САМО ЦРТИЧКА

Немам намера да ги анализирам написите на Тања Каракамишева. Едноставно, животот е прекраток за човек да заглиби во морето од жабокречина која таа успева да ја продуцира катадневно.

Меѓутоа, сакам да посочам еден пример на големо незнаење со кое што се соочуваме, пред се заради зачувување на нашиот здрав разум, а и заради потенцирање на потребата во комуникацијата со овие луѓе секогаш да бидеме и психички и физички подготвени едноставно на се.

Во нејзиниот последен емоционален изблив на тема Заев, Каракамишева ни соопштува:

“Човеков навистина се надминува себе си со секој изминат ден. Како му се зголемува меракот да се отвора во јавноста и пред малите екрани, така се посилно сфаќаме дека човеков нема мерка во лупетањето. Секој нов ден му е нов лупус ин фабула. Откровение на бескрајноста во тресењето зелени на јавна сцена.“.

Се прашувам, колку треба да е ниско нивото на елементарна култура и базично знаење кое вообичаено се поврзува со зборот професор по право, за да не се знае значењето на латинскиот израз lupus in fabula?

Во превод оваа латинска изрека значи дека некој се појавил токму тогаш кога сме зборувале за него, дека се појавил баш оној за кој сме зборувале, зборувај за волкот и тој ќе се појави, или, народски кажано: “Ние за волкот, а волкот на врата“.

И покрај најдобрата желба, јас не можев да најдам соодветно објаснување за употребата на оваа латинска фраза во контекстот во кој е употребена од страна на Каракамишева. Имено, доколку ги замениме латинските зборови со соодветниот превод, добиваме прилично бесмислена реченица “Секој нов ден му е ние за волкот, а волкот на врата“ или “Секој нов ден му е човекот се појавува токму тогаш кога зборуваме за него“.

Дека станува збор за потполно неразбирање на латинската фраза, зборува и натамошната употреба на истата во вториот дел од текстот (во некоја чудно скратена форма): “Ни одговараат ли и нам како на сценаристот вакви лупуси ...“. Што би можело да значи ова? Вакви волци кои се појавуваат кога зборуваме за нив?

Всушност, правилната употреба на латинската фраза (во еден послободен превод кој ја задржува суштината, односно, значењето на фразата) би била: Ние за ѓаволот, а ѓаволот на врата, или, Ние за глупоста, а Каракамишева на врата.

Е, ова веќе има смисла. Можеме да и кажеме, аааа, добро што дојде, баш за тебе зборувавме.

17 total views, 1 views today