РЕШЕНИЕТО И ЖАЛБАТА

Во прилог е решението со кое се прогласувам за виновна за сторен прекршок и мојата жалба до второстепената комисија.

 

 

Бр. УП 1.19.1.4-1528/16-2018

 

Преку: Комисијата за прекршоци Скопје 04, МВР

 

До: Државната комисија за одлучување

во втор степен во областа на

инспекцискиот надзор и прекршочната постапка

при Владата на Република Северна Македонија

 

Жалител: Мирјана НАЈЧЕВСКА,

 

 

 

Ж А Л Б А

против Решението на Комисијата за прекршоци Скопје 04

Бр. УП 1.19.1.4-1528/16 од 27.11.2018

 

Со Решението на Комисијата за прекршоци Скопје 04 со бр. УП 1.19.1.4-1528/16-2018 (натаму: Решението), е одлучено дека сум одговорна за дејствие со што наводно сум сторила прекршок по чл.  27 од Законот за прекршоците против ЈРМ и ми е изречена санкција глоба во износ од 6.160 денари.

 

Во својство на Жалителот изјавувам дека Решението е целосно неосновано, како материјално така и процедурално, па, имајќи предвид дека Решението ми беше врачено на 26.02.2019 година (дваесетишестти февруари), благовремено ја изјавувам оваа Жалба од следниве причини:

 

  1. Целосна застарба на постапката;
  2. Неправилно утврдена фактичка состојба;
  3. Индицирана дискриминација;
  4. Отсуство на елементи за прекршочно дело; и
  5. Прекршени човекови права.

 

 

Врз основа на тоа, како Жалител бараМ Второстепената комисија, согласно чл. 74 од Законот за прекршоците (Службен весник на РМ бр.124/15)  да ја уважи оваа Жалба, да одлучи поинаку и со ново решение да го замени решението со кое се прогласувам за одговорна за сторен прекршок.

 

Едновремено БАРАМ, Второстепената комисија да изврши целосен увид во досието за овој случај на Комисијата за прекршоци Скопје – 04, како и да направи споредба со други случаи по истата основа заради индицирана дискриминиација и да ме извести за своите наводи како би можела да поднесам кривична пријава против лицата Спасен Софески, Сеад Мемеди, Благоја Петрушевски,  Мустафа Магди и Гоце Николовски заради основано сомнение дека е направено кривично дело при вршењето на службена должност.

 

О б р а з л о ж е н и е

 

Обжаленото Решение е ништовно од следниве причини:

 

  1. Целосна застарба на постапката . – Прекршочната постапка морала да биде завршена во рок од два месеци од поднесувањето барање за поведување прекршочна постапка, согласно чл. 65 ЗП: “… За прекршоци за кои е пропишана глоба во износ до 15.000 евра во денарска противвредност постапката пред прекршочната комисија мора да се заврши во рок од два месеци од денот на поднесувањето на барањето за поведување на прекршочна постапка“.

Индикативно е што, прво, самиот Записник е составен на 07 јуни 2016 година, или шест седмици по наводно инкриминираниот настан.

Барањето за прекршочна постапка  е поднесено на 11 јули 2016 година. Обжаленото Решение е донесено на 27.11.2018 г. или дури по две години четири месеци и две седмици од поведувањето на прекршочната постапка.

Со оглед на тоа што сиве податоци се содржани во самото Решение, извесно е дека или се работи за намера или за толку голема небрежност што ја изедначува со намера за злоупотреба на службата во функција на целосно противправен полициски прогон.

 

  1. Неправилно утврдена фактичка состојба. – Било подносителот на Барањето прекршочна постапка било Комисијата за прекршоци Скопје 04 било сите тие заедно постапувале врз основа на лажно тврдење дека, цитирам: „…пријавена … не се јави на поканата, не се изјасни по однос на наводите во барањето и не го оправда своето отсуство…“.

Се работи за отворена лага, од причина што aдвокатката Кети Јованова Јандријеска, а која ја ангажирав за овој случај, презентираше Полномошно на 25 мај 2016 година кога пред очите на повеќе собрани активисти и повеќе медиумски камери влезе во полициската станица Беко. Во таа пригода, таа во полициската станица остави Полномошно и било нотирано дека сите обраќања понатаму ќе бидат упатувани до неа.

Тоа, според нејзино тврдење не е направено, па оттука Комисијата е должна да приложи доказ во спротивна насока. Веќе отсуството на таков доказ во прекршочната постапка укажува дека лажното тврдење е свесно направено. Комисијата е должна да приложи доказ за достава до адвокатката.

Уште повеќе, истата Комисија за прекршоци донела Решение бр. УП 1.19.1.4-1525/16 за наводно оштетување токму на таа Полициска станица и токму на тој датум што наводно токму јас го имам направено.

Понатаму, во самото Решение никаде не се наведува ниту дека бил изведен доказ дека јас сум направила некакво оштетување ниту пак дури и дека јас ја имам погодено со боја зградата на МНР. Не, само дека  сум, цитирам: „…фрлала предмети наполнети со боја…“. Меѓутоа, и да сум „фрлала“ не значи дека сум успеала да ја погодам зградата ниту пак е изведен доказ за која од повеќето бои видливи и ден денешен сум одговорна токму јас. Или сум одговорна за сите оние бројни бои што се’ уште стојат на зградата на МНР – ама тоа мора да се каже и да се докаже!

Крајно индикативно е дека во овој случај пред зградата на МНР како и еден месец подоцна пред зградата на полициската станица Беко, се појавува како сведок на настанот истиот полицаец – Гоце Николовски.

И, можеби најважно од се’, во Решението, иако се наведува текст на законска одредба (чл. 27 од ЗПЈРМ) каде делото се сторува „оневозможување за користење или оштетување“ нема никаков доказ било дека е „оневозможено користењето“ било дека постои „оштетување“ и, ако го има: за каков вид се работи, во што се состои оштетувањето и колкаво „оштетување“ сум направила.

Од изнесеното јасно произлегува не само дека МВР немаат ниту најмал доказ туку и дека сосема свесно ја злоупотребуваат својата положба.

 

  1. Индицирана дискриминација. – На социјалните мрежи и во медиумите, токму по повод ова Решение беа искажани ставови дека и некои политичари на актуелната власт добиле вакви решенија и дека наводно платиле глоба (премиерот Зоран Заев и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов). Притоа, сепак, не покажаа ниту примерок од решение ниту уплатница за платената глоба.

Други политичари на власт, а кои се видливи на истите снимки не се изјаснија ниту дека добиле решение ниту дека платиле глоба (на пример, вицепремиерката Радмила Шеќеринска).

Трети пак, како на пример г. Петрит Сарачини, советник во Владата на Република Северна Македонија, отворено во медиумски настап (28.02.2019 / ТВ „24 часа“) нагласи дека фрлал боја во рамките на протестите на тнр. „Шарена револуција“ но ниту добил решение ниту платил глоба!

Од изнесеното многу силно е индицирана дискриминација по основа на политичка припадност, санкционирана со чл. 3 од Законот за спречување и заштита од  дискриминацијата (Службен весник на РМ бр. 50/2010).

Тоа, едновремено, и од овој аспект потврдува дека петмината припадници на МВР свесно ја злоупотребиле својата положба.

 

  1. Отсуство на елементи за прекршочно дело. – Најфлагрантното прекршување на правото е токму тоа што со Решението никако не се објаснува како „фрлањето предмети со боја“ е ПРЕКРШОК. Нема да се впуштам во докажување ноторен факт дека на тој начин не можело да се „оневозможи користењето јавна зграда“. На Комисијата било да докаже дека тоа сум го сторила и како.

Вториот и поточно сегментот на кој Комисијата се повикува е – „фрлање предмети со боја“. Дури и со самата формулација се избегнува да се каже каква штета е направена и пред се’ – ДАЛИ Е ВООПШТО НАПРАВЕНА ШТЕТА. Без тоа – нема дело!

Ова веќе недвосмилено докажува дека петмината припадници на МВР свесно ја злоупотребиле својата положба.

 

5. Прекршени човекови права. – Правото на протест е заштитено на повеќе начини,

а ограничувањата се јасно дадени во закон (Закон за јавните собири, Службен весник на РМ, бр. 55/1995). Според Законот за јавни собири (член 6) “Министерството за внатрешни работи ќе го прекине одржувањето на јавен собир во случаите кога истиот е насочен кон: загрозување на животот, здравјето, безбедноста, личната сигурност и имотот на граѓаните“. Со оглед на тоа дека МВР не го прекинала протестот, може да се изведе заклучок дека не била утврдена опасност по имотот на граѓаните.

Според членот 7 од Законот за јавните собири (Член 7) “Организаторот на јавниот собир е должен да ја надомести евентуалната штета што ќе настане при одржување на јавниот собир.“ Бидејки МВР во ниту еден момент не ме идентификува како организатор на јавниот собир, останува прашањето доколку била направена било каква штета дали е направен обид овој организатор да се повика на одговорност.

Во Законот за јавни собири се предвидени парични казни (член 9 и 10) за организаторот на јавниот собир, а за физичко лице само доколку носи оружје (за што јас не сум обвинета).

Второ право кое е загрозено со ова Решение е слободата на мислење и изразување која во поширокото разбирање на поимот подразбира и невербална комуникација посебно кога станува збор за изразување незадоволство од владеачката структура до ниво на употреба на Преамбулата на Универзалната декларација за човековите права на ООН.

Следствено, извесно е дека петмината припадници на МВР свесно ја злоупотребиле својата положба.

 

Од горенаведените причини, како и имајќи предвид дека се работи за полициски прогон што е можеби започнат во 2016 година, но е  реализиран во ноември 2018 година и поточно во период кога упатив сериозни критики спрема актуелната власт, па дури и доставувањето е направено со тримесечна задршка, како Жалител ги повторувам обете бараЊА наведени во диспозитивот на оваа Жалба, вклучувајќи и дека очекувам да бидам известена за пошироките наводи на Второстепената комисија како би можела да поведам кривично- правна постапка.

 

05 МАРТ 2019 година

 

Ж а л и т е л:

Мирјана НАЈЧЕВСКА

 

472 total views, 1 views today

ЗОШТО ЈАС НЕ МОЖАМ ДА БИДАМ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ КАНДИДАТ?

Да нема забуни, тоа што јас инсистирам на тоа дека е време да имаме жена за претседател на државата, во никој случај не значи дека јас ќе се кандидирам за оваа функција, или дека сум соодветна за неа.

Прво, не сум поврзана со ниту една политичка партија, или попрецизно кажано не сум и симпатична на ниту една политичка партија, или уште попрецизно, на сите политички партии им се превртува стомакот кога ќе се спомне моето име. Без исклучок.

Второ, не сум поврзана со бизнис заедницата и на крај памет не ми паѓа да правам било какви отстапки во однос на правата на граѓаните во корист на бизнисот, профитот и личното богатење. Ја сум за агресивен прогресивен данок со кој во добивката на  најбогатите ќе се зафаќа најмалку со 50% и сум против било какви интимни врски меѓу власта и бизнисот.

Трето,  претседателската функција не ја разбирам како биро за вработување, унапредување, наградување, помилување, додворување, отворање и/или поддршка на бизниси на роднини, пријатели, комшии и сл. Меѓутоа сум за најдобро можно искористување на она малку интелектуален потенцијал со кој располага ова наше државиче независно од верската, партиската, сексуалната, културната, музичката, етничката, припадност.

Четврто, јас сум атеист кој го почитува правото на вероисповед како лично и многу интимно право и ниту една религија не ја сметам за сојузник на државата. Верските заедници за мене се обични здруженија на граѓани кои треба да бидат третирани како такви.

Петто, не можам да бидам поткупена, на закани вообичаено реагирам со агресија, а умилкувањето го сметам за прв знак дека некого треба да го откачам.

Шесто, не сакам скапа облека, скапи автомобили, големи канцеларии, резиденции, телохранители, послуга, црвени килими, приватни авиони, …

Седмо, јас не ја кријам мојата лева ориентација во која се почнува и завршува со  човековите права за сите, секаде и во секоја ситуација. Најверојатно преведено на јазикот на сегашноста најблиски ми се зелените или екосоцијализмот.

Посебен недостаток кој е дефинитивно непремостлив е тоа што јас точно знам кои се надлежностите на претседателот на државата и што може да направи, а што не, што е спротивно на гламурозните ветувања кои се даваат во време на претседателските кампањи во кои кандидатите ветуваат брда и долини, мед и млеко и активности кои немаат врска со функцијата претседател на државата.

Во моментов во Македонија не може да има кандидат за претседател кој има и теориски шанси да биде избран а кој не припаѓа на ниту една политичка партија, кој е скаран со бизнис заедницата, кој нема намера да вработи барем сто души и уште толку да ги унапреди или именува, кој не се гушка со верските великодостојници и не имитира загрижен верник, кој не е веќе фатен на орото на меѓусебно давање и земање, кој не сонува за палата од мермер и запрен сообраќај додека поминува покрај смртниците, кој не е отворено или прикриено десно ориентиран и кој не е спремен да ја вети Месечината и брзо патување на Марс.

Заради сето ова, ве молам ни на шега да не го спомнувате моето име како можен кандидат за претседател на државата.

Меѓутоа, јас цврсто стојам на тврдењето дека на оваа држава и е потребна претседателка. И јас ќе гласам за било која кандидатка која ќе се појави на наредните избори. Било која. Добро, имам една црвена линија. Ќе гласам за било која, која е макар и за нијанса подобра од Ѓорѓе Иванов.

878 total views, 3 views today

ДОЛЕ РЕЖИМОТ – ДА ЖИВЕЕ РЕЖИМОТ

Денес (10.10.2018 година) добив две покани од Министерството за внатрешни работи (Сектор за прекршоци) во кои ме повикуваат да дојдам во Комисијата за прекршоци во својство на сторител, а врз основа  на барања за поведување на прекршочна постапка поднесени од страна на Министерството за внатрешни работи до Министерството за внатрешни работи (повторувањето не е грешка туку факт) заради сторен прекршок: оштетување на јавана зграда.

Барањата за поведување на прекршочна постапка од Министерството за внатрешни работи се доставени до Министерството за внатрешни работи на 6.07.2016 година и на 11.07.2016 година (од претходниот режим), а се процесирани на крајот од 2018 година (од сегашниот режим).

Многу интересна ситуација ова со поканиве.

Прво, Шарената револуција беше граѓанско движење против еден диктаторски режим кое успеа на најбезболен и најбезбеден начин (со фрлање на боја врз објектите на државната власт) и без никакви жртви да го сруши режимот. Повикувањето на одговорност за фрлањето боја врз објекти на државната администрација е еднакво на повикување на одговорност за рушење на диктаторскиот режим. Значи, јас треба да бидам казнета затоа што сум го срушила диктаторскиот режим.

Со други зборови, полицијата на политичката гарнитура која беше донесена на власт како резултат на ова граѓанско движење ги гони претставниците на граѓанското движење заради тоа што ја донеле на власт.

Второ, не се повикуваат на одговорност сите учесници на Шарената револуција туку само оние кои не влегоа во власта.

Со други зборови, како реузлтат на фрлањето боја Заев стана премиер и заради тоа никому не му паѓа на крај памет прекршочно да го гони.

Како резултат на фрлањето боја Шеќеринска стана министер за одбрана и заради тоа никому не му паѓа на крај памет прекршочно да ја гони.

Како резултат на фрлањето боја Шилегов стана градоначалник   и заради тоа никому не му паѓа на крај памет прекршочно да го гони.

Како резултат на фрлањето боја Павле Богоев стана пратеник и заради тоа никому не му паѓа на крај памет прекршочно да го гони.

Јас останав граѓански активист и заради тоа мене прекршочно ме гонат.

Со тоа е прекршен Уставот на Република Македонија, Законот за спречување и заштита од дискриминација и на крај и членот 8 (Начело на еднаквост, непристрасност и објективност) од Законот за општата управна постапка.

Трето, самата покана се повикува на член 67 од Законот за општа управна постапка од 2005 година и покрај тоа што тој закон престанал да важи 2015 година (член 140 од Законот за општа управна постапка) со што е прекршен членот 5 од Законот за општа управна постапка (начелото на законитост).

Четврто, барањето за поведување прекршочна постапка не ги содржи елементите предвидени во членот 90 (Содржина на барањето) од Законот за прекршоци.

Петто, во поканата сум означена како сторител, не осомничен,  со што е нарушена презумцијата на невиност и органот кој ја испратил поканата веќе донел одлука за случај во кој јас не сум ни обвинета, судена ни осудена.

Шесто, во двете барања како службеник кој го констатирал прекршокот се наведува исто лице Николоски Гоце од ПС ОН “Центар“-СВР Скопје и покрај тоа што станува збор за два различни настани, кои се случиле во различно време и на различно место.

Заради сето погоре наведено јас Најчевска Мирјана,

Прво, ќе поднесам пријава за дискриминација до Комисијата за заштита од дискриминација и Народниот правобранител.

Второ, ќе поднесам кривична пријава против началникот на одделението за прекршоци на СВР Скопје Мехди Мустафа (потписник на барањето), заради злоупотреба на службената должност.

Трето, ќе поднесам кривична пријава против службеното лице Петрушевски потписник на поканата заради нарушување на пресумпцијата на невиност и злоупотреба на службената должност.

Четврто, ќе поднесам кривична пријава против униформираниот полициски службеник Николоски Гоце заради сомнение за давање лажен исказ и мамење во вршење на служба.

Петто, ќе поднесам тужба за дискриминација против министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по командна одговорност.

И на крај, драги мои актуелни властодржци,  со ова покажувате дека вие не го срушивте диктаторскиот режим, туку само станавте нови корисници на истиот.

6,073 total views, no views today

Што нудат луѓето кои повикуваат на бојкот на референдумот?

Слушам многу фрази: вечна Македонија, свето име, ненародна власт, геноцид, само една љубов, одбрана на татковината …

Она што не го слушам е што навистина нудат како како резултат на своите активности луѓето кои повикуваат на бојкот на референдумот.

Еве, да претпоставиме дека бојкотот ќе успее и референдумот ќе пропадне. И да претпоставиме дека тоа ќе доведе до откажување од договорот од Преспа.

И, што понатаму?

Уште 27 години тапкање во место и преправање дека се договараме, а всушност не сакаме договор?

Враќање на ВМРО-ДПМНЕ која беше срушена како најкорумпирана и најнедемократска  власт после повеќегодишни масовни демонстрации?

Status quo на условите во кои до сега живеевме?

Ако го правиме истото тоа што сме го правеле изминатите 27 години, ќе дојдеме до истиот резултат, нели?

 

Concept of business cycle or going nowhere

Ќе останеме најзагадена држава во Европа, со најлошо образовани, со најниско ниво на здравствена заштита. Ќе останеме најкорумпирана држава во Европа, држава со најнизок стандард, со најголема смртност на доенчиња и родилки, …

Или ќе се случи нешто неочекувано? Чудо од небото?

Она што можам да го видам е дека пробавме да функционираме надвор од главните европски токови (27 години) и не мрднавме од мртва точка, додека другите напредуваа и се повеќе се оддалечуваа од нас.

За мене договорот од Преспа е нешто ново и можеме да очекуваме и поинаков резултат. Не е чудо, не е совршенство без мана, не е концентрат на мудроста и знаењето, меѓутоа е алатка која нуди излез од калта.

Навистина сакам да слушнам што нудат како решение на ситуацијата во која се наоѓаме тие кои повикуваат на бојкот, освен удирањето во гради, извикување на бомбастични фрази и црковно-националистичкиот рап со кој се сее омраза.

 

 

267 total views, 3 views today

НЕКОИ УТОПИСКИ РАЗМИСЛИ ПРЕД НАРЕДНИТЕ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ

Овој текст го објавив во дневниот весник УТРИНСКИ (кој веќе не постои заради преголемата медиумска слобода која владее во Република Македонија) на 24 април 2001, во рамките на циклусот написи под наслов  “ И боговите лично пред  глупоста остануваат неми “. 

Во изминатите 17 години требаше да отидеме подалеку, чинам.

У Т О П И Ј А

 

Посакувам на наредните претседателски избори во Макеоднија  да се кандидира човек кој ќе има интелектуални и морални капацитети и кој ќе поседува знаење и искуства што ќе му овозможат;

–       да ги разбере   работите што се случуваат околу него за да може да реагира и постапува согласно со реалните случувања;

– некој кој ќе има јасна претстава за луѓето со кои се опкружува и можност за елементарна процена на она што може, што сака и што ќе добие од овие луѓе;

– кој  ќе може да го каже она што сака и што треба да го каже, а ќе го премолчи она што не сака и што не треба да го каже;

– кој  ќе се смее кога работата е за смеење, а ќе биде сериозен кога работата е сериозна;

– кој ќе знае да пресече таму каде што е за сечење и ќе знае да биде вистински дипломат таму каде што треба да се договара и преговара;

– некој кој ќе верува во себе, во граѓаните и во своите соработници, а нема да чека цело време милост и помош од некој од надвор или одозгора.

За ваков човек би гласала во секое време и два пати.

Посакувам на наредните парламентарни избори да се појави барем еден кандидат за парламентарен пратеник кој ќе има интелектуални и морални капацитети и кој ќе поседува знаења и искуства кои ќе му овозможат;

-да размислува со своја глава и да биде нешто малку повеќе од обична кукла на конци која мрда онака како што кажува партијата (било да е тоа старата или новата или некоја идна партија);

– кој  нема да заборави дека е избран од страна на граѓаните со цел да биде нивно продолжение, манифестација на нивниот интерес, нивни претставник и дека до крајот на својот мандат е во нивна служба.

– кој ќе ги чита собраниските материјали ќе замоли да  му биде објаснет секој нејасен дел од страна на оние што знаат, ќе ги гради своите ставови и ќе ги донесува решенијата врз основа на сите информации што ќе ги добие од своите истомисленици и од оние што мислат сосема  спротивно од него;

– ќе сфати дека користењето на позицијата на која се наоѓа за остварување на каква било лична корист е еднакво на обична улична (или провална) кражба и дека оној што ја направил за тоа треба да одговара како секој уличен ограбувач или провалник;

– ќе ја прифати пратеничката функција воден од сознанието дека политиката е занает за кој треба талент И период на учење (од чирак, преку калфа до мајстор);

– ќе сфати дека пратеничките привилегии се во функција на остварување на прифатените задолженија, а  не награда за претходно извршените партиски задачИ;

–  пратеничката функција  нема да ја сфати како продолжен одмор од четири години со посебна можност за кружни патувања во странство.

За ваков човек би гласала независно на која партија и припаѓа неброен број пати и со задоволство. Посакувам наредната Влада да ја предводи премиер кој ќе има интелектуални и морални капацитети и кој ќе поседува знаења и искуства кои ќе му овозможат;

-да ја избегне напиолеонската болест на прв и единствен, незаменлив, неприкосновен и неповторлив;

– кој во најголем дел од своето премиерување ќе биде наполно свесен и наполно деловно  способен;

– кој ќе биде во состојба да формира влада во која основен критериум ,,за,, ќе биде нивото на стручноста, а основен критериум ,,против,, – нечесноста;

– да сфати дека партиските војници треба да бидат наградени на друг начин, а не со министерски, амбасадорски и функционерски места;

– да сфати дека државата не е негова сопственост со која може да располага како што сака, дека не смее да ја продава, да ја подарува, ниту да ја дава на послуга за одредено време (дури ни на МПЦ);

– за да разбере дека ни толку високо поставен не е над законот и над правото (напротив);

– да ја прифати одговорноста за своите постапки и да плати за направените грешки;

– да ги продолжИ позитивните трендови на својот претходник и никогаш во своја одбрана да не се повика на грешките на својот претходник или на својот партиски противник.

Навистина би сакала да видам ваков човек на чело на македонската влада.

Посакувам во наредната влада да се најде барем еден министер кој ќе има интелектуални и морални капацитети и кој ќе поседува знаење и искуства кои ќе му овозможат;

– да сфати каде се наоѓа и со што се занимава;

–  да се обидеда разбере како функционира министерството што го раководи, како да ја  искористи машинеријата што му е ставена на располагање и како министерството да го  направи функционална и ефикасна структура во службан а интересите и потребите на граѓаните;

– кој нема да вработи ниту еден свој роднина (ниту по права ниту по родбинска линија) или свој емоционален или сексуален партнер (животен или привремен);

– кој нема да отпушти ниту едне човек со цел на неговото место да вработи ,,свој,, или партиски кадар;

– кој ќе инсистира на изработка на сите протоколи, процедури и правила на работење (во писмена форма) И прв ќе почне да ги спроведува;

– кој барем поимно ќе може да ја разликува администрацијата од политичката структура;

– некој кој ќе го почитува законот до неговата последна буква и интерпукциски знак.

По можност тој министер би било убаво да не е министер-приправник. Таков министер навистина би вредело  да се има во која било влада.

Некогаш човек едноставно го посакува невозможното, нели? Надејвајќи се на чуда или на ненадеен  пробив на разумот (што можеби во случајов би го претставувало и најголемото чудо). Некогаш човек едноставно се чувствува толку беспомошен да напраив што било во реалноста (посебно кога реалноста е толку апсурдно нерационална, до солзи, бесрамно), што фантазијата странува единствена основа на надежта. И на преживувањето.

Ако ме прашате мене, јас би била задоволна и со 10% од горното. Сосема. И свесна сум колку е тоа нереално.

171 total views, no views today