ЗОНА НА СОМРАКОТ – МАКЕДОНИЈА или ШТО МИСЛИ ГРУЕВСКИ ЗА НАРОДОТ

Обраќањето на Никола Груевски  по повод денот на независноста на Република Македонија, дава ново значење на поимот ЗОНА НА СОМРАКОТ и експериментот Филаделфија.

Што ни кажа Премиерот во своето обраќање на 8.09.2015 година?

Премиерот ни соопшти дека на овие простори од секогаш живеел еден народ, но и други граѓани од различни етнички заедници и религии за кои Бог одлучил да  живеат на овие простори. Тој народ имал една мисла, да формира своја држава, која ја формирал во 1991 година, после формирањето на сопствена држава по Втората светска војна

Премиерот не поучи дека во 1991 година Македонија се ослободила од повеќеилјадигодишното ропство  кое настапило по пропаѓањето на империјата на Александар Македонски, а која низ вековите останува синоним со кој се поврзуваат   и идентификуваат луѓето кои живеат на овој простор.

По признавањето на државноста која била остварена по Втората светска војна, како резултат на борбата предводена од комунистите,  следела мачна борба за сопствена државност во која народот морал да се да се избори со комунистите кои го признале постоењето на малите народи и ја признале државноста на Македонија.

Вистинските борци и маченици за слободна Македонија, се пратениците од првиот пратенички состав на Собранието на Република Македонија од 1991 година,  кои успеале по цена на невидени ризици, напори и маки да ни ја донесат слободата, а посебно место во борбата за слобода на Македонија има Јордан Мијалков како министер за внатрешни работи.

Конечната битка започнала со референдумот за нзависност во кој сите што живеат на овие простори го дале својот глас. Од тој момент Македонија континуирано напредува и реди успеси. На тој пат на успехот НАТО и ЕУ остануваат на врвот на нашите приоритети, а попатно ќе спроведуваме и реформи кои ни ги бараат.

Во натамошниот напредок се судираме со неколку помали проблеми:

Прв проблем е јужниот сосед (оној, чие име не се изговара). Според Премиерот, тој проблем може многу едноставно да се реши до компромис кој би се состоел во тоа што соседот чие име не се изговара ќе се согласи  да седне на маса, на еден искрен муабет после кој ќе признае колку грешел сите овие години.

Втор проблем е слабата и неспособна опозиција која не може да и парира на владеачката партија и која мора да биде зајакната. Оваа и ваква опозиција е виновна за лошиот успех на учениците и поттикнува лошо и неквалитетно образование, го стимулира незнаењето и ја гради својата политика врз незнаењето (посебно на математиката) и  ја упропастува светлата иднина на генерациите ученици со ветување дека нема да мораат да учат математика.

Трет проблем е марихуаната која не смее да се легализира затоа што ќе направи многу лоши работи.

Четврт проблем се сиромашните бегалци кои се спремаат да нагрнат на Македонија, а немаат пари за превоз и кои имаат различни култури, различен степен на образование, различни религии, обичаи и начини на размислување и делување (што ги прави посебно опасни).

Петти проблем е Охридскиот рамковен договор, кој ги уништил меѓучовечките односи, меѓутоа, за среќа се појавиле поплавите кои повтрно ги приближиле луѓето едни кон други.

Шести проблем се жените кои не внимаваат на својот фертилитет, меѓутоа Владата нашла успешни решенија и раѓањето деца го претворила во најмодерна и најкултурна работа.

Владата е исправена пред голем предизвик  заради тоа што треба да се справи со  народот кој нема основни морални вредности, кој има отпор кон учењето и знаењето; мора да се посвети на провлекување способни бизнисмени – странци, заради тоа што овие домашните се потполно неспосбни; има задача да ги среди   неспособните наставници кои не прават никакви проверки на знаењето, не спроведуваат никакви тестови освен кога државата ќе ги прсили да прават екстерно тестирање и  кои најчесто се корумпирани, необјективни, подмитливи; со луѓето кои печалат пари, а кои не ги сакаат своите деца, немаат време за нив и ги подмитуваат наставниците; со младите кои се здружуваат и искажуваат поинакво мислење од она на власта што е катастрофално за општетсвото; со администрацијата во која се до 2015 се вработувале неспособни незналици без никакви квалификации, заради тоа што се до тогаш знаењето воопшто не било критериум при вработувањето во државната администрација.

Свесна за огромниот политички ризик Владата сепак се решава да ја воведе математиката како испит во матурата заради тоа што без математика  луѓето се интелектуално инфериорни и во исто време  прави грандиозни чекори кон постигнување поголема правичност со интензивно и секојдневно менување на сите закони кои претходно ги донела таа самата.

Leave a comment

Your email address will not be published.