Манипулација со истражувањето на јавното мислење

Пред неколку дена во медиумите се појавија резултати од истражување за рејтингот на политичките партии, направено од страна на Брима-Галуп по нарачка на неделникот Република.

Пробните гласања (straw polls) треба да се разликуваат од научните истражувања на јавното мислење (responsible surveys). Многу често пробните гласања се прикажуваат како истражувања на јавното мислење, а нивните податоци се сервираат на јавноста со цел нејзино заведување, создавање одредена слика која нема основа во реалните ставови и мислења на граѓаните и, подгревање атмосфера погодна за една политичка опција.

За едно истражување на јавното мислење да биде научно треба да исполнува три основни критериуми:

1. Примерокот кој се анкетира треба да биде репрезентативен (тоа значи случаен и со адекватна големина). Тоа не значи собирање на улица случаен број минувачи кои ќе одговорат на одредени прашања, туку примерок во кој секоја од однапред идентификуваните различни групи луѓе ќе добие еднаква шанса да одговара на прашањата. Тоа значи опфат на мажи и жени, луѓе кои живеат во село и во град, во различни региони, припадници на различни етнички заедници, луѓе со различни политички определби, од различни социјални кругови, вработени и невработени, млади и стари. Меѓутоа тоа значи и создавање атмосфера во која сите ќе добијат еднаква шанса да го искажат своето мислење. Ниту една телефонска анкте во Република Македонија не може да го даде овој примерок, а теренскиот опфат на сите групи вообичаено е поскапа варијанта.

Уште повеќе, во услови кога најголем број од граѓаните се плашат од партиите кои се на власт, кога постои клиентелистички однос на власта и во време на многу драстична институционална криза, потребни се посебни техники и пристап за да може да им се даде еднаква шанса на граѓаните навистина да го искажат своето мислење. Тоа значи дека немаат сите граѓани еднаква шанса да учествуваат во анкетата.

2. Поставувањето на прашањата бара знаење и вештина, но и водење сметка за конкретна ситуација, за конкретни околности, ниво на разбирање и секако избегнување на било каков вид на двосмисленост. На пример прашањето: Според Вас која партија се плаши од предвремени парламентарни избори поставено во услови кога луѓето се плашат и од својата сенка, а камоли да одговорат директно, е сосема несоодветно. Ваквото прашање е и многу двосмислено.

Некој може да одговори дека некоја партија се плаши да излезе на избори заради тоа што  си мисли дека таа партија се плаши дека повторно ќе има манипулации.

Друг може да одговори дека некоја партија се плаши да излезе на избори заради тоа што мисли дека се непроверени избирачките списоци.

трет може да мисли дека некоја партија се плаши да излезе на избори заради тоа што се сомнева во поткупеноста на медиумите и злоупотребата на државните пари.

Четврт може да мисли дека некоја политичка партија се плаши да излезе на избори заради тоа што се плаши од насилство.

Поставувањето на едно вакво прашање, без да се постави дополнително прашање за тоа од што би можеле да се плашат партиите во наредните избори води кон манипулација.

3. Примерокот на тие кои се прашуваат мора да биде соодветно (адекватно) голем за да може да се изведат заклучоци кои се статистички поткрепени и тогаш кога ќе се направи вкрстување на прашањата. 1006 не е адекватен број испитаници за Република Македонија. Адекватниот број се движи меѓу 1200 и 1300 граѓани.

На пример (една сосема група пресметка), доколку примерокот е составен од вкупно 1006 испитаници, тоа значи дека ако се извадат сите други етнички заедници станува збор за 700 Македонци.

Од тие 700 Македонци  350 треба да бидат Македонки. Од тие 350 Македонки треба да бидат 200 Македонки кои живеат во општини надвор од Скопје, 70 Македонки кои живеат надвор од Скопје, и живеат под прагот на сиромаштијата. Секоја од овие групи треба да биде застапена со број кој во обработката ќе се смета за статистички доволен за извлекување на релевантни заклучоци. И секако секоја од овие групи треба на соодветен начин и под услови кои овозможуваат слободно одговарање, да биде опфатена со анкетата.

Опасноста од дисторзија на примерокот се зголемува енормно доколку се оди со телефонска анкета, меѓутоа и доколку се има предвид традиционалното македонско семејство во кое одговара главата на семејството во име на сите членови.

Кога се анализираат податоците мора да се имаат предвид сите ограничувања на прашалникот, на употребената методологија, на конкретната политичка ситуација и на социо-културните параметри карактеристични за Република Македонија.

Претставувањето на прашалникот мора да биде дадено во целина (сите прашања и сите  податоци  кои се собрани).

Во спротивно, ваков вид анкети служат за манипулација на граѓаните, дополнително заплашување на граѓаните и градење впечаток дека зад ВМРО-ДПМНЕ застанал НАРОД.

Leave a comment

Your email address will not be published.