РЕШЕНИЕТО И ЖАЛБАТА

Во прилог е решението со кое се прогласувам за виновна за сторен прекршок и мојата жалба до второстепената комисија.

 

 

Бр. УП 1.19.1.4-1528/16-2018

 

Преку: Комисијата за прекршоци Скопје 04, МВР

 

До: Државната комисија за одлучување

во втор степен во областа на

инспекцискиот надзор и прекршочната постапка

при Владата на Република Северна Македонија

 

Жалител: Мирјана НАЈЧЕВСКА,

 

 

 

Ж А Л Б А

против Решението на Комисијата за прекршоци Скопје 04

Бр. УП 1.19.1.4-1528/16 од 27.11.2018

 

Со Решението на Комисијата за прекршоци Скопје 04 со бр. УП 1.19.1.4-1528/16-2018 (натаму: Решението), е одлучено дека сум одговорна за дејствие со што наводно сум сторила прекршок по чл.  27 од Законот за прекршоците против ЈРМ и ми е изречена санкција глоба во износ од 6.160 денари.

 

Во својство на Жалителот изјавувам дека Решението е целосно неосновано, како материјално така и процедурално, па, имајќи предвид дека Решението ми беше врачено на 26.02.2019 година (дваесетишестти февруари), благовремено ја изјавувам оваа Жалба од следниве причини:

 

  1. Целосна застарба на постапката;
  2. Неправилно утврдена фактичка состојба;
  3. Индицирана дискриминација;
  4. Отсуство на елементи за прекршочно дело; и
  5. Прекршени човекови права.

 

 

Врз основа на тоа, како Жалител бараМ Второстепената комисија, согласно чл. 74 од Законот за прекршоците (Службен весник на РМ бр.124/15)  да ја уважи оваа Жалба, да одлучи поинаку и со ново решение да го замени решението со кое се прогласувам за одговорна за сторен прекршок.

 

Едновремено БАРАМ, Второстепената комисија да изврши целосен увид во досието за овој случај на Комисијата за прекршоци Скопје – 04, како и да направи споредба со други случаи по истата основа заради индицирана дискриминиација и да ме извести за своите наводи како би можела да поднесам кривична пријава против лицата Спасен Софески, Сеад Мемеди, Благоја Петрушевски,  Мустафа Магди и Гоце Николовски заради основано сомнение дека е направено кривично дело при вршењето на службена должност.

 

О б р а з л о ж е н и е

 

Обжаленото Решение е ништовно од следниве причини:

 

  1. Целосна застарба на постапката . – Прекршочната постапка морала да биде завршена во рок од два месеци од поднесувањето барање за поведување прекршочна постапка, согласно чл. 65 ЗП: “… За прекршоци за кои е пропишана глоба во износ до 15.000 евра во денарска противвредност постапката пред прекршочната комисија мора да се заврши во рок од два месеци од денот на поднесувањето на барањето за поведување на прекршочна постапка“.

Индикативно е што, прво, самиот Записник е составен на 07 јуни 2016 година, или шест седмици по наводно инкриминираниот настан.

Барањето за прекршочна постапка  е поднесено на 11 јули 2016 година. Обжаленото Решение е донесено на 27.11.2018 г. или дури по две години четири месеци и две седмици од поведувањето на прекршочната постапка.

Со оглед на тоа што сиве податоци се содржани во самото Решение, извесно е дека или се работи за намера или за толку голема небрежност што ја изедначува со намера за злоупотреба на службата во функција на целосно противправен полициски прогон.

 

  1. Неправилно утврдена фактичка состојба. – Било подносителот на Барањето прекршочна постапка било Комисијата за прекршоци Скопје 04 било сите тие заедно постапувале врз основа на лажно тврдење дека, цитирам: „…пријавена … не се јави на поканата, не се изјасни по однос на наводите во барањето и не го оправда своето отсуство…“.

Се работи за отворена лага, од причина што aдвокатката Кети Јованова Јандријеска, а која ја ангажирав за овој случај, презентираше Полномошно на 25 мај 2016 година кога пред очите на повеќе собрани активисти и повеќе медиумски камери влезе во полициската станица Беко. Во таа пригода, таа во полициската станица остави Полномошно и било нотирано дека сите обраќања понатаму ќе бидат упатувани до неа.

Тоа, според нејзино тврдење не е направено, па оттука Комисијата е должна да приложи доказ во спротивна насока. Веќе отсуството на таков доказ во прекршочната постапка укажува дека лажното тврдење е свесно направено. Комисијата е должна да приложи доказ за достава до адвокатката.

Уште повеќе, истата Комисија за прекршоци донела Решение бр. УП 1.19.1.4-1525/16 за наводно оштетување токму на таа Полициска станица и токму на тој датум што наводно токму јас го имам направено.

Понатаму, во самото Решение никаде не се наведува ниту дека бил изведен доказ дека јас сум направила некакво оштетување ниту пак дури и дека јас ја имам погодено со боја зградата на МНР. Не, само дека  сум, цитирам: „…фрлала предмети наполнети со боја…“. Меѓутоа, и да сум „фрлала“ не значи дека сум успеала да ја погодам зградата ниту пак е изведен доказ за која од повеќето бои видливи и ден денешен сум одговорна токму јас. Или сум одговорна за сите оние бројни бои што се’ уште стојат на зградата на МНР – ама тоа мора да се каже и да се докаже!

Крајно индикативно е дека во овој случај пред зградата на МНР како и еден месец подоцна пред зградата на полициската станица Беко, се појавува како сведок на настанот истиот полицаец – Гоце Николовски.

И, можеби најважно од се’, во Решението, иако се наведува текст на законска одредба (чл. 27 од ЗПЈРМ) каде делото се сторува „оневозможување за користење или оштетување“ нема никаков доказ било дека е „оневозможено користењето“ било дека постои „оштетување“ и, ако го има: за каков вид се работи, во што се состои оштетувањето и колкаво „оштетување“ сум направила.

Од изнесеното јасно произлегува не само дека МВР немаат ниту најмал доказ туку и дека сосема свесно ја злоупотребуваат својата положба.

 

  1. Индицирана дискриминација. – На социјалните мрежи и во медиумите, токму по повод ова Решение беа искажани ставови дека и некои политичари на актуелната власт добиле вакви решенија и дека наводно платиле глоба (премиерот Зоран Заев и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов). Притоа, сепак, не покажаа ниту примерок од решение ниту уплатница за платената глоба.

Други политичари на власт, а кои се видливи на истите снимки не се изјаснија ниту дека добиле решение ниту дека платиле глоба (на пример, вицепремиерката Радмила Шеќеринска).

Трети пак, како на пример г. Петрит Сарачини, советник во Владата на Република Северна Македонија, отворено во медиумски настап (28.02.2019 / ТВ „24 часа“) нагласи дека фрлал боја во рамките на протестите на тнр. „Шарена револуција“ но ниту добил решение ниту платил глоба!

Од изнесеното многу силно е индицирана дискриминација по основа на политичка припадност, санкционирана со чл. 3 од Законот за спречување и заштита од  дискриминацијата (Службен весник на РМ бр. 50/2010).

Тоа, едновремено, и од овој аспект потврдува дека петмината припадници на МВР свесно ја злоупотребиле својата положба.

 

  1. Отсуство на елементи за прекршочно дело. – Најфлагрантното прекршување на правото е токму тоа што со Решението никако не се објаснува како „фрлањето предмети со боја“ е ПРЕКРШОК. Нема да се впуштам во докажување ноторен факт дека на тој начин не можело да се „оневозможи користењето јавна зграда“. На Комисијата било да докаже дека тоа сум го сторила и како.

Вториот и поточно сегментот на кој Комисијата се повикува е – „фрлање предмети со боја“. Дури и со самата формулација се избегнува да се каже каква штета е направена и пред се’ – ДАЛИ Е ВООПШТО НАПРАВЕНА ШТЕТА. Без тоа – нема дело!

Ова веќе недвосмилено докажува дека петмината припадници на МВР свесно ја злоупотребиле својата положба.

 

5. Прекршени човекови права. – Правото на протест е заштитено на повеќе начини,

а ограничувањата се јасно дадени во закон (Закон за јавните собири, Службен весник на РМ, бр. 55/1995). Според Законот за јавни собири (член 6) “Министерството за внатрешни работи ќе го прекине одржувањето на јавен собир во случаите кога истиот е насочен кон: загрозување на животот, здравјето, безбедноста, личната сигурност и имотот на граѓаните“. Со оглед на тоа дека МВР не го прекинала протестот, може да се изведе заклучок дека не била утврдена опасност по имотот на граѓаните.

Според членот 7 од Законот за јавните собири (Член 7) “Организаторот на јавниот собир е должен да ја надомести евентуалната штета што ќе настане при одржување на јавниот собир.“ Бидејки МВР во ниту еден момент не ме идентификува како организатор на јавниот собир, останува прашањето доколку била направена било каква штета дали е направен обид овој организатор да се повика на одговорност.

Во Законот за јавни собири се предвидени парични казни (член 9 и 10) за организаторот на јавниот собир, а за физичко лице само доколку носи оружје (за што јас не сум обвинета).

Второ право кое е загрозено со ова Решение е слободата на мислење и изразување која во поширокото разбирање на поимот подразбира и невербална комуникација посебно кога станува збор за изразување незадоволство од владеачката структура до ниво на употреба на Преамбулата на Универзалната декларација за човековите права на ООН.

Следствено, извесно е дека петмината припадници на МВР свесно ја злоупотребиле својата положба.

 

Од горенаведените причини, како и имајќи предвид дека се работи за полициски прогон што е можеби започнат во 2016 година, но е  реализиран во ноември 2018 година и поточно во период кога упатив сериозни критики спрема актуелната власт, па дури и доставувањето е направено со тримесечна задршка, како Жалител ги повторувам обете бараЊА наведени во диспозитивот на оваа Жалба, вклучувајќи и дека очекувам да бидам известена за пошироките наводи на Второстепената комисија како би можела да поведам кривично- правна постапка.

 

05 МАРТ 2019 година

 

Ж а л и т е л:

Мирјана НАЈЧЕВСКА

 

472 total views, 1 views today

Leave a Reply

Your email address will not be published.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.