ЗА МОИТЕ ШАРЕНИ КОИ ЈА СМЕНИЈА БОЈАТА

Моето мислење за дискусијата меѓу Здравко и Павле во емисијата 24 Тренд анализа – Дали политиката повторно ги вмеша прстите во судството.

Прво, факт е дека во моментот на власт во Македонија е крупниот капитал. Тој може да се нарекува СДСМ, или да членува во СДСМ, или да поддржува идеи на социјал-демократијата, меѓутоа е крупен капитал.

Второ, факт е дека поставуавњето на Анѓушев за вицепремиер за економски прашања е спротивно на принципите на ИЛО (меѓународната организација на трудот) според кои се водат трипартидни разговори: држава-работодавачи-работници (што во случајов е нарушено заради тоа што државата и работодавачите стануваат една страна наспроти рабботниците).

Факт е дека мерките кои до сега се спроведени немаат значајно влијание врз подобрувањето на животот на поголем број граѓани, воспоставување на правото како заштитник на обичниот граѓанин и структуирање на државата во машинерија која бара прагматични начини за да му го направи поудобен животот на обичниот граѓанин. Под обичен граѓанин не ги подразбирам високите функционери во власта, членовите на платени одбори и комисии, претставниците на крупниот капитал, градоначалниците и/или блискиите на власта кои влечат бенефиции и привилегии од самотот тоа што се блиски до власта.

Факт е дека шарената револуција и илјадниците граѓани кои со години демонстрираа против режимот на Груевски, а не СДСМ, го срушија овој режим. Кога си извојувал победа очекуваш и работите за кои си се борел да бидат ставени на ниво на приоритети од страна на оние кои си ги довел на власт. Не нивни приоритети, не нивни замисли за тоа што е приоритет, туку она заради што и биле доведени на власт.

Во досегашната работа на Собранието не ги видовме претставниците на шарената револуција.

Зошто го велам ова:

Прво, не видовме во ниту еден момент отворено (на говорница) да искажат спротивно мислење од она на СДСМ, да бараат нешто специфично и да застапуваат ставови кои не се дел од партискиот став. Не зад кулисите, не во преговорите зад затворени врати, туку пред камерите и пред граѓаните.

Второ, не видовме да стават на дневен ред иницијатива, закон, промена која е само нивна, потекнува од нив и не е дел од програмата на СДСМ.

Трето,  не видовме да воспостават посебни канали на комуникација, начини на среќавање, прибирање мислења од оние со кои до вчера се влечеа по улиците. Не видовме тие да станат лоби група преку која шарените ќе може да делуваат. Напротив, одеднаш станаа горливи бранители на секоја одлука на владејачката партија и напатени души кои треба нешто многу да ги жалиме.

Четврто, не видовме во ниту еден момент отворено да нападнат некоја од политиките, мерките, одлуките, именувањата на владејачката партија. Да ги кажат принципите. Па ако треба да кажат јасно и гласно дека гласаат спротивно на своите принципи во име на ова, ова и ова.

И Павле, да ти како претставник на шарената револуција мораше да станеш и да кажеш јасно и гласно: Мислам дека треба да запрат процесите кои се водат против сите припадници на шарената револуција и да престане политичкиот прогон. Тоа не е мешање во судството, туку поддршка на реформата во правосудниот систем. Јас дете доаѓав од село пред полициска станица за да барам твое ослободување. Е тоа е мешање во правосудниот систем.

И Павле, многу е лошо бизнисмен да ја води економијата исто како што е лошо полицаец да биде министер за внатрешни или војник да биде министер за одбрана. Заради едностраноста на гледањето, заради конфликтот на интереси и заради нерамноправноста на сите други во процесите на договарање.

И, не е точно драги мој дека акцизите ги погодуваат повеќе богатите отколку сиромашните. Подигањето на цената на горивата за некој кој троши 300 литри месечно е минорна неудобност, а за оној кој троши четири литри месечно е егзистенцијално прашање.

И не, во нашиот правен систем не е забранета аналогијата. Впрочем воедначувањето на правото и барањето за слични дела да се изрекуваат слични пресуди е токму тоа.

И да, во политиката се преговара, ама преговорите значат видливи отстапки на двете страни. А јас ете тоа не го гледам.

И, да Македонија е капиталистичка држава, меѓутоа, тоа не е експлицитно кажано во Уставот на државата. Во членот 1 од Уставот Македонија се дефинира како: “… суверена, самостојна, демократска и социјална држава“.

Етно-национализмот е болест

Кон колумната на мојот драг пријател Беким Кадриу.

Етно – национализмот е тежок болештилак.

Симптомите релативно лесно се препознаваат: во секоја ситуација се брани сопствената етничка заедница, таа за ништо не е крива, таа е напатена и обесправена, “другиот“ цело време ја загрозува, потребно е обединување на сите околу етно-центарот, …

Етно-националистот ја прилагодува историјата и ги прилагодува фактите да му соодветсвува на тезата за тешкиот живот на сопствената етничка заедница која сите ја обесправуваат и го одземаат идентитетот, ја перцепираат како заедница од втор степен.

За етно-националистот постојат заедници наместо индивидуи, и правата се поврзани со заедниците, а не со индивидуите. Според етно-националистот  индивидуите од една заедница мора да ги споделуваат истите чувства и размислувања како и сите останати во заедницата, а во спротивност ќе бидат отфрлени како туѓо тело. За етно – националистот не е етничката заедница составена од индивидуи кои имаат права туку индивидуите припаѓаат на етно-заедницата која има права, а тие можат да ги остварат своите права само ако ги почитуваат правилата на игра воспоставени од етно-заедницата.

Етно-националистот не е во состојба да влезе во чевлите на другиот, да погледне со очите на другиот, да ја разбере перспективата на другиот. Тој е заробен во својот етно-националистички космос во кој се се врти околу една етничка заедница (таа најобесправената, која цело време води праведна борба и која е толку неразбрана).

Прв показател дека одреден човек успеал да се издигне над сопствениот етно-национализам е кога ќе застане во одбрана на правата на припадниците на друга етничка заедница. Јас тоа го направив пред повеќе од 20 години и постојано го правам: Овде сум варварин затоа што никој не ме разбира

Време е и ти да го направиш.

Пс. Етничката припадност за мене е последен бастион на кастинското уредување и последно скалило кое мора да се помине во процесот на разотуѓувањето на човекот како индивидуа која со другите луѓе се поврзува на многу флексибилна основа и во врска со најразлични потреби и интереси од потраен и помалку траен карактер. Ова е тезата која ја развив во мојата докторска дисертација во 1995 година и ја одбранив.

Тоа не значи дека етницитетите треба преку ноќ да исчезнат (исто како што нема да исчезнат преку ноќ ни религиите), меѓутоа, развојот на човештвото оди во оваа насока. На Марс ќе дојдеме како луѓе од планетата Земја, а не како припадници на различни етнички заедници, религии, раси, …

 

 

 

 

ПОЛИТИКА НАСПРОТИ ПРАВО

Американци, Европјани, Прибе, Хан, Бејли, Вајгл, … пораки, анализи, забелешки, препораки, …

Често слушам: така рекоа странците, тоа го пишува кај Прибе, овие забелешки ни ги дадоа во Брисел, Хан ни порача, Американците бараат, …, и мора да постапиме така.

Не сум сигурна дали станува збор за незнаење или пак за затскривање  зад овие флоскули, меѓутоа, реформите во Македонија многу трпат заради ваквото поставување на работите.

Не, не е точно дека мора да се врземе за секоја препорака, за секое мислење, за секоја сугестија која што доаѓа од страна на Американците, ЕУ, државите на ЕУ или некоја друга држава која ја поерцепираме како демократска и пријателска или пак на експертите кои ги препорачале овие држави.

Овие сугестии, забелешки, препораки, пораки, … се формираат во и од страна на политички кругови во овие држави, имаат политички карактер и во основа зависат од политичкиот момент во светот, во самите тие држави и во односите меѓу тие држави и Македонија. Тие се многу лесно променливи и содржат голема доза на субјективност.

На пример, одредени препораки може да бидат поврзани со актуелната владејачка структура во конкретна држава. Може да се поврзани со средствата кои таа држава ги дала за конкретни проекти (на пример за развој на Академијата за судии и јавни обвинители) и кои сега мора да ги оправда независно од нивото на објективна успешност на тие проекти. Може да се поврзани со релациите со трети држави во кои сакаат да спроведат одредени мерки па Македонија им служи како позитивен или негативен пример. Може да се …Уште повеќе, што ваквите препораки може да бидат контрадикторни (како во однос на препораките на други држави или меѓународни организации, така и внатрешно во однос на препораки кои се претходно дадени)

Ваквите препораки треба да се слушаат, да се води сметка за нив, да се ставаат во контекст, да се анализираат, да се земаат предвид, да им се придаде соодветно значење, меѓутоа не и да се третираат како закон.

Она, што мора да го имплементираме доколку сакаме да изградиме систем кој е компатибилен со системот на ЕУ е европското право.

Тоа не се поеднинечни политички ставови, мислења, идеи. Тоа се норми кои поминале сито и решето, кои се избрусени низ праксата на ЕУ државите и кои добиле заедничка и прифатлива форма обликувана во правна норма (директива).

Тоа е она што е задолжително, обврзно и кое се транспонира во домашната легална рамка (се разбира доколку сакаме да станеме дел од ЕУ структурите).

Значи, кога еден закон го носи европското знаменце, тоа значи дека се транспонира европското право, а не некој моментален политички став на некоја европска држава, па и на ЕУ.

Само на тој начин може да се изгради конзистентен систем од правни норми кој ќе направи таква суштинска промена која ќе не приближи до ЕУ државите. Се друго е политичко гибање, прилагодување и во основа е контрапродуктивно на зададената цел.

ШТО ОЧЕКУВАМ ОД НОВАТА СОЦИЈАЛ-ДЕМОКРАТСКА ВЛАСТ

  1. Силна заштита на правата на работниците
  2. Социјални мерки за подобар живот на најсиромашните граѓани
  3. Намалување на бенефициите на функционерите
  4. Зголемување на обврските на бизнисот (посебно крупниот)
  5. Прогресивен данок, прогресивни давачки, прогресивни цени на услугите
  6. Намалување на бројот на министерства
  7. Зголемување на издвојувањата за здравство и образование
  8. Промоција на граѓанскиот наместо на етнички базираниот модел
  9. Повеќе права за поголем број луѓе
  10. Поголема еднаквост пред законот и поголема еднаквост во шансите

Од оваа владејачка структура не очекувам реваншизам кон политичките опоненти, меѓутоа очекувам санкционирање на прекршувањата на законите направени во претходниот период, одземање на привилегиите стекнати заради припадност на конкретна политичка опција, испитување на професионалноста и соодветноста на кадрите и секако, очекувам барем хоризонтално поместување на сите оние за кои постои сомневање дека го прекршиле законот (со делување или неделување), а со цел избегнување на можноста за прикривање на податоци и натамошно користење на позицијата за вршење притисок или оневозможување на постапките кои се во тек.

Ова се моите мерила на успешноста на актуелната власт.