НЕКОИ УТОПИСКИ РАЗМИСЛИ ПРЕД НАРЕДНИТЕ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ

Овој текст го објавив во дневниот весник УТРИНСКИ (кој веќе не постои заради преголемата медиумска слобода која владее во Република Македонија) на 24 април 2001, во рамките на циклусот написи под наслов  “ И боговите лично пред  глупоста остануваат неми “. 

Во изминатите 17 години требаше да отидеме подалеку, чинам.

У Т О П И Ј А

 

Посакувам на наредните претседателски избори во Макеоднија  да се кандидира човек кој ќе има интелектуални и морални капацитети и кој ќе поседува знаење и искуства што ќе му овозможат;

–       да ги разбере   работите што се случуваат околу него за да може да реагира и постапува согласно со реалните случувања;

– некој кој ќе има јасна претстава за луѓето со кои се опкружува и можност за елементарна процена на она што може, што сака и што ќе добие од овие луѓе;

– кој  ќе може да го каже она што сака и што треба да го каже, а ќе го премолчи она што не сака и што не треба да го каже;

– кој  ќе се смее кога работата е за смеење, а ќе биде сериозен кога работата е сериозна;

– кој ќе знае да пресече таму каде што е за сечење и ќе знае да биде вистински дипломат таму каде што треба да се договара и преговара;

– некој кој ќе верува во себе, во граѓаните и во своите соработници, а нема да чека цело време милост и помош од некој од надвор или одозгора.

За ваков човек би гласала во секое време и два пати.

Посакувам на наредните парламентарни избори да се појави барем еден кандидат за парламентарен пратеник кој ќе има интелектуални и морални капацитети и кој ќе поседува знаења и искуства кои ќе му овозможат;

-да размислува со своја глава и да биде нешто малку повеќе од обична кукла на конци која мрда онака како што кажува партијата (било да е тоа старата или новата или некоја идна партија);

– кој  нема да заборави дека е избран од страна на граѓаните со цел да биде нивно продолжение, манифестација на нивниот интерес, нивни претставник и дека до крајот на својот мандат е во нивна служба.

– кој ќе ги чита собраниските материјали ќе замоли да  му биде објаснет секој нејасен дел од страна на оние што знаат, ќе ги гради своите ставови и ќе ги донесува решенијата врз основа на сите информации што ќе ги добие од своите истомисленици и од оние што мислат сосема  спротивно од него;

– ќе сфати дека користењето на позицијата на која се наоѓа за остварување на каква било лична корист е еднакво на обична улична (или провална) кражба и дека оној што ја направил за тоа треба да одговара како секој уличен ограбувач или провалник;

– ќе ја прифати пратеничката функција воден од сознанието дека политиката е занает за кој треба талент И период на учење (од чирак, преку калфа до мајстор);

– ќе сфати дека пратеничките привилегии се во функција на остварување на прифатените задолженија, а  не награда за претходно извршените партиски задачИ;

–  пратеничката функција  нема да ја сфати како продолжен одмор од четири години со посебна можност за кружни патувања во странство.

За ваков човек би гласала независно на која партија и припаѓа неброен број пати и со задоволство. Посакувам наредната Влада да ја предводи премиер кој ќе има интелектуални и морални капацитети и кој ќе поседува знаења и искуства кои ќе му овозможат;

-да ја избегне напиолеонската болест на прв и единствен, незаменлив, неприкосновен и неповторлив;

– кој во најголем дел од своето премиерување ќе биде наполно свесен и наполно деловно  способен;

– кој ќе биде во состојба да формира влада во која основен критериум ,,за,, ќе биде нивото на стручноста, а основен критериум ,,против,, – нечесноста;

– да сфати дека партиските војници треба да бидат наградени на друг начин, а не со министерски, амбасадорски и функционерски места;

– да сфати дека државата не е негова сопственост со која може да располага како што сака, дека не смее да ја продава, да ја подарува, ниту да ја дава на послуга за одредено време (дури ни на МПЦ);

– за да разбере дека ни толку високо поставен не е над законот и над правото (напротив);

– да ја прифати одговорноста за своите постапки и да плати за направените грешки;

– да ги продолжИ позитивните трендови на својот претходник и никогаш во своја одбрана да не се повика на грешките на својот претходник или на својот партиски противник.

Навистина би сакала да видам ваков човек на чело на македонската влада.

Посакувам во наредната влада да се најде барем еден министер кој ќе има интелектуални и морални капацитети и кој ќе поседува знаење и искуства кои ќе му овозможат;

– да сфати каде се наоѓа и со што се занимава;

–  да се обидеда разбере како функционира министерството што го раководи, како да ја  искористи машинеријата што му е ставена на располагање и како министерството да го  направи функционална и ефикасна структура во службан а интересите и потребите на граѓаните;

– кој нема да вработи ниту еден свој роднина (ниту по права ниту по родбинска линија) или свој емоционален или сексуален партнер (животен или привремен);

– кој нема да отпушти ниту едне човек со цел на неговото место да вработи ,,свој,, или партиски кадар;

– кој ќе инсистира на изработка на сите протоколи, процедури и правила на работење (во писмена форма) И прв ќе почне да ги спроведува;

– кој барем поимно ќе може да ја разликува администрацијата од политичката структура;

– некој кој ќе го почитува законот до неговата последна буква и интерпукциски знак.

По можност тој министер би било убаво да не е министер-приправник. Таков министер навистина би вредело  да се има во која било влада.

Некогаш човек едноставно го посакува невозможното, нели? Надејвајќи се на чуда или на ненадеен  пробив на разумот (што можеби во случајов би го претставувало и најголемото чудо). Некогаш човек едноставно се чувствува толку беспомошен да напраив што било во реалноста (посебно кога реалноста е толку апсурдно нерационална, до солзи, бесрамно), што фантазијата странува единствена основа на надежта. И на преживувањето.

Ако ме прашате мене, јас би била задоволна и со 10% од горното. Сосема. И свесна сум колку е тоа нереално.

27 total views, 1 views today

ПРВИ ВПЕЧАТОЦИ

За Извештајот.

Она што јас го читам е дека Извештајот зборува многу повеќе за проблемите создадени од страна на претходната владејачка стриктура (ВМРО-ДПМНЕ) отколку за напредокот кој што е фактички направен. Имено, прооблемите, грешките, отстапувањата од вредностите на ЕУ кои ги направила претходната власт се толку големи, што секое запирање на негативниот тренд може да се толкува како позитивен чекор.

На пример, напредок е тоа што наместо 67%, 60% од усвоените закони се усвоени во скратена или итна постапка.

Со други зборови како што милуваат да се изразат во Извештајот: the country has achieved some level of preparation (државата достигна одредено ниво на подготовка).

Во извештајот се користи терминот заробена држава (не за опишување на актуелниот период туку за опишување на владеењето на коалицијата на ВРО-ДПМНЕ и ДУИ).

Со други зборови: не е сега заробена државата како што се обидуваат да не убедат господата од нереформираната ВМРО-ДПМНЕ, туку со години била и сега ги живееме последиците од таа заробеност.

Во Извештајот многу често се реферира на претходниот период. На пример:

The backsliding of previous years has started to be reversed through decisive steps taken in recent months to start restoring the independence of the judiciary.

Назадувањето од претходните години почнува да се пренасочува преку решителни чекори преземени во последните месеци за почеток на обновување на независноста на правосудството.

Со други зборови: сме имале колку толку независно правосудство кое во време на ВМРО-ДПМНЕ станало зависно.

Во повеќе наврати во извештајот станува збор за релевантни статистички податоци.

Data gathering and data quality continue to be a major shortcoming. This shortcoming hampers proper evidence-based policy and the drafting of laws. Also, the government has made extensive use of shortened legislative procedures, which limit the quality of draft laws.

Собирањето на податоци и квалитетот на податоците продолжуваат да бидат голем недостаток. Овој недостаток ја попречува правилната политика базирана на докази и изготвувањето на закони. Исто така, владата екстензивно ги користи скратените законски процедури, кои го ограничуваат квалитетот на нацрт-законите.

Понатаму, формалната консултација промовирана преку интернет не може да биде замена за вистинска, квалитетна и осмислена јавна расправа која ќе има влијание врз одлуките кои се донесуваат.

Со други зборови: политиките не смеат да се вадат од ракав и да немаат допир со реалноста, а партиципацијата на граѓаните не смее да се сведе на формална можност да си кажат што им лежи на срцето без тоа да има никакво фактичко влијание во процесите на одлучување.

Според Извештајот се уште нема гаранции за квалитетот на администрацијата и нема заштита од субјективно (читај: партиско) влијание во кариерното напредување.

The lack of gender balance is especially visible in institutions where the head of the institution is from the biggest non-majority community.

Недостатокот од родова рамнотежа е пособено видлив во институциите каде што раководител на институцијата е припадник на најголемата немнозинска заедница.

Со други зборови: таму каде што како раководител се појавува припадник на ДУИ нема место за жените.

Managerial accountability within institutions is not systematically implemented and there is little delegation of responsibility to middle management.

Одговорноста на именуваните функционери (раководниот кадар)  во рамките на институциите не е систематски имплементирана отсуствува делегирање одговорност за средниот менаџмент.

Со други зборови: раководителите не се одговорни и не знаат да работат со институциите.

Во Извештајот е забележлив интересен термин: robust analyses of gaps and needs (силна, агресивна анализа на недостатоците и потребите).

Со други зборови: не се потребни нежни прилагодувања, туку многу јасна промена базирана на соочување со сите недостатоци.

Извештајот јасно кажува дека промените кои треба да се направат се крупни, комплексни и системски.

Доколку навистина сакаме да продолжиме со ЕУ интеграцијата мислам дека треба сериозно да им се објасни на граѓаните на државата: што се треба да се смени, како тоа ќе се рефлектира на нивниот живот и кои се прашањата околу кои во пристапниот процес не се прават компромиси.

27 total views, 3 views today

ВОЛКОТ ГО МЕНУВА ВЛАКНОТО, АМА НЕ И ЌУДТА

Шекеринска ја ангажираше поранешната уредничка на „Утрински весник“, Соња Крамарска во Министерството за одбрана
Венко Филипче нов министер за здравство
Вангеловски: Во Советот за имплементација на судските реформи би членувал по функција
Режимскиот рекетар Горан Трајковски избран за директор на Дирекцијата за заштита на лични податоци

Кога менуваш авторитарен режим во најмала рака се трудиш да ги тргнеш од власт сите оние кои го овозможиле, поддржувале и/или бенефицирале од ваквиот режим. Во мали држави како што е нашата и кои располагаат со ограничени човечки ресурси многу е важно да се искористи секој оној кој има и пола грам мозок. Тоа значи дека овие луѓе не е добро да ги отпуштиш, туку да ги дистанцираш од центрите на моќ, влијание и управување, односно да ги ставиш во средина која ќе ги контролира и ќе оневозможи девијантно делување.

Секое поставување на ваков човек на управувачка позиција и/или одложување на неговото тргање од ваква позиција доколку веќе се наоѓа на неа, значи или дека си многу наивен (до ниво на глупост) или дека сакаш да го искористиш тој човек на истоветен начин како што го користела и претходната владејачка структура (за мамење, крадење, лажење, лично богатење, …).

Тие кои биле корумпирани во време на владеење на претходната владејачка структура ќе бидат корумпирани и со новата.

Опкружувањето со поголем број од овие луѓе веќе ја зголемува веројатноста дека станува збор за ова второво, односно, дека сакаш да мамиш, крадеш, лажеш и да ја користиш власта за лично богатење, и ваквите луѓе ти  се едноставно неопходни.

 

 

 

13 total views, no views today

ЗА МОИТЕ ШАРЕНИ КОИ ЈА СМЕНИЈА БОЈАТА

Моето мислење за дискусијата меѓу Здравко и Павле во емисијата 24 Тренд анализа – Дали политиката повторно ги вмеша прстите во судството.

Прво, факт е дека во моментот на власт во Македонија е крупниот капитал. Тој може да се нарекува СДСМ, или да членува во СДСМ, или да поддржува идеи на социјал-демократијата, меѓутоа е крупен капитал.

Второ, факт е дека поставуавњето на Анѓушев за вицепремиер за економски прашања е спротивно на принципите на ИЛО (меѓународната организација на трудот) според кои се водат трипартидни разговори: држава-работодавачи-работници (што во случајов е нарушено заради тоа што државата и работодавачите стануваат една страна наспроти рабботниците).

Факт е дека мерките кои до сега се спроведени немаат значајно влијание врз подобрувањето на животот на поголем број граѓани, воспоставување на правото како заштитник на обичниот граѓанин и структуирање на државата во машинерија која бара прагматични начини за да му го направи поудобен животот на обичниот граѓанин. Под обичен граѓанин не ги подразбирам високите функционери во власта, членовите на платени одбори и комисии, претставниците на крупниот капитал, градоначалниците и/или блискиите на власта кои влечат бенефиции и привилегии од самотот тоа што се блиски до власта.

Факт е дека шарената револуција и илјадниците граѓани кои со години демонстрираа против режимот на Груевски, а не СДСМ, го срушија овој режим. Кога си извојувал победа очекуваш и работите за кои си се борел да бидат ставени на ниво на приоритети од страна на оние кои си ги довел на власт. Не нивни приоритети, не нивни замисли за тоа што е приоритет, туку она заради што и биле доведени на власт.

Во досегашната работа на Собранието не ги видовме претставниците на шарената револуција.

Зошто го велам ова:

Прво, не видовме во ниту еден момент отворено (на говорница) да искажат спротивно мислење од она на СДСМ, да бараат нешто специфично и да застапуваат ставови кои не се дел од партискиот став. Не зад кулисите, не во преговорите зад затворени врати, туку пред камерите и пред граѓаните.

Второ, не видовме да стават на дневен ред иницијатива, закон, промена која е само нивна, потекнува од нив и не е дел од програмата на СДСМ.

Трето,  не видовме да воспостават посебни канали на комуникација, начини на среќавање, прибирање мислења од оние со кои до вчера се влечеа по улиците. Не видовме тие да станат лоби група преку која шарените ќе може да делуваат. Напротив, одеднаш станаа горливи бранители на секоја одлука на владејачката партија и напатени души кои треба нешто многу да ги жалиме.

Четврто, не видовме во ниту еден момент отворено да нападнат некоја од политиките, мерките, одлуките, именувањата на владејачката партија. Да ги кажат принципите. Па ако треба да кажат јасно и гласно дека гласаат спротивно на своите принципи во име на ова, ова и ова.

И Павле, да ти како претставник на шарената револуција мораше да станеш и да кажеш јасно и гласно: Мислам дека треба да запрат процесите кои се водат против сите припадници на шарената револуција и да престане политичкиот прогон. Тоа не е мешање во судството, туку поддршка на реформата во правосудниот систем. Јас дете доаѓав од село пред полициска станица за да барам твое ослободување. Е тоа е мешање во правосудниот систем.

И Павле, многу е лошо бизнисмен да ја води економијата исто како што е лошо полицаец да биде министер за внатрешни или војник да биде министер за одбрана. Заради едностраноста на гледањето, заради конфликтот на интереси и заради нерамноправноста на сите други во процесите на договарање.

И, не е точно драги мој дека акцизите ги погодуваат повеќе богатите отколку сиромашните. Подигањето на цената на горивата за некој кој троши 300 литри месечно е минорна неудобност, а за оној кој троши четири литри месечно е егзистенцијално прашање.

И не, во нашиот правен систем не е забранета аналогијата. Впрочем воедначувањето на правото и барањето за слични дела да се изрекуваат слични пресуди е токму тоа.

И да, во политиката се преговара, ама преговорите значат видливи отстапки на двете страни. А јас ете тоа не го гледам.

И, да Македонија е капиталистичка држава, меѓутоа, тоа не е експлицитно кажано во Уставот на државата. Во членот 1 од Уставот Македонија се дефинира како: “… суверена, самостојна, демократска и социјална држава“.

37 total views, 1 views today