самоуправа, нема да можат да се усвојат без квалификувано мнозинство на две третини од гласовите, ворамките на што ќе мора да има мнозинство од гласовите на пратениците кои тврдат дека припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Македонија.  

Етничкиот модел може и треба да се постави како соодветен и кога станува збор за политичките партии, во ситуација на менување на такви закони кои имаат суштинско влијание врз демократските односи и владеењето на правото. Имено, токму менувањето на законите по скратена постапка и без никаков удел и влијание на опозицијата и граѓаните, доведе до ситуација на потполна ерозија на нормативата во Република Македонија.

 

5.2. За донесување на законите кои директно ги засегаат културата, употребата на јазикот, образованието, личните документи и употребата на симболи, како и на законите за локално финансирање, локални избори, градот Скопје и за општинските граници, ќе мора да постои мнозинство од гласови, во рамките на што ќе мора да има мнозинство од гласови на пратениците кои тврдат дека припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Македонија. Ова истото мора да се примени на одреден број закони кои се однесуваат на базичните демократски вредности и основите на политичкиот систем. Токму во првонаброената област – културата – е донесен закон без консултирање на културните работници туку исклучиво со партиски активисти. Потполно идентична ситуација и со практично сите нивоа на образованието.
6. Образование и употреба на јазиците
6.1. Во однос на основното и средното образование, наставата ќе се изведува на мајчините јазици на учениците, а истовремено во цела Македонија ќе се применуваат унифицирани стандарди за академските програми.  

Со декретски мерки се навлезе дури и во средното образование, а што предизвика и сеуште предизвикува дури и улични демонстрации.

 

6.2. Финансирање од страна на државата ќе се обезбеди за високо образование на јазиците на кои што зборуваат најмалку 20 проценти од населението во Македонија, а врз основа на посебни спогодби.   Пандан на ова е автономијата на универзитетот и буџетските издвојувања за развој на високото образование и на науката.
6.3. При уписот на државните универзитети на нови студенти, кои припаѓаат на заедници кои не се мнозинско население во Македонија, ќе се применува принципот на позитивна дискриминација се додека уписот правично не го одрази составот на населението во Македонија. Нема примена на позитивна дискриминација базирана на припадност кон политичка опција спротивна на владеачката.
6.4. Низ цела Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик.  

Пандан на овој елемент на Рамковниот договор е слободата на изразување воопшто и казнивоста на говорот на омраза.

 

6.5. Кој било друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од населението, исто така, е службен јазик, како што е овде образложено. Во органите на Република Македонија, кој било службен јазик различен од македонскиот може да се употребува во согласност со законот, како што понатаму е елаборирано во Анекс Б. Кое било лице што живее воединица на локална самоуправа во која најмалку 20% од населението зборуваат службен јазик различен од македонскиот, може да употребува кој било службен јазик за да комуницира со регионалната канцеларија на централната влада, надлежна за таа општина; таквата канцеларија, ќе одговори на тој јазик, дополнително на македонскиот.

Кое било лице може да употребува кој било службен јазик за да комуницира со главна канцеларија на централната влада, кој ќе му одговори на тој јазик, дополнително на македонскиот.

Слободата на изразување на социјалните мрежи, што е јазик на комуникација на веројатно повеќе од 20% од населението е постојана мета на „дисциплинирање“.
6.6. Во однос на локалната самоуправа, во општините каде одредена заедница сочинува најмалку 20% од населението на општината, јазикот на таа заедница ќе се употребува како службен јазик, дополнително на македонскиот. Во однос на јазиците на кои зборуваат помалку од 20% од населението во општината, локалните власти демократски ќе одлучат за нивна употреба во јавните тела. Општини, најверојатно под 20%, што се медиумски покриени само од МРТ се жртви на ограничено известување наводно врз основа на некаква одлука на Јавното обвинителство.
6.7. Во кривични и граѓански судски постапки на кое било ниво, обвинетото лице или која било страна ќе има право на превод на државен трошок на сите постапки, како и на документи во согласност со соодветни документи на Советот на Европа. Ако е ова право на еднаквост пред судските органи, таква еднаквост не постои кога на едната страна се партиите на власта, а на другата индивидуални граѓани.
6.8. Кои било лични документи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот, исто така, ќе бидат издадени на тој јазик, дополнително на македонскиот јазик, во согласност со законот.
7. Изразување на идентитетот  
7.1. Во однос на симболите, непосредно до симболот на Република Македонија, локалните власти ќе ја имаат слободата на предната страна од локалните јавни објекти да постават симболи со кои се обележува идентитетот на заедницата која што е во мнозинство во општината, со почитување на меѓународните правила и примени.
Повреди на човековите права кои се актуелни во рамките на денешниот конфикт
Нарушување на приватноста
Отсуство на ефективна правна заштита
Отсуство на можност за контрола на власта
Заложничко ропство
Родова нерамноправност
Дискриминација врз основа на сексуална припадност

 

Заклучок:

Во Република Македонија постои конфликт. Длабок и сериозен. Конфликтот е многу подлабок и посериозен од меѓуетничкиот конфликт од 2001 година. Има и жртви, и покрај тоа што тие не се толку лесно видливи како оние од вооружениот конфликт. А можна е и ескалација.

Меѓународната заедница еднаш се вмешала во внатрешните работи на Република Македонија кога мислела дека постои такво нарушување на човековите права кое и дава легитимитет за вмешување.

Актуелните состојби се карактеризираат со многу поголемо нарушување на многу поголем број човекови права за многу поголем број луѓе. Невмешувањето не може да биде оправдано.

Leave a Reply

Your email address will not be published.