ПРОТЕСТИРАМ

Многу се мислев што да направам во врска со наводите кои се појавија во пропагандните испостави на ДПМНЕ (мислам дека е време да престанеме да го валкаме името ВМРО и треба да почнеме да ги нарекуваме со нивното вистинско име: ДПМНЕ, или, националистичка партија на Македонија), дека сум платена да протестирам.

Всушност во нив има многу малку вистина, а многу лаги.

Ајде да пробам да внесам колку толку ред во хаосот кој го создаваат (се разбира со цел да го дефокусираат вниманието на граѓаните од криминалците во власта кои им ги крадат парите).

Само како пример, во неколку пропагандни испостави на ДПМНЕ (Сител ТВ, Нетперес, Курир, Вечер, Република, …) беше даден податок дека сум била платена од здружението на граѓани “Млади правници“.

Точно. Бев платена.

Иако не сум должна да давам отчет за пари кои сум ги добила во рамките на проектни активности (освен пред тој кој ги дава парите и пред УЈП во врска со данокот кој го плаќам за примените пари), јас од добра воља и по сопствено наоѓање, еве ќе ви објаснам за што сум добила пари во овој конкретен случај.

Не знам дали знаете, ама, отчет за секој денар што го добиваат треба да дадат само функционерите во власта кои располагаат со парите на граѓаните (и решаваат дали ќе ги потрошат да го спасат животот на Тамара или пак ќе ги потрошат на уметничкиот приказ на  јајцата на коњот на Александар таткоубиецот),

Бев ангажирана од ова здружение како професор и експерт, да обучувам.

Не обучував никого да скока по програми на политички партии (како што си сонил во некој делириум Никола Груевски), немаше никакви ритуали или животински жртви поднесени на олтарот на Uncle Sam (како што си замислува познатиот и признат политички аналитичар, пардон, сликар, пардон, бранител на ликот и делото на Никола Груевски – Александар Станковски), ниту пак обучував на техники на боење на врвните достигнувања на уметноста на Марјан Камиловски (кој скромно се споредува себеси со Микеланџело).

Учесниците на обуката (се млади правници) ги обучував за улогата на Европскиот суд за човековите права, случаите кои се водат пред него, досегашните искуства на граѓаните од Македонија во постапките пред судот и промените кои би требало да се направат во нормативата во Македонија како резултат на пресудите на Европскиот суд за човекови права. Во прилог давам една од презентациите од последната обука за случаите кои до сега се водени и добиени од страна на граѓаните на Македонија против државата: Случаи во ЕСЧП .

Обуката се прави со цел во иднина граѓаните на Македонија (дури и Александар Станковски бранителот на ликот и делото на Никола Груевски) да имаат можност да ги заштитат своите права кога им се повредени од државата, односно, кога државата не работела на соодветен начин со кој ги штити нивните права.

Во цивилизираниот свет, тоа се нарекува демократија (кога граѓанинот може да ја тужи државата). Тоа го немало во 19 век (во кој очигледно заглавиле предводниците на ГДОМ).

Е, за ова навистина бев платена (тоа е оној мал дел на вистина во големата лага која се пласира пред граѓаните).

Не за да излезам на протести.

А на протести одам заради тоа што сум граѓанин на држава во која не ми се почитуваат правата и затоа што сум  бранител на човековите права, во држава во која не им се почитуваат правата на голем број граѓани. Затоа што имам право да протестирам како граѓанин и затоа што имам должност да протестирам како бранител на човековите права.

За без пари.

НЕМА ПРАВДА НЕМА МИР!

Leave a Reply

Your email address will not be published.