ЗА МОИТЕ ШАРЕНИ КОИ ЈА СМЕНИЈА БОЈАТА

Моето мислење за дискусијата меѓу Здравко и Павле во емисијата 24 Тренд анализа – Дали политиката повторно ги вмеша прстите во судството.

Прво, факт е дека во моментот на власт во Македонија е крупниот капитал. Тој може да се нарекува СДСМ, или да членува во СДСМ, или да поддржува идеи на социјал-демократијата, меѓутоа е крупен капитал.

Второ, факт е дека поставуавњето на Анѓушев за вицепремиер за економски прашања е спротивно на принципите на ИЛО (меѓународната организација на трудот) според кои се водат трипартидни разговори: држава-работодавачи-работници (што во случајов е нарушено заради тоа што државата и работодавачите стануваат една страна наспроти рабботниците).

Факт е дека мерките кои до сега се спроведени немаат значајно влијание врз подобрувањето на животот на поголем број граѓани, воспоставување на правото како заштитник на обичниот граѓанин и структуирање на државата во машинерија која бара прагматични начини за да му го направи поудобен животот на обичниот граѓанин. Под обичен граѓанин не ги подразбирам високите функционери во власта, членовите на платени одбори и комисии, претставниците на крупниот капитал, градоначалниците и/или блискиите на власта кои влечат бенефиции и привилегии од самотот тоа што се блиски до власта.

Факт е дека шарената револуција и илјадниците граѓани кои со години демонстрираа против режимот на Груевски, а не СДСМ, го срушија овој режим. Кога си извојувал победа очекуваш и работите за кои си се борел да бидат ставени на ниво на приоритети од страна на оние кои си ги довел на власт. Не нивни приоритети, не нивни замисли за тоа што е приоритет, туку она заради што и биле доведени на власт.

Во досегашната работа на Собранието не ги видовме претставниците на шарената револуција.

Зошто го велам ова:

Прво, не видовме во ниту еден момент отворено (на говорница) да искажат спротивно мислење од она на СДСМ, да бараат нешто специфично и да застапуваат ставови кои не се дел од партискиот став. Не зад кулисите, не во преговорите зад затворени врати, туку пред камерите и пред граѓаните.

Второ, не видовме да стават на дневен ред иницијатива, закон, промена која е само нивна, потекнува од нив и не е дел од програмата на СДСМ.

Трето,  не видовме да воспостават посебни канали на комуникација, начини на среќавање, прибирање мислења од оние со кои до вчера се влечеа по улиците. Не видовме тие да станат лоби група преку која шарените ќе може да делуваат. Напротив, одеднаш станаа горливи бранители на секоја одлука на владејачката партија и напатени души кои треба нешто многу да ги жалиме.

Четврто, не видовме во ниту еден момент отворено да нападнат некоја од политиките, мерките, одлуките, именувањата на владејачката партија. Да ги кажат принципите. Па ако треба да кажат јасно и гласно дека гласаат спротивно на своите принципи во име на ова, ова и ова.

И Павле, да ти како претставник на шарената револуција мораше да станеш и да кажеш јасно и гласно: Мислам дека треба да запрат процесите кои се водат против сите припадници на шарената револуција и да престане политичкиот прогон. Тоа не е мешање во судството, туку поддршка на реформата во правосудниот систем. Јас дете доаѓав од село пред полициска станица за да барам твое ослободување. Е тоа е мешање во правосудниот систем.

И Павле, многу е лошо бизнисмен да ја води економијата исто како што е лошо полицаец да биде министер за внатрешни или војник да биде министер за одбрана. Заради едностраноста на гледањето, заради конфликтот на интереси и заради нерамноправноста на сите други во процесите на договарање.

И, не е точно драги мој дека акцизите ги погодуваат повеќе богатите отколку сиромашните. Подигањето на цената на горивата за некој кој троши 300 литри месечно е минорна неудобност, а за оној кој троши четири литри месечно е егзистенцијално прашање.

И не, во нашиот правен систем не е забранета аналогијата. Впрочем воедначувањето на правото и барањето за слични дела да се изрекуваат слични пресуди е токму тоа.

И да, во политиката се преговара, ама преговорите значат видливи отстапки на двете страни. А јас ете тоа не го гледам.

И, да Македонија е капиталистичка држава, меѓутоа, тоа не е експлицитно кажано во Уставот на државата. Во членот 1 од Уставот Македонија се дефинира како: “… суверена, самостојна, демократска и социјална држава“.

ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИТЕ Е НАМЕНЕТ ЗА СОЗДАВАЊЕ КОНФЛИКТИ

Има простор за подобрување на содржината на Законот за употреба на јазиците и не сум единствениот кој смета дека се работи за комплициран текст кој не е лесно да се разбере, вели францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Доколку се извади обландата на дипломатијата од оваа изјава, останува констатацијата дека законот е “труба“.

За тоа дека законот не го бива е свесна и владејачката структура која си дозволи дури и најотворена лага дека законот пред да влезе во собраниска процедура ќе биде испратен на проверка пред Венецијанската комисија.

„Од друга стана она што ме интересира повеќе за овој текст е дали се разговараше за амандманите, дали правната рамка одговара на уставната, дали на пример целта на текстот, но и финансиските последици беа претставени пред јавноста? Сето тоа за нас се интересни прашања кои треба да покажат дали македонскиот систем функционира како нормален систем. За мене ова е своевиден тест.“

Доколку се извади обландата на дипломатијата од оваа изјава, останува констатацијата дека законот е донесен во недемократска процедура.

Ова им е на сите јасно.

Според амбасадорот Тимоние, законот нема да доведе до конфликти.

Ова може да е вистинско убедување на амбасадорот или пак обид на дипломатски начин да ги смири веќе зовриените етно-националистички страсти.

Според мене законот е направен со цел да се предизвикуваат конфликти.

Многу се надевам дека грешам.

 

Етно-национализмот е болест

Кон колумната на мојот драг пријател Беким Кадриу.

Етно – национализмот е тежок болештилак.

Симптомите релативно лесно се препознаваат: во секоја ситуација се брани сопствената етничка заедница, таа за ништо не е крива, таа е напатена и обесправена, “другиот“ цело време ја загрозува, потребно е обединување на сите околу етно-центарот, …

Етно-националистот ја прилагодува историјата и ги прилагодува фактите да му соодветсвува на тезата за тешкиот живот на сопствената етничка заедница која сите ја обесправуваат и го одземаат идентитетот, ја перцепираат како заедница од втор степен.

За етно-националистот постојат заедници наместо индивидуи, и правата се поврзани со заедниците, а не со индивидуите. Според етно-националистот  индивидуите од една заедница мора да ги споделуваат истите чувства и размислувања како и сите останати во заедницата, а во спротивност ќе бидат отфрлени како туѓо тело. За етно – националистот не е етничката заедница составена од индивидуи кои имаат права туку индивидуите припаѓаат на етно-заедницата која има права, а тие можат да ги остварат своите права само ако ги почитуваат правилата на игра воспоставени од етно-заедницата.

Етно-националистот не е во состојба да влезе во чевлите на другиот, да погледне со очите на другиот, да ја разбере перспективата на другиот. Тој е заробен во својот етно-националистички космос во кој се се врти околу една етничка заедница (таа најобесправената, која цело време води праведна борба и која е толку неразбрана).

Прв показател дека одреден човек успеал да се издигне над сопствениот етно-национализам е кога ќе застане во одбрана на правата на припадниците на друга етничка заедница. Јас тоа го направив пред повеќе од 20 години и постојано го правам: Овде сум варварин затоа што никој не ме разбира

Време е и ти да го направиш.

Пс. Етничката припадност за мене е последен бастион на кастинското уредување и последно скалило кое мора да се помине во процесот на разотуѓувањето на човекот како индивидуа која со другите луѓе се поврзува на многу флексибилна основа и во врска со најразлични потреби и интереси од потраен и помалку траен карактер. Ова е тезата која ја развив во мојата докторска дисертација во 1995 година и ја одбранив.

Тоа не значи дека етницитетите треба преку ноќ да исчезнат (исто како што нема да исчезнат преку ноќ ни религиите), меѓутоа, развојот на човештвото оди во оваа насока. На Марс ќе дојдеме како луѓе од планетата Земја, а не како припадници на различни етнички заедници, религии, раси, …

 

 

 

 

ЗА ЗАКОНОТ ЗА УПОТРЕБАТА НА ЈАЗИЦИТЕ

Морам да признаам јас лично бев против донесување на еден ваков закон. Мислев (и се уште мислам) дека материјата на употребата на јазиците најдобро може да се уреди со ратификација на Повелбата за регионалните и малцински јазици на Советот на Европа.

Оваа повелба плени со својата идеја за заштита на јазиците како дел од културното наследство на Европа, со својата прецизност и со отвореноста за различни решенија зависно од конкретните состојби во одредена држава.

Посебно ми се допаѓа тоа што не е врзана со проценти и бројки туку со она што значи традиционална употреба на јазиците на одредена територија.

Меѓутоа, и покрај тоа што Македонија ја потпиша повелбата (на 25.07.1996), не се реши и да ја ратификува.

И ете – Законот е изгласан.

И во него стои определбата: “јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните“.

Во моментот кога во закон ќе бидат ставени бројки, тие мора и да се почитуваат.

За да се почитуваат мора да се знае точно дали е навистина достигнат бараниот процент.

За да се знае дали е навистина достигнат бараниот процент мора да се знае колкаво е точно населението во Република Македонија и дали има етничка/јазична заедница која го исполнува бараниот услов.

Ова не може да се базира на претпоставки (бидејки е суштински елемент на Законот), туку мора да се измери.

Со оглед на тоа дека во Македонија не е направен попис од 2002 година, во моментов нема релевантни податоци за тоа дали некоја од јазичните малцински заедници го исполнува условот предвиден во Законот.

Тоа значи дека Законот не смее да се употребува се додека не биде направен попис.

Така е тоа кога во закон ќе ставиш прецизни бројки. Мораш до нив и да се држиш. Се друго ќе биде политички волунтаризам и спротивно на одредбите на Законот.

ЗА ЗАКОНИТЕ КОИ ГО ЗАТСКРИВААТ КРИМИНАЛОТ И ИЗВРШИТЕЛИТЕ КОИ ГИ ПРЕКРШУВААТ ЗАКОНИТЕ

Една криминална власт чија главна цел беше да го исцица народот до последна капка крв, внесе хаос во законското регулирање кој содава привид на право, а всушност го овозможува неправото. Криминалната власт ја тргнавме, криминалот не.

Резултатите на криминалното владеење беа страшни и многу видливи: Граѓани плачат во УЈП поради блокирани сметки за МРТВ,Повеќе од 167 илјади блокирани сметки на граѓани!УЈП, Блокирани сметки на 27 илјади граѓани заради РДТ, …

Пљачката започна со дислоцирање на извршувањето од судската постапка и од надлежноста на судовите. На тој начин се сруши целовитоста на судската постапка, и, во исто време се оневозможи судовите да вршат контрола врз процесот на извршување на пресудите. Судот изгуби фактичка контрола над извршителите (а со тоа и на извршувањето на сопствената пресуда) освен ако странката поднесе приговор согласно членот 86 од Законот за извршување.

Наместо судот да води грижа за извршувањето на сопствените одлуки, оваа задача и беше предадена  на извршната власт (Извршителот е лице кое врши јавни овластувања утврдени со закон именувано од Министерството за правда, член 32 од Законот за извршување. Министерството за правда врши надзор над работата на извршителите, член 54 од Законот за извршување), со што се прекрши принципот на подлеба на власта.

Вториот чекор во создавањето услови за пљачкосување на сопствените граѓани беше направен со изигрувањето на законот направено од страна на извршителите. Имено, извршителите наместо да се држат до одредбите од Законот за извршување решија да ги применат одредбите на Закон за платен промет со што свесно создадоа хаос во примената на правото.

Само како пример:

Во Законот за извршување нема одредба со која се дозволува блокирање на трансакциона/трансакциони сметки на должник (тоа го има во Законот за платен промет, а во Законот за извршување е поврзано само со правни лица).

Според членот 118 –  Забрана и пренос на парично побарување се спроведува во износ кој е потребен за намирување на доверителовото побарување.

Тоа значи дека ако е долгот 300 денари се врши забрана и пренос на 300 денари, а не на сите средства од трансакциската сметка и секако не се плаќаат никакви пари за одблокирање на незаконски блокирана сметка.

Според членот 141 – Со налогот за извршување врз плата се определува забрана на определен дел од платата и му се наложува на работодавецот, кој на должникот му ја исплатува платата, паричниот износ за кој е наложено извршувањето да му го исплати, односно да му го исплатува на доверителот.

Тоа значи дека не се блокира трансакциската сметка туку преку работодавецот се задржува дел од платата.

Според членот 149 –  Извршување врз парично побарување кое по сметка кај банка му припаѓа на физичко лице, се спроведува така што со налог за извршување и се наложува на банката паричниот износ за кој е издаден налог за извршување да го исплати на сметката на извршителот.

Тоа значи дека не се блокира трансакциска сметка туку се исплаќа бараната сума.

Според членот 40 извршителот е должен:

  • да прибира податоци за имотната состојба и други податоци за должникот во функција на извршувањето,
  • да поднесува барање за добивање на податоци за поседување на трансакциска сметка до правното лице кое го води Единствениот регистар на трансакциски сметки во врска со предметот на извршување,

Според членот 116 извршителот е должен да изземе од извршување одреден вид примања.

Тоа не може да се направи со блокирање на трансакциска сметка туку со собирање многу конкретни податоци на индивидуално ниво, односно, со почитување на членот 149 од Законот за извршување.

Според членот 117 во голем број случаи има ограничување на извршувањето на ниво на 1/3 од месечните примања.

Тоа значи дека не се блокира трансакциска сметка туку се исплаќа најмногу 1/3 од месечните примања со што не се загрозува егзистенцијата на должникот и/или неговото семејство.

СЕКОЕ БЛОКИРАЊЕ НА ТРАНСАКЦИСКА СМЕТКА НА ФИЗИЧКО ЛИЦЕ Е СПРОТИВНО НА ЗАКОНОТ И ТРЕБА СООДВЕТНО ДА СЕ КАЗНИ. КАЗНАТА СЕ ОДНЕСУВА КАКО НА ИЗВРШИТЕЛИТЕ ТАКА И НА БАНКИТЕ КОИ ВО ДОГОВОР СО ИЗВРШИТЕЛИТЕ ОСТВАРУВААТ ЕКСТРАПРОФИТ, ОДНОСНО, НЕОСНОВАНО СЕ БОГАТАТ.

Орган кој врши надзор на имплементацијата на Законот за извршување е Министерството за правда. Тоа значи дека Министерството за правдса под итно мора да преземе активности со кои ќе се обезбеди почитување на Законот за извршување и со кои на секој актуелен извршител кој побарал блокирање на нечија трансакциона сметка веднаш ќе му биде одземено правото за вршење извршителска дејност согласно членот 66 од Законот за извршување.

Меморандумот склучен меѓу Министерството за труд и социјална политика и Комората на извршителите е очигледно направен со најдобри намери да се заштитити одредена ранлива група во услови на правен хаос, а во област во која МТСП нема вистинска надлежност.

Ваквиод вид потези се многу разбирливи во услови кога се гасат пожари, меѓутоа, применети на долги патеки можат и самите да придонесат за продолжување на правниот хаос.

Имено, извршувањето врз средства кои доаѓаат од социјална помош е изземено согласно членот 116.

Тоа значи дека извршителите според Законот за извршување немаат право да бараат извршување врз овие средства и не е потребен никаков меморандум со кој ќе се гарантира ова туку е потребно Министерството за правда да обезбеди почитување на законот.

Според членот 41 – Извршителот при спроведување на извршувањето е должен по електронски пат, за конкретен должник да побара податок од евиденциите кои ги водат органите на државната управа, или од правно лице кое води регистар.

Тоа значи дека извршителот има начин да добие одредени податоци, а давањето достап на извршителите до податоци за сите приматели на социјална помош е давање ново и многу широко право.

Според членот 65 од Законот за извршување – извршителот ќе биде парично казнет или привремено ќе му биде одземено правото на вршење на должноста извршител доколку “бара пристап до податоци за лице кое не е должник“. Ова меѓу другото се гарантира и со заштитните механизми на органите задолжени за чување на овие податоци, односно посебната процедура преку која извршителите имаат достап до конкретни податоци за конкретен човек.

Тоа значи дека делот од меморандумот со кој на извршителите им се дава директен пристап до податоците за сите приматели на социјална помош ја заобиколува оваа заштитна клаузула и може многу лесно да биде злоупотребено.

И секако, надвор од оваа заштитна капа остануваат сите останати спомнати во членот 116:

И надвор од оваа заштитна капа остануваат сите оние спомнати во членот 117:

ДРЖАВАТА МОРА ДА ГИ ЗАШТИТИ ГРАЃАНИТЕ ОД НЕПРАВОТО (СИТЕ ГРАЃАНИ) И ДА ГО САНКЦИОНИРА СЕКОЈ ОБЛИК НА ПРЕКРШУВАЊЕ И/ИЛИ ЗЛОУПОТРЕБА НА ЗАКОНИТЕ (СЕКОЕ ПРЕКРШУВАЊЕ).