ЦРТИЧКИ ЗА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА – (1) КАЗНА ЗАТВОР

Казната затвор не е одмазда. Кога ќе ставиме некого во затвор со тоа не може да ја излечиме болката, не може да го вратиме изгубеното, не може да создадеме ситуација во која сторителот на кривичното дело ќе го доживее на свој грб стореното.

Тој кој добил казна затвор заради прекршување на законот е казнет со тоа што му е ограничена слободата на движење, ограничена му е приватноста, ограничено му е правото на избор, на учество во управувањето, на информирање, на искажување на мислењето и ширење информации, на работа, слободата на здружување, …

Значи, како прво, со самото тоа што некој е ставен во затвор тоа подразбира ограничување на многу права. Во тоа се состои казната.

Како второ, лишувањето од слобода има заштитна функција за другите луѓе.

Трето – затворот е место каде што треба да дојде до поправање на тој што згрешил, промена на неговиот вредносен ситем, подигање на свеста за тоа што е добро, а што лошо и ресоцијализација, која ќе овозможи повторно да се врати во заедницата без да биде опасен за другите луѓе.

Казната затвор не значи: мачење, понижување, изгладнување, малтретирање, изживување, разболување, непружање помош, обесчовечување, … Во ниту еден закон не постои казна: разболување на луѓето лишени од слобода со нехигиена. Не постои казна: непружање лекарска помош. Не постои казна: исмевање. Не постои казна: тепање…

Во моментот кога казната затвор ќе се претвори во мачење, понижување, изгладнување, малтретирање, изживување, обесчовечување, … во тој момент држават станува колективен криминалец. Полош од било кој криминалец кој е лишен од слобода.

Затворот мора да биде место кое ќе понуди човечки услови за живеење, кое ќе помогне во превоспитување на прекршителите на законот и кое ќе обезбеди кога човекот кој ќе ја одлежи казната затвор да не претставува закана за заедницата во која ќе се врати, туку да стане нејзин член.

Ве молам престанете да гледате на затворот како на машинерија за одмазда. Затворот е машинерија за поправање. Во спротивно, се само отворени рани кои шират зараза.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.