ЕТЕ ТАКА, ЕДНА РАЗМИСЛА – ЗОШТО НА ЕУ И САД ПОВЕЌЕ ИМ ОДГОВАРА НА ВЛАСТ ДА ОСТАНЕ ГРУЕВСКИ ОТКОЛКУ НА ВЛАСТ ДА ДОЈДЕ СДСМ?

Кога во текстот го употребувам изразот САД и ЕУ , го употребувам како како генеричко обраќање, со цел поедноставување на текстот, при што, всушност ги подразбирам најкозервативните и во суштина декадентни кругови на САД и ЕУ кои успеваат да ја наметнат својата политика на овие простори.
1. Во ситуација на големи превривања во светот, развиените држави (оние конзервативните и декадентните кругови) гледаат да се зголеми бројот на стабилни држави, што многу често значи и недемократски држави. Важно е да нема големи немири, граѓаните да си седат дома и формално да функционираат институциите на системот. Во вакви услови прцули како Македонија едноставно стануваат колатерална штета на оваа потреба.
2. Државите во кои владее некое мало диктаторче многу полесно се контролираат (треба да го држиш на узда диктаторчето, а не да се расправаш со разгранат систем од институции и организации) од страна на конзервативните и декадентните кругови. На долги патеки ова се покажало како крајно опасна политика, меѓутоа на пократок рок секогаш дава резултати (посебно ако не ти е гајле за оние колатералците кои ќе го трпат диктаторот).
3. На ЕУ (оние конзервативните и декадентни кругови кои во моментов успеваат да се профилираат како доминантни) и се потребни тампон зони како одбрана од бегалскиот бран и секое дестабилизирање на Македонија би значело една тампон зона помалку.
4. Според процените на ЕУ и САД (оние конзервативните и декадентни кругови за кои зборуваме) многу малку веројатно е СДСМ и нивните поддржувачи да предизвикаат граѓанска војна, да поттикнат насилство и да удрат на самиот систем. Заради тоа тие се идеална опозиција. За разлика од нив, поддржувачите (тука спаѓаат огромен број луѓе кои се купени, заплашени, обврзани, подмитени, како и значаен дел од лумпенпролетерјатот) на ВМРО-ДПМНЕ се перцепираат како насилни, агресивни, примитивни и како луѓе кои лесно можат да предизвикаат крвави немири (што го покажува кратката историја на постоењето на самостојна Македонија). Заради ова тие можат да бидат многу опасна опозиција.
5. Доколку на избори победи СДСМ таа ќе се соочи со неверојатен економски, институционален и вредносен хаос. Средувањето на овој хаос ќе бара долги години расчистување и ограничувања. Во такви услови ВМРО-ДПМНЕ во опозиција може многу лесно да собере илјадници незадоволници кои можат да предизвикаат насилно уривање не само на власта туку и на политичкиот систем.
Според мене можат да се исцртаат неколку излезни решенија:
1. Создавање на техничко-технократска влада која ќе овозможи релативна стабилност на системот соодветна и на потребите на САД и ЕУ (не на нивните конзервативни и декадентни кругови), а ќе ги постави и основите на владеењето на правото и на демократијата.
2. Зајакнување на радикално – левата ориентација во државата покрај која СДСМ ќе изгледа како неверојатно посакувана опција (затоа што историјата покажала дека конзервативните и декадентни кругови во САД и ЕУ се плашат повеќе од комунизмот отколку од црниот ѓавол и се спремни да направат енормни отстапки само да спречат победа на леви сили).
3. Предизвикување граѓански немири (од страна на оние интелектуалните, разумните, мирните, цивилизираните) кои ќе ја изедначат опасноста од насилство меѓу едните и другите и ќе отворат простор за вистински преговори (не со Груевски или некоја негова клика, туку со ЕУ и САД, се разбира не со нивните конзервативни и декадентни кругови).

Leave a comment

Your email address will not be published.