ПОЛИТИКА НАСПРОТИ ПРАВО

Американци, Европјани, Прибе, Хан, Бејли, Вајгл, … пораки, анализи, забелешки, препораки, …

Често слушам: така рекоа странците, тоа го пишува кај Прибе, овие забелешки ни ги дадоа во Брисел, Хан ни порача, Американците бараат, …, и мора да постапиме така.

Не сум сигурна дали станува збор за незнаење или пак за затскривање  зад овие флоскули, меѓутоа, реформите во Македонија многу трпат заради ваквото поставување на работите.

Не, не е точно дека мора да се врземе за секоја препорака, за секое мислење, за секоја сугестија која што доаѓа од страна на Американците, ЕУ, државите на ЕУ или некоја друга држава која ја поерцепираме како демократска и пријателска или пак на експертите кои ги препорачале овие држави.

Овие сугестии, забелешки, препораки, пораки, … се формираат во и од страна на политички кругови во овие држави, имаат политички карактер и во основа зависат од политичкиот момент во светот, во самите тие држави и во односите меѓу тие држави и Македонија. Тие се многу лесно променливи и содржат голема доза на субјективност.

На пример, одредени препораки може да бидат поврзани со актуелната владејачка структура во конкретна држава. Може да се поврзани со средствата кои таа држава ги дала за конкретни проекти (на пример за развој на Академијата за судии и јавни обвинители) и кои сега мора да ги оправда независно од нивото на објективна успешност на тие проекти. Може да се поврзани со релациите со трети држави во кои сакаат да спроведат одредени мерки па Македонија им служи како позитивен или негативен пример. Може да се …Уште повеќе, што ваквите препораки може да бидат контрадикторни (како во однос на препораките на други држави или меѓународни организации, така и внатрешно во однос на препораки кои се претходно дадени)

Ваквите препораки треба да се слушаат, да се води сметка за нив, да се ставаат во контекст, да се анализираат, да се земаат предвид, да им се придаде соодветно значење, меѓутоа не и да се третираат како закон.

Она, што мора да го имплементираме доколку сакаме да изградиме систем кој е компатибилен со системот на ЕУ е европското право.

Тоа не се поеднинечни политички ставови, мислења, идеи. Тоа се норми кои поминале сито и решето, кои се избрусени низ праксата на ЕУ државите и кои добиле заедничка и прифатлива форма обликувана во правна норма (директива).

Тоа е она што е задолжително, обврзно и кое се транспонира во домашната легална рамка (се разбира доколку сакаме да станеме дел од ЕУ структурите).

Значи, кога еден закон го носи европското знаменце, тоа значи дека се транспонира европското право, а не некој моментален политички став на некоја европска држава, па и на ЕУ.

Само на тој начин може да се изгради конзистентен систем од правни норми кој ќе направи таква суштинска промена која ќе не приближи до ЕУ државите. Се друго е политичко гибање, прилагодување и во основа е контрапродуктивно на зададената цел.

Leave a Reply

Your email address will not be published.