ЗА КАДРОВСКИТЕ ПРОМЕНИ

Кога еден фудбалски тим е подолго време на дното на табелата и ги губи сите утакмици (како што и се случуваше на Македонија во изминатите 11 години), нормално е да се сменат и селекторот и тренерот и секако да се направат коренити измени во тимот.

Организациите/институциите вредат толку колку што вредат луѓето во нив (ни помалку ни повеќе). Институции кои со години не функционирале или функционирале на штета на граѓаните нема да почнат да функционираат поинаку доколку на клучните позиции не бидат направени промени.

Мора да се промени целокупниот раководен кадар во државната администрација и во сите институции од јавен интерес. Не се работи за партиска чистка или за освета, туку за елементарна логика. Македонија назадувала 11 години (според сите надворешни процени и внатрешни евалуации). Ова назадување мора да запре, пред воопшто да размислуваме за тргнување напред.

Јас не очекувам дека сите решенија кои ќе ги понуди актуелната власт ќе бидат добри (според мое или мислење на јавноста) и дека ќе бидат поставени најсоодветните кадри. Меѓутоа очекувам, кецарошите од власта да бидат што е можно побргу заменети барем со оние кои имаат доволен 2, па и по некој со добар 3.

И она што навистина треба да се направи, е постепено градење на систем од правила, процедури и критериуми кои во иднина ќе овозможат на раководните позиции да дојдат луѓето со многу добар 4 и одличен 5 (не заради тоа што се мили, или убави, или знаат да прават добри гезмиња или пак заради тоа што толку убаво им кажуваат на надредените дека се најпаметни на светот, туку заради тоа што се стручни, затоа што знаат и умеат), а во подолните ешалони на институционалната хиерархија да бидат сместени сите останати (кои впрочем можат да бидат добри извршители и тимски работници под добро раководство).

Не е доволна замена. Мора да се направи промена (суштинска) за да може кулисите на демократијата и владеењето на правото да ги замениме со зграда на демократијата и владеењето на правото.

Навистина би сакала да ги видам деталните биографии на новопоставените директори. На сите.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.