ШТО ОЧЕКУВАМ ОД НОВАТА СОЦИЈАЛ-ДЕМОКРАТСКА ВЛАСТ

  1. Силна заштита на правата на работниците
  2. Социјални мерки за подобар живот на најсиромашните граѓани
  3. Намалување на бенефициите на функционерите
  4. Зголемување на обврските на бизнисот (посебно крупниот)
  5. Прогресивен данок, прогресивни давачки, прогресивни цени на услугите
  6. Намалување на бројот на министерства
  7. Зголемување на издвојувањата за здравство и образование
  8. Промоција на граѓанскиот наместо на етнички базираниот модел
  9. Повеќе права за поголем број луѓе
  10. Поголема еднаквост пред законот и поголема еднаквост во шансите

Од оваа владејачка структура не очекувам реваншизам кон политичките опоненти, меѓутоа очекувам санкционирање на прекршувањата на законите направени во претходниот период, одземање на привилегиите стекнати заради припадност на конкретна политичка опција, испитување на професионалноста и соодветноста на кадрите и секако, очекувам барем хоризонтално поместување на сите оние за кои постои сомневање дека го прекршиле законот (со делување или неделување), а со цел избегнување на можноста за прикривање на податоци и натамошно користење на позицијата за вршење притисок или оневозможување на постапките кои се во тек.

Ова се моите мерила на успешноста на актуелната власт.

НЕ ГОСПОДИНЕ ВАЈГЛ

Не ни помагате господине Вајгл да ја изградиме демократската држава која се потпира на правото.

Демократската држава која се потпира на правото не се гради со тоа што ќе ги шетате нашите избраници по белиот свет да преговараат и да се договараат надвор од очите на оние кои ги избрале.

Ние граѓаните ја доведовме оваа политичка гарнитура на власт за да нема тајни преговори, за да може граѓаните да го имаат првиот и последниот збор во секоја одлука, за транспарентноста да стане незаобиколлив сегмент на секој процес на одлучување, за да почнат да функционираат институциите и да се спроведуваат процедурите и пред се, за да се раскрсти со начинот на владеење на узурпаторите на власта кои не окупираа последните години.

Со Вашиот предлог се обесмислува работата на сите формирани комисии, се негира работата на сите домашни експерти, но пред се омаловажуваат граѓаните кои повторно треба да се претворат во пасивна маса која стои настрана и чека да види што решил некој зад затворени врати.

Не господине Вајгл, јас лично не прифаќам да се преговара надвор од институциите и надвор од со закон предвидените процедури затоа што така не се гради демократска држава во која владее правото, туку нов вид диктатура која ни кажува дека сите се исти.

Вашиот предлог господине Вајгл го сметам како обид да се негира и самата можност за вистинска промена и повик да се легитимизира неправото на чии крилја се уште летаат претставниците на криминалната банда која ја симнавме од власт.

Бандата треба да заврши во затвор, а не да се обидуваме со неа да другаруваме и да создаваме услови во кои криминалот се исплати.

Сега не е време за намалување на разликите и договарање туку обратно, потенцирање на разликите како прв чекор кон декриминализација на Собранието кое е впрочем и срцето на секоја демократска држава.

 

 

ЗА ОКТОМВРИСКАТА РЕВОЛУЦИЈА

Кога се зборува за Октомвриската револуција треба да се има предвид дека тоа била револуција инспирирана од најблагородната филозофија која се обидува во центарот на општествените движења да го стави слободниот човек.
Револуција која ја извеле луѓето кои немале што да изгубат, а имале толку многу да добијат. Илјадници луѓе кои умирале од глад и немаштина, кои се распаѓале од болештини и кои гинеле на боиштата во нечии освојувачки војни. Илјадници луѓе кои решиле да не робуваат на моќниците. Илјадници луѓе кои решиле да си го вратат човечкото достоинство.
Револуција која создала општество водено од идејата за еднаквоста, хуманоста, достоинството и способноста на луѓето сами да управуваат со своите животи.
 
Револуција која покажала дека можат да постојат и други политички системи и поинакви државни структуирања од оние на капитализмот. За голем број луѓе новиот систем значел не само подобар живот, туку значел дека ќе преживеат. Илјадници луѓе добиле шанса да се образуваат, да  уживаат во уметноста, да творат и да се развиваат.
Тоа е револуција која инспирирала и се уште инспирира.
Јас верувам дека има многу што да се научи од оваа револуција (и од грешките и од позитивните работи).
И верувам дека во еден друг момент, во едни други услови и на еден многу повисок степен од развојот на човештвото ќе може да биде заокружен развојниот циклус и гасеницата ќе ја добие својата завршна форма.