До: Биљана ЗАФИРОВА Уредник на „Република On Line“ Предмет: Мерки за ублажување на штетата, со барање за извинување и јавно повлекување

Ова барање го испратив до Република:

Со ова, согласно членот 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, барам ваше извинување и јавно повлекување од клеветите и навредите што ги имате изнесено за мене во написот во „Република On Line“ под наслов ‘Насилните протести на Сорос 100 пати поважни од човековите права’, но и во другите написи каде ме спомнувате а публикувани на: 28.6, 26.5, 25.5 (два написа), 22.5 – сите во 2016 година, како и претходните објавени на 17.05, 09.05 и 02.01.2015 година односно 29.12 и 08.09.2014 година.

Откако на 13.10.2016 година ми беше свртено внимание дека на 09.10.2016 година бил објавен напис во кој сум навредувана во вашето списание, констатирав не само дека тоа е точно туку дека веќе подолго време сте објавувале написи во кое најотворено и од аспект на идентификација недвосмилено ме споменувате во повеќе контексти. Во сиве овие написи содржани се невистинити факти и понижувачко мислење за мене, а со што се исполнети условите од членовите 6 и 8 ставови еден од споменатиот Закон.

Понижувачки се мислењата односно невистините се тврдењата дека:

  1. сум „богато наградена за плукање … по македонското и разнебитување на Македонија“, имам добиено пари од СОРОС „за уривање на Македонија“ и сум „инкасирала 55 илјади денари преку соросовата ФОРУМ ЦСИД“;
  1. „со боја“ сум „офарбала и неколку полицајци“ или дека сум „скрнавела споменици на народни херои“;
  1. се имам впуштено во „директна одбрана на терористите во Куманово“ и сум „искажала навреди кон македонските бранители во куманово“;
  1. не сум го „испочитувала законот и не сум се јавила на поканата за информативен разговор“;
  1. сум „говорела во име на СДСМ пред насобраните граѓани“;
  1. сум „без научни трудови со импакт-фактор“ и сум „со нула научни трудови“; и
  1. сум „самопрогласен борец за човекови права“ и „самонаречен експерт“.

Следствено, а согласно членот 13 став 3 од наведениот Закон, очекувам во рок од 48 часа по добивањето на оваа моја реакција да го објавите извинувањето и јавното повлекување на начин утврден во членот 13 став 2 од наведениот Закон.

 

Скопје, 16.10.2016 г.

Мирјана НАЈЧЕВСКА

 

КОЛКУ ШТО МОЖАМ ДА ВИДАМ УШТЕ НЕ Е ОБЈАВЕНО.

ДА НЕ ГРЕШАМ?

АКО КОЗАТА ЛАЖЕ РОГОТ НЕ ЛАЖЕ

images

Бонева потрошила 12000 евра за патни трошоци во тек на 6 месеци.

Истата тата Бонева како пратеник во Собранието на Република Македонија за една година за патни трошоци потрошила 23 000 евра.

Според нејзината изјава дадена за неделникот ФОКУС ,,За секое доаѓање на работен состанок или седница, кога сум патувала од Струмица до Скопје и обратно, исплатени се патни трошоци согласно со члн 27 втора точка од законот за плати и други надоместоци на избрани и именувани лица во РМ и одлука на ДИК, по која се исплаќаат патни трошоци за сите избрани и именувани лица од министри, пратеници, членови на различни комисии… а не само мене…,,Да, тука се сите трошоци од регистрација, сервиси, масло,гуми, поправки… додека оние кои возат служени возила, без оглед колку пати  ќе пукне гума, колкава ќе е сумата ако нешто откаже на колата и сите други трошоци се на сметка на ДИК, а не само трошокот за бензин кој го спомнуваат одредени медиуми.

Доколку се земат предвид потрошените пари, дадената изјава и законските одредби, може да изведеме заклучок дека станува збор за нечесен човек, кој ја злоупотребува функцијата која ја има за лично богатење врз основа на измама.

Прво, Бонева (како и сите пратеници кои шмукаат пари за патни трошоци) изгледа го превидува членот 26 (веднаш над членот 27 на кој се повикува), а според кој:

На пратеник во Собранието, претседателот на Република Македонија, претседателот и потпретседателот на Собранието, претседателот, потпретседателот и членовите на Владата, им се обезбедува бесплатен превоз во железничкиот и патниот сообраќај во Републиката во сите правци.

Ова значи дека во времето кога била пратеник, Бонева можела да бира и, самата избрала наместо да не потроши ниту денар од буџетот на Република Македонија (со тоа што ќе се вози со јавниот превоз кој и стои бесплатно на располагање), да потроши 23 ооо евра.

Значи, не станувало збор за тоа дали да се користи евтин личен звтомобил (и да се потрошат 23000 евра) и да се користи служебо возило (и да се потрошат 5000 евра), туку, за тоа дали да се користи јавниот превоз и да не се потроши ниту денар или не.

Второ, и покрај целата нејзина тирада за тешкиот живот на сопствениците на лични автомобили кои ги користат наместо службените, нема посебен член во законот со кој се предвидува дека на тие кои користат приватни возила за превоз треба да им се подмируваат посебно трошоците за “регистрација, сервиси, масло,гуми, поправки“, миење на автомобилот, осигурување, оштетувања настанати како резултат на плукање од страна на граѓаните и сл.  Предвидено е да им се плаќа “до износот што според еден изминат километар не може да биде поголем од 30% од продажната цена на еден литар гориво за возилото кое се користи“. Во тие “не поголем од 30%“ е содржано се. Може помалку, но не и повеќе.

Доколку се направи најелементарна пресметка (земајки го во пресметката тој, највисокиот износ од 30%) за дневните патни трошоци кои ги имала Бонева, се добива сума од 1500 денари по едно патување  (во двата правци). Тоа значи дека доколку во еден месец ДИК имала 10 состаноци (што лесно може да се провери преку запасниците на ДИК), требало да и се исплатат 15 000 денари месечно (250 евра), а за 6 месеци оваа сума да не надмине 1500 евра (вкупно).

Во случајот станува збор за основано сомневањедека е направена кражба од над 10000 евра (со злоупотреба на службената должност) и за измама, како на Бонева така и на оној кој ги потпишал налозите за исплата.

За вакви работи постојат Јавниот обвинител, анкетната комисија, судовите, Комисијата за заштита од корупција, …

Доколку прекршувањето на законот остане неказнето, нема зошто прекршителот и понатаму да не продолжи да го прави истото (како што е случајот со Бонева), и да ги поттикне и сите останати да лажат и крадат и да очекуваатза тоа да не бидат казнети (како што се случува).

А, доколку граѓаните одново и одново бираат за свои претставници луѓе кои мислат дека со изборот на соодветната функција добиле и бланко дозвола за крадење и мамење, тогаш, навистина никој не може да ни помогне.

Едноставно, нели?