НЕ Е ДОВОЛНО ДА СЕ СОМНЕВАШ ЗА НЕШТО ДА ПРОГЛАСИШ ЗА СПОРНО

Бидејки живеам во држава која ја предводат кецароши, чии закони ги носат и спроведуваат кецароши и во која кецарошите прават се што можат за да го спречат владеењето на правото (кое ниту го разбираат ниту пак можат да го спроведат), еве, уште еднаш, да пробам да објаснам, за граѓаните.

Избирачкото право е едно од основните права кои се гарантирани со Уставот на државата. Според членот 22 од Уставот – Секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право. Избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.

Што значи ова во превод:

  1. – Нема никаков дополнителен услов за остварување на избирачкото право освен државјанството и полнолетството (не е важно со кого си, какво презиме имаш, колку деца имаш, на која возраст е твојот сопруг/сопруга, која е разликата во години меѓу вас, дали живееш сам или со мама и тато, …). За некој да нема бирачко право треба да не е полнолетен и да нема државјанство на Република Македонија.
  2. – Единствен исклучок претставува одземената деловна способност.

Тоа значи дека никој нема право да го одземе или ускрати нечие избирачко право на полнолетен, деловно способен граѓанин на Република Македонија.

Доколку некој го избрише некого од избирачкиот список со тоа тврди дека некој не е полнолетен, дека не е државјанин на Република Македонија или пак му е одземена деловната способност.

Полнолетството и државјанството се докажуваат со валидна лична карта или пасош (патна исправа). За деловната неспособност треба да има судска одлука донесена во соодветна процедура.

Тоа понатаму значи дека, доколку некој сака да го избрише моето име од избирачкиот список треба да докаже дека не сум полнолетна, дека не сум државјанин на оваа држава или дека постои одлука со која сум прогласена за деловно неспособна.

Доколку постои сомневање за моето полнолетство, се врши проверка во матичните книги во МВР/Министерството за правда и надлежен орган изработува индивидуално решение во кое се дадени податоците од кои се гледа дека не сум полнолетна.

Доколку постои сомневање за моето државјанство (кое се докажува со важечка лична карта или патна исправа), се врши проверка со вкрстување на податоците со податоци во другите институции (на пример се проверува државјанството на родителите, проверка дали сум добила отпуст од македонско државјанство, …) и надлежен орган (МВР) носи решение со кое се прогласувам за странец и ми се одзема личната карта, патната исправа и против мене се поведува постапка заради фалсификат или лажно претставување, … Впрочем, според Законот за државјанство “За стекнување, односно престанување на државјанството на Република Македонија, се известуваат надлежните државни органи и организации кои го евидентираат податокот за државјанството во евиденциите за кои со закон се овластени да ги водат.“.

Доколку се утврди дека има судска одлука со која сум прогласена за деловно неспособна, ми се назначува старател или, доколку таков веќе е назначен, му се испраќа допис со кој се известува за бришењето од избирачкиот список.

Секоја друга постапка, со која ми се ограничува избирачкото право е противуставна, спротивна на ратификуваните меѓународни договори и кривичниот законик ја санкционира со казна затвор од најмалку три години (а најмногу доживотен затвор).

Во законите може да се определат начини на проверка, посебни методологии и процедури. Нема ништо погрешно во проверките. Тие се добри и треба да бидат направени. Во актуелниот момент се прават вкрстувања затоа што не му веруваме на нашето Министерство за внатрешни работи и тоа со добра причина. И тоа е кажано во Правилникот со кој е дефинирана методологијата. Меѓутоа, тоа се методологии, начини на проверка и процедури кои треба да ги спроведат државните органи со цел утврдување дали имам или немам бирачко право. Доколку вкрстувањето се прави со податоците во пензиско, здравствено, социјално осигурување и тие се поклопуваат, апсолутно нема основа за сомневање во нивната веродостојност.

Доколку податоците се појавуваат само и единствено во МВР (во кое се сомневаме заради тоа што го водела 10 години банда од криминалци)  државниот орган кој се сомнева во моето бирачко право може да поведе постапка пред надлежен орган, а надлежниот орган ќе донесе решение со кое ми се одзема правото. Тоа решение можам да го обжалам (да поведам управен спор пред Управниот суд) и доколку го докажам спротивното да барам и соодветна оштета и се разбира нечија одговорност.

Меѓутоа, никако (читај НИКАКО), не може државата да ми го одземе бирачкото право како дел од некоја методологија која си ја усвоила некоја комисија и да ме избрише од бирачкиот список, затоа што некој мисли дека, на пример, е многу сомнително тоа што имам различно презиме од сопругот, тоа што е тој  три месеци помлад од мене и во исто време живееме на иста адреса со   (а можеби и спиеме во иста соба, или не дај боже, во ист кревет).

Овие фичфиричи, не се само кецароши, туку се и мрзи невидени. Ако еден индикатор насочува кон нешто сомнително, тие имаат на располагање уште 10 други евиденции да го проверат тоа. Арно ама мрзата е поголема од се и тие решиле да ни ја префрлат нивната работа (за која се добро платени) да ни ја префрлат нам – ние да докажуваме дека сме живи и дека сме државјани на оваа држава. При тоа не се повикуваат ни на Устав, ни на закон, туку на договор на четири партии.

Кецароши едни мрзливи, седнете и сработете си ја работата. Ако после вкрстувањето со сите бази на податоци навистина не се совпаѓаат податоците, поведете валидна постапка и дајте ми валидно решение со кое се прогласувам за неполнолетна или за странец или за деловно неспособна.

Leave a comment

Your email address will not be published.