КОЈ ЛАЖЕ ТОЈ И КРАДЕ, А КОЈ КРАДЕ ОДИ ВО ЗАТВОР


Советниците на ВМРО-ДПМНЕ во неколку градови (Аеродром, Гази Баба, Ѓорче, Карпош, Кочани, Штип, Неготино, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Битола, Радовиш) изгласаа да има референдум за мигранти на денот на локалните избори.

Димитров да и објасни на јавноста за подготвеноста на Македонија да доселува мигранти. 

Со стратегијата за мигранти и бегалци, најголемиот товар ќе го имаат општините

Нашата поддршка е константна. И во моментот кога бевме владеачко мнозинство и сега кога сме дел од парламентарната опозиција, на оваа политика, на заштита на браниците на Република Македонија од напливите на мигрантската криза и тоа несомнено ќе продолжиме да го правиме без разлика на политичкиот контекст  и политичките односи внатре во Република Македонија. За нас заштитата на границите е врвен приоритет и заштитата на интересот на граѓаните на Република Македонија исто така е врвен приоритет, ова на денешната собраниска седница во врска со одлуката да се продолжи кризната состојба на јужната граница го истакна Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. Димовски, исто така потенцираше и побара од новата Влада никако да не размислува во нашата држава да дозволи изградба на бегалски кампови за долгорочно и трајно сместување на мигранти.

ВМРО-ДПМНЕ укажува дека трајното населување на десетици илјади мигранти ќе предизвика дисторзија на пазарот на работна сила.

Ова се изјавите на претставници на ДПМНЕ во врска со стратегијата на новата влада за третман на мигрантите во Република Македонија.

Истите овие високи функционери преку владата во која тие членуваа и преку претседателот на државата кој е нивна незатскриена марионета , организираа конференција под наслов “Миграциите и предизвиците на интеграцијата преку дијалог меѓу религиите и културите“ и  станаа дел од декларацијата усвоена на 5 ноември 2016 во Битола, (Deklaracija-na-cetvrtata-Svetska-Konferencija)во која се вели:

“Свесни дека основните причини за миграција се: воените конфликти, еколошките фактори, сиромаштијата и неразвиеноста отежната со демографските и економските дисбаланси, додека миграциски движења се случуваат главно кон развиените земји од западот секоја земја на пат станува земја на транзит или крајна дестинација.

Сведоци сме дека денес човечката мобилност е зголемена до толкава мерка што голем број на луѓе, живеат во земја различна од онаа во која што се родени. Мигрантите се присутни во сите земји во светот.

Ја истакнуваме потребата да работиме заедно во духот на меѓусебното партнерство за подобро управување со миграцијата во нашите земји во еден сеопфатен, интегриран начин, секогаш имајќи ја предвид ефективната заштита на правата на мигрантите, вклучувајќи ги и оние на жените мигранти и децата.

Повикуваме на ефикасна заштита на мигрантите и перманентно зачувување и промовирање на меѓурелигискиот и меѓукултурниот дијалог.

Истакнуваме дека  успешното интегрирање на мигрантите не значи само интегрирање во општествените активности туку и  во религиозните заедници. Овозможувањето на културна  и религиска толеранција е предуслов за нивна успешна интеграција.

Убедени сме дијалог меѓу религиите и културите   може да помогне на намалувањето на  предизвиците на интеграцијата на мигрантите…“

Во говорот на отворањето на конференцијата, онаа марионетата на ДПМНЕ која седи во претседателскиот кабинет, изјави:

“Во изминатите две години, најголем дел од бегалците што дојдоа во Европа потекнуваа од Блискиот Исток. Тоа е простор каде со векови и со милениуми гостопримството кон туѓинецот се смета за светост. Доаѓајќи во Европа, тие сосема природно очекуваа дека со нив ќе се однесуваме онака како што и тие би се однесувале кон нас – со почитување на вроденото и неотуѓиво човечко достоинство. Наместо тоа, во многу случаи наидоа на затворени врати, на страв, предрасуди, недоверба и ксенофобија.

Со ваквиот однос кон мигрантите, некои европски земји создадоа гета без ѕидови, во кое различните се толерираат без вистински да се почитуваат, во кое се трпат, без да се прифаќаат. Моленбек, Сен Дени и други острови на сиромаштија и исклучивост во богатите европски метрополи станаа гнезда за радикализам, насилен екстремизам и тероризам.

Освен политичките, постојат и економски и еколошки фактори кои придонесуваат кон сè поголемата раздвиженост во светот. Милиони луѓе ги напуштаат своите домови поради уништувањето на животната средина, екстремните климатски појави, ширењето на пустините и подигнувањето на нивото на океаните. Ќе ве потсетам дека пред само две години го имавме првиот климатски азилант од Кирибати.

Како последица на сево ова, повеќе од кога и да е порано, живееме во време на бегалци и мигранти, раселени и прогонети кои го искусиле чувството на загуба на домот, семејството, татковината…

Слободата во пропаднатите држави на Блискиот Исток и во Северна Африка, во сиромашните општества на третиот свет е само мисловна именка. Во такви услови, развиениот свет треба да им помогне на бегалците и на мигрантите да го остварат овој идеал.“

А министерката за култура  ја пренесе пораката на владата на ДПМНЕ:

Наша цел ќе биде и интеграцијата на имигрантите, остварувањето на нивното право на вработување, инвестирањето во нивното образование, запознавањето со јазикот, културата, историјата, на државата во која се доселуваат, недискриминирачкиот пристап на институциите кон нив, заедничката интеракција на имигрантите и домашното население. Токму во овој сегмент, улогата на културно-религиската димензија е најдоминантна и претставува предизвик на кој сите ние , со заеднички ангажман ќе успееме да одговориме.

Каков заклучок може да изведеме?

Ова, прво, покажува дека високите функционери на ДПМНЕ лажат. Во некој момент. Или пак цело време. Или лажеле на светската конференција или лажат сега, или лажат постојано, меѓутоа факт е дека лажат. 

Второ, ова покажува дека високите функционери на ДПМНЕ во своите настапи очигледно рачунаат  на незнаењето и неписменоста на сопствените поддржувачи, односно се потпираат на уверувањето дека тие кои ја поддржуваат оваа партија немаат  капацитет да се сеќаваат на настани кои се одвивале неколку месеци претходно, или пак немаат интелектуални капацитети да поврзат различни настапи на сопствените водачи.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.