ЦРТИЧКИ ЗА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА – (2) ЗОШТО УМИРААТ БЕБИЊАТА

Од 1994 година до 2002 година постојано се намалува смртноста на доенчињата во Република Македонија. Смртност на доенчиња

Од 2002 година до 2016 оваа бројка постојано варира (се намалува и се зголемува).

Отсуството на континуиран тренд на намалување на смртноста на доенчињата е многу комплексен проблем и никако не може да се сведе на имањето или не на инкубатори во болниците.

Бебињата умираат заради тоа што:

  1. Нивните мајки не се добро заштитени за време на бременоста (храна, живеалиште, витамини, прегледи, соодветна нега, загадена вода за пиење, загаден воздух за дишење, преработеност, несоодветни лекарства) и бебињата се раѓаат со помала тежина, со здравствени проблеми, со послаба отпорност.
  2. Се раѓаат во нехигиенски услови кои носат рани заболувања (жолтица, воспаление на белите дробови, инфекции).
  3. Мајките не добиваат соодветна поддршка и знаење како да се грижат за бебињата.
  4. Лоша лекарска поддршка за врме на породувањето и непосредно после породувањето.
  5. Несоодветна исхрана на мајката и на детето по излегување од болница, несоодветни престојувалишта и сеопша нега.

Значи, инкубатори се потребни, меѓутоа многу попотребно е подигање на стандардот, чиста животна средина и комплексна поддршка на мајките (пред и после породувањето).

Правото на живот е основно човеково право кое се остварува со максимилизирање на шансите за преживување на секое дете и со максимилизирање на позитивните услови за развој пред раѓањето и во првата година од животот.

НЕЗНАЕЊЕ СПАКУВАНО ВО НАУЧНА ОБЛАНДА

Деновиве прочитав неколку студии од млади истражувачи, аналитичари, експерти, или како и да се нарекуваат, во кои, меѓу другото, се спомнуваат и односите во поранешниот политички систем во Македонија и СФР Југославија.

И да ви кажам право малку ми здосади да слушам што се сум немала, што се сум била присилена да правам, што се ми било ограничено во текот на мојата младост и во дел од мојот позрел живот.

Толкаво арогантно непознавање на еден систем, толкаво безобзирно извлекување на работите надвор од контекст и толкава бескрупулозна едностраност во толкувањето на односите, одамна не сум видела.

Не сум сигурна дали станува збор за незнаење, или за недостаток од валидни информации, или за неспособност да се вкрстат сознанијата, или едноставно за перење на мозок, ама да ви кажам право преку глава ми е од лажното прикажување на моето минато.

И не е работата само во тоа што станува збор за еден куп полувистини, невистини или извртени вистини кои мене лично ме револтираат.

Станува збор за тоа дека на тој начин не можат да се оддвојат добрите од лошите работи на еден систем. Па да се гради врз позитивните искуства, а да не се повторуваат грешките. Станува збор за лажно прикажување на корените на одредени проблеми со кои денес се судираме. Станува збор за негирање на една прекрасна идеја која во многу сфери била практично имплементирана и овозможила добар живот на голем број луѓе.

Не, бре, не е точно дека сум била присилена да бидам член на СКМ. не е точно дека тие кои не биле членови не можеле да напредуваат во кариерата. Не е точно дека сум била присилена да членувам во младинската организација. не е точно дека религијата се практикувала тајно и дека луѓето биле казнувани за тоа. Не е точно дека немало партиципативна демократија и дека не се слушал гласот на граѓаните. Не е точно дека се судело по директива на партијата. Не е точно дека немало услови за побуна, …

Деформациите и недоследностите на еден систем не го дефинираат тој систем.

Ве молам, дајте бре учете од тоа што било добро, наместо да ставате печат на забрането. И учете од тоа што било лошо, наместо да го заборавате и одново и одново да го повторувате.

ЦРТИЧКИ ЗА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА – (1) КАЗНА ЗАТВОР

Казната затвор не е одмазда. Кога ќе ставиме некого во затвор со тоа не може да ја излечиме болката, не може да го вратиме изгубеното, не може да создадеме ситуација во која сторителот на кривичното дело ќе го доживее на свој грб стореното.

Тој кој добил казна затвор заради прекршување на законот е казнет со тоа што му е ограничена слободата на движење, ограничена му е приватноста, ограничено му е правото на избор, на учество во управувањето, на информирање, на искажување на мислењето и ширење информации, на работа, слободата на здружување, …

Значи, како прво, со самото тоа што некој е ставен во затвор тоа подразбира ограничување на многу права. Во тоа се состои казната.

Како второ, лишувањето од слобода има заштитна функција за другите луѓе.

Трето – затворот е место каде што треба да дојде до поправање на тој што згрешил, промена на неговиот вредносен ситем, подигање на свеста за тоа што е добро, а што лошо и ресоцијализација, која ќе овозможи повторно да се врати во заедницата без да биде опасен за другите луѓе.

Казната затвор не значи: мачење, понижување, изгладнување, малтретирање, изживување, разболување, непружање помош, обесчовечување, … Во ниту еден закон не постои казна: разболување на луѓето лишени од слобода со нехигиена. Не постои казна: непружање лекарска помош. Не постои казна: исмевање. Не постои казна: тепање…

Во моментот кога казната затвор ќе се претвори во мачење, понижување, изгладнување, малтретирање, изживување, обесчовечување, … во тој момент држават станува колективен криминалец. Полош од било кој криминалец кој е лишен од слобода.

Затворот мора да биде место кое ќе понуди човечки услови за живеење, кое ќе помогне во превоспитување на прекршителите на законот и кое ќе обезбеди кога човекот кој ќе ја одлежи казната затвор да не претставува закана за заедницата во која ќе се врати, туку да стане нејзин член.

Ве молам престанете да гледате на затворот како на машинерија за одмазда. Затворот е машинерија за поправање. Во спротивно, се само отворени рани кои шират зараза.