ЗА ХАШКИТЕ СЛУЧАИ

Постојат многу политички објаснувања за случаите кои биле предадени на Хашкиот трибунал а сега се отстапени од негова страна на Република Македонија, меѓутоа, лично мислам дека за нив може да се разговара и да се анализираат, а не да се користат како правен основ за непостапување во врска со овие случаи.
Од правен аспект треба да се примени член 8 од  ЗАКОН ЗА СОРАБОТКА МЕЃУ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И МЕЃУНАРОДНИОТ КРИВИЧЕН СУД ЗА ГОНЕЊЕ ЛИЦА ОДГОВОРНИ ЗА СЕРИОЗНИ ПОВРЕДИ НА МЕЃУНАРОДНОТО ХУМАНИТАРНО ПРАВО ИЗВРШЕНИ НА ТЕРИТОРИЈАТА НА ПОРАНЕШНА ЈУГОСЛАВИЈА ( Сл.Весник на Р.Македонија бр.73 од 13.06.2007 година):

Член 8

(1) Постапката пред Хашкиот трибунал против лице за кривично дело определено со Статутот на Хашкиот трибунал, секогаш има предност пред постапката против истото лице и за истото дело поведена пред надлежниот јавен обвинител или надлежниот суд на Република Македонија.
(2) Ако Хашкиот трибунал побара од надлежниот јавен обвинител или надлежниот суд предметот да биде предаден во негова надлежност, барањето веднаш се одобрува.
(3) Ако Хашкиот трибунал не донесе конечна одлука или не ја запре постапката покрената пред него и одлучи предметот да го отстапи на решавање на надлежниот јавен обвинител или надлежниот суд на Република Македонија, истите се должни да го прифатат и веднаш да ја продолжат постапката.

Постапката е дадена во член 25, 26, 27 и 28:

Член 25
(1) Кога Обвинителот на Хашкиот трибунал или Хашкиот трибунал ќе одлучи да го врати предметот на натамошно постапување на надлежните државни органи на Република Македонија, согласно со членот 16 од овој закон истиот се враќа:
1) на оној државен орган од кој бил преземен, ако Хашкиот трибунал понатаму не презел никакви дејствија во врска со тој предмет или 2) на органот надлежен за постапување во онаа фаза на постапката, во која е прекината или запрена постапката пред Хашкиот трибунал.
(2) Ако пред Хашкиот трибунал е завршена истрагата, предметот се доставува до Јавниот обвинител на Република Македонија кој во рок не подолг од 30 дена, може да одлучи да подигне обвинение или да бара од надлежниот суд преземање на дополнителни истражни дејствија.
(3) Ако пред Хашкиот трибунал е подигнато обвинение, но не е закажан главен претрес, предметот се доставува до Јавниот обвинител на Република Македонија, кој во рок од 30 дена од денот на приемот на
предметот може да одлучи да го дополни или измени обвинението, или да го прифати и поднесе истото обвинение пред надлежниот суд.
(4) Предметот за кој пред Хашкиот трибунал бил отворен главен претрес се доставува до надлежниот суд, пред кој претседателот на судскиот совет закажува главен претрес во рок не подолг од 60 дена од денот на приемот во судот.
(5) Во случајот од ставот (4) на овој член Јавниот обвинител на Република Македонија не може да го менува обвинителниот акт.
Член 26
(1) Во случаите од членот 25 ставови (2) и (3) на овој закон, за постапување по предметите отстапени од Хашкиот трибунал надлежно е Одделението за гонење на сторители на кривични дела од областа на
организираниот криминал и корупцијата во рамките на Јавното обвинителство на Република Македонија.
(2) За постапување по предметите за меѓународни злосторства предвидени со Статутот на Хашкиот трибунал надлежен е Основниот суд Скопје I – Скопје.
(3) За постапување по предметите, судот од ставот (2) на овој член, обезбедува посебна просторија за непречено водење на постапките (со опрема за видеоконференција, видеонадзор и систем за противпожарна заштита).
(4) Претставниците на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, можат да го надгледуваат водењето на сите постапки поврзани со предметите отстапени од Хашкиот трибунал.
(5) Надлежните органи кои ќе постапуваат по предметите отстапени од Хашкиот трибунал треба да соработуваат со Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Оваа соработка вклучува доставување на одговори на барањата за информации, обезбедување непречен пристап до сите лица притворени во текот на постапката, пристап до истражните списи и списите на предметите, обезбедување присуство во текот на преземањето на предистражните и истражните дејствија и претреси, како и обезбедување присуство на сите судски претреси.
Член 27
(1) Со одлуката за отстапување на предметот, Обвинителот на Хашкиот трибунал или Хашкиот трибунал ги доставува и сите докази, записници за изведени процесни дејствија и други списи важни за натамошното водење на постапката.
(2) Доказите прибавени од страна на Хашкиот трибунал се користат во постапката пред надлежниот суд во Република Македонија, освен ако тоа не е во спротивност со одредбите на Законот за кривичната постапка.
(3) Исказите на сведоците и вештаците дадени во постапката пред Хашкиот трибунал се користат како доказ во постапката пред надлежните судови во Република Македонија, ако нивното непосредно сослушување не е можно или би водело кон одолжување на кривичната постапка.
(4) На сведоците кои ќе се појават пред Хашкиот трибунал им се обезбедува ефикасна заштита согласно со Законот за кривичната постапка и Законот за заштита на сведоци.
(5) Документациј ата и вештачењата прибавени, односно извршени од Хашкиот трибунал имаат значење на докази прибавени од страна на надлежните државни органи на Република Македонија или установи за вештачење или поединци вештаци.
(6) Судот може да ги користи како доказ и фактите утврдени со правосилна одлука донесена во друга постапка пред Хашкиот трибунал.
Член 28
(1) Правосилната одлука по предметот отстапен од Хашкиот трибунал судот што ја донел ја доставува до Хашкиот трибунал најдоцна во рок од еден месец од денот на нејзиното донесување.
(2) Врховниот суд на Република Македонија до Хашкиот трибунал ја доставува секоја одлука со која правосилната одлука се менува во корист на осудениот.
(3) Министерот за правда е должен најдоцна во рок од 30 дена од денот на нивното донесување да го извести Хашкиот трибунал за секој акт на амнестија или помилување на осудениот.
Секое непостапување во согласност со оваа регулатива е противзаконско и покажува дека политиката во Република Македонија е над законите (што не е никаква новост ама е добро да се одбележи во секој поединечен случај).

СУДСТВОТО – ДИРЕКТЕН УЧЕСНИК ВО ПРЕКРШУВАЊЕТО НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА

Случајот на “млекарот“ од Битола недвосмислено покажа дека целото наше судство со сите судии станало соучесник на власта во кршењето на основните човекови права и слободи.

Во ситуација кога еден судија не го применува законот, кога ниту еден друг судија не регаира на тоа, кога Републичкиот судски совет молчи, не може да стане збор за ништо друго освен за целосно ставање на судството во функција на власта која што ги крши човековите права и слободи.

Во овој пост, нема да ја анализирам постапката на полицијата поврзана со обезбедувањето на докази, нема да зборувам за селективниот пристап, ниту за процедуралните грешки во изведувањето на полициската акција кои може да предизвикаат многу и различни сомневања во врска со наводните докази.

Нема да зборувам ниту за тоа кои тоа факти, показатели, докази го навеле судијата воопшто да се посомнева дека станува збор за постоење на кривично дело производство и пуштање во промет на наркотични дроги.

Во случајов ќе се задржам само на одредбите од Законот за кривична постапка:

Член 185

(1) Мерките што можат да се преземат спрема обвинетиот за обезбедување за негово присуство и за успешно водење на кривичната постапка се покана, приведување, ветување на обвинетиот дека нема да го напушти престојувалиштето односно живеалиштето и други превентивни мерки со кои се обезбедува присуство на обвинетиот, гаранција, куќен притвор и притвор.

(2) При одлучувањето која од наведените мерки ќе ја примени, надлежниот орган ќе се придржува кон условите определени за примена на одделни мерки, водејќи сметка да не се применува потешка мерка ако може истата цел да се постигне со поблага мерка. Судот може спрема обвинетиот истовремено да определи повеќе мерки од ставот (1) на овој член, освен кога ќе ја определи мерката притвор.

(3) Овие мерки ќе се укинат и по службена должност кога ќе престанат причините што ги предизвикале односно ќе се заменат со друга поблага мерка кога ќе настапат услови за тоа.

ПРАШАЊЕ: ВРЗ ОСНОВА НА ШТО СУДИЈАТА РЕШИЛ ДЕКА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПОСТИГНЕ ЦЕЛТА СО ПРИМЕНА НА ДРУГА МЕРКА ОСВЕН НА НАЈДРАСТИЧНАТА – ПРИТВОР?

Член 187

(1) Наредба да се приведе обвинетиот може да издаде судот ако постојат причини за притвор од членот 199 на овој закон, ако е веќе донесено решение за притвор или ако уредно повикан обвинетиот не дојде, а својот изостанок не го оправда или ако не можело да се изврши уредно доставување на поканата, а од околностите очигледно произлегува дека обвинетиот го одбегнува приемот на поканата.

(2) Наредбата за приведување ја извршува Министерството за внатрешни работи.

(3) Наредбата за приведување се издава писмено. Наредбата треба да содржи: име и презиме на обвинетиот што треба да се доведе, назив на кривичното дело што му се става на товар со наведување на одредбата од Кривичниот законик, причина поради која се наредува приведувањето, службен печат и потпис од судијата што го наредува приведувањето.

(4) Лицето на кое му е доверено извршувањето на наредбата му ја предава наредбата на обвинетиот и го повикува да појде со него. Ако обвинетиот го одбие тоа, ќе го приведе присилно.

ПРАШАЊЕ: КОЈА ПРИЧИНА ЗА ПРИТВОР ЈА УТВРДИЛ СУДИЈАТА? ДАЛИ ПОСТОЕЛА НАРЕДБА ЗА ПРИВЕДУВАЊЕ СО СИТЕ ЕЛЕМЕНТИ И ДАЛИ ТАА МУ БИЛА ВРАЧЕНА НА ИЛИЕВСКИ? ДАЛИ ПОЛИЦИЈАТА ГО ПОВИКАЛА ИЛИЕВСКИ ДА ПОЈДЕ СО НИВ, ПА МУ СТАВИЛА ЛИСИЦИ И ПРИСИЛНО ГО ПРИВЕЛА ЗАТОА ШТО ТОЈ СЕ СПРОТИСТАВИЛ?

Член 198

(1) Притвор може да се определи само под условите предвидени во овој закон.

(2) Траењето на притворот мора да биде сведено на најкратко нужно време. Должност е на сите органи што учествуваат во кривичната постапка и на органите што им укажуваат правна помош да постапуваат со особена итност ако обвинетиот се наоѓа во притвор.

ПРАШАЊЕ: КАКО ТОА СЕ СЛУЧУВА И ВО ОВОЈ КАКО И ВО СИТЕ ОСТАНАТИ СЛУЧАИ НА ПРИТВОР НАЈКРАТКИОТ МОЖЕН РОК НА ПРИТВОР ДА ИЗНЕСУВА 30 ДЕНА?

Член 199

(1) Ако постои основано сомневање дека определено лице сторило кривично дело, притвор против тоа лице може да се определи ако:

1) се крие, ако не може да се утврди неговиот идентитет или ако постојат други околности што укажуваат на опасност од бегство; 2) постои основан страв дека ќе ги уништи трагите на кривичното дело или ако особени околности укажуваат дека ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоците, соучесниците или прикривачите и 3) особени околности го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, или ќе го доврши обиденото кривично дело или дека ќе стори кривично дело со кое се заканува.

(2) Притвор задолжително се определува кога постои основано сомнение дека лицето сторило кривично дело за кое може да се изрече казна доживотен затвор.

ПРАШАЊЕ: КОЈА ОД ГОРНИТЕ ПРИЧИНИ ЈА ИМАЛ СУДИЈАТА ДА УТВРДИ ПРИТВОР- ИЛИЕВСКИ СЕ КРИЕЛ, МОЖЕ ДА ГО ПОВТОРИ ДЕЛОТО (ПОВТОРНО ДА НАСАДИ НА ПРИМЕР КАНАБИС) ИЛИ МОЖЕ ДА ВЛИЈАЕ НА СВЕДОЦИТЕ? ИЛИ МОЖЕБИ СУДИЈАТА МИСЛИ ДЕКА СТАНУВА ЗБОР ЗА КРИВИЧНО ДЕЛО ЗА КОЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ИЗРЕЧЕНА КАЗНА ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР?

По овие прашања веќе не станува збор за знаење на судијата, за интелегенција на снаоѓање во нова ситуација, за слободно уверување или некоја посебна вештина. Станува збор за едноставна (не)примена на јасните законски норми.

И во целото наше судство не се најде ниту еден судија да реагира на ваквата постапка? И не се најде ниту еден судија да постави прашање за примена на законот? И не се нејде ниту еден судија макар да отвори теориска расправа во врска со праксата која станува секојдневие?

Ако не се нашол ниту еден судија да има поинакво мислење, тогаш со право може да се генерализира дека целокупното судство не само што не е во состојба да ги заштити човековите права туку и самото станало соучесник во кршењето на човековите права.

КАЈ “НИВ“ И КАЈ “НАС“

Местото државен секретар во нормалните држави е резервирано за професионаци кои ги поминале сите степени на кариерниот развој, кои ја имаат администрацијата во “мало прсте“ и кои можат со своето знаење и искуство да ја вршат одговорната функција на организатори на работата во една државна структура.

Во прилог ја давам биографијата на швајцарскиот заменик државен секретар, а веднаш по него биографии на неколку наши. Вие самите споредете.

Зар навистина мислиме дека било што може да постигнеме навнатре и понадвор со ваков пристап? Или воопшто не мислиме?

C U R R I C U L U M V I T AE

Ambassador Dr. Pierre Helg

Deputy State Secretary

Born in Geneva (Switzerland) on April 19th, 1955

Background: PhD in banking-law (Geneva University), Lawyer

Languages: French (mother tongue); German, English

Present position: => Deputy State Secretary (since Jan 2008) => Ambassador / Deputy Political Director

-1979-1982 Lawyer in Law firms in Zurich and Geneva

-1983 Swiss Foreign Service competitive examination

-1984-1985 Attaché to the Embassy of Switzerland in Stockholm

-1986-1989 Diplomatic officer to the Directorate for International Organisations, Federal Department of Foreign Affairs in Bern (Switzerland)

-1988 Second Secretary temporarily assigned to the Permanent Mission of Switzerland to the International Organisations in Vienna

-1989-1992 First Secretary Embassy of Switzerland in Paris

-1992-1996 Head of the Section Political and Institutional Affairs, Integration Office, Federal Department of Foreign Affairs / Federal Department of Economy in Bern

-1996-2000 Minister Counsellor Embassy of Switzerland in New Delhi

-2000-2004 Minister Deputy Permanent Representative of Switzerland to the United Nations

-2004-2007 Ambassador to Nigeria, Benin, Tchad and Equatorial Guinea / Permanent Observer to ECOWAS Berne, February 2008

Државен секретар на Владата на РМ од  2010

Роден  1980

Кариера
Има работено во Собранието на Република Македонија и во локалната самоуправа во Општина Гази Баба (не се знае што)

2006 година раководител на Секторот за меѓународни односи и соработка во Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија

Државен секретар на Министерство за локална самоуправа на РМ од 2008:

Родена  1981

Работна кариера

Јуни 2007 до септември 2008 државен советник за евроинтеграции во Министерството за локална смаоуправа,

Август 2006 до јуни 2007 раководител на кабинетот на министерот за локална самоуправа

Државен секретар на МВР од 2008

Родена 1970

Кариера

· приправник во управата за безбедност- контраразузнавање во Скопје во 1996 год.

· УБК

Со кого сме добри сме.

КОЈ ЛАЖЕ ТОЈ И КРАДЕ И ЗАВРШУВА ВО ЗАТВОР, А ВО МАКЕДОНИЈА СТАНУВА ПРАТЕНИК

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ направија претстава (фарса) од донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Прво го одбија законот изработен од работното тело составено од претставници од министерствата, невладините, експерти и народниот правобранител. Потоа си изработија сопствена верзија (која нема врска со закон за спречување и заштита од дискриминација). Потоа ја пуштија таа верзија  во расправа во Собрание. Следно беше отворање на натпревар во борба со ветерници. Си поставија за цел да се справат со непостоечки намери со овој закон да се промовира инцест, полигамија и содомија. Изјавија дека немаат намера да ги прифатат европските стандарди и на крај открија ново заболување и промовираа лечење на истото.

Откако ги исшамараа во повеќе наврати, решија да се вратат на играта демократија. Во оваа фаза земаат делови од претходно направениот закон на невладините и експертите (или од лешот на убиениот закон) и се обидуваат да направат Франкештајн кој ќе го промовираат во манекен и во врвно достигнување на македонскиот интелект.

Си седат така на комисиите, и без мува да ги лази си предлагаат делови од “нашиот“ закон, па си се фалатмеѓу себе колку убаво ги смислиле амандманите и ги вклопуваат во монструозна комбинација која ќе продуцира мешанец составен од Мики Маус и Салвадор Дали. Во сета таа шарада (или како мали Ѓокица замишља Парламент) се плашам дека дечурланата почнува ептен да  губи врска со реалноста и дека ќе почнат дури и самите да ги јадат колачињата од кал што ги прават за своите кукли. После ќе ги боли меше.

Со оглед на тоа дека од овие кал=колачиња и сите нас може да не заболи ептен стомак, во прилог го ставам денешниот прес (кој што го дадов како претседател на Одборот за заштита на човековите права на ЛДП).

ИЗЈАВА ЗА ЈАВНОСТА – 18.03.2010

Алиби амандмани на предлогот на законот за спречување и заштита од дискриминација поднесен од Владата на Република Македонија

После острите реакции на невладините организации и на меѓународната заедница на предложениот текст за Закон за спречување и заштита од дискриминација поднесен од Владата на Република Македонија, владеачките структури се најдоа во стапица: да продолжат понатаму игнорирајки ги забелешките или да ја признаат грешката и да го прифатат за расправа текстот изработен во соработка со невладините организации (кој сега го предлага група пратеници).

Владеачката структура изнајде трето “соломонско” решение. Ќе поднесе алиби амандмани со кои ќе создаде двоен привид:

1. дека прифаќа критика

2. дека се донесува добар закон

Според амандманите кои имав можност да ги видам:

1. порано или подоцна сексуалната ориентација ќе мора да биде внесена во текстот на законот (после многу навреди, омаловажувања, етикетирања и лаги)

2. комисијата за еднаквост ќе си остане канцеларииче под капата на некое министерсво во кое ќе седат неколку Мирјани Димовски задолжени да ја штитат власта (која и да е) од граѓаните

3. остануваат бесмислено  дефинираните прекршочни санкции кои дискриминацијата ја изедначуваат со фрлање опушок на улица

4. цела група од членови неопходни законот да проработи и да ги штити сите граѓани од различните видови на дискриминација, се едноставно поттурнати под килим

5. сите Гиневци во Македонија ќе можат слободно да поттикнуваат на дискриминација

5. во текстот се промовираат одредби со кои одново се потенцира бинационалноста наспроти мултикултурноста во Македонија

Наместо расправата за овој закон да ја отвори вратата на еднаквоста, владеачката партија го употреби донесувањето на Законот за промоција на дискриминирачко однесување, за непречен говор на омраза и за поттикнување на дискриминација и се разбира, натамошна бинационализација на државата. Најголем губитник ќе бидат граѓаните. Разбирале тоа тие или не.

МЕЃУ НЕЗНАЕЊЕТО И АРОГАНЦИЈАТА

Скопјанец застрелан пред Универзална сала, Алфите ги фатиле осомничените. Денес пред истражен судија. Црна хроника, секогаш интересна за медиумите. Зачудувачки брза и успешна акција. За пофалба. Многу слики од настанот. И ниту едно прашање: што прават двајцата лишени од слобода на земја?

Од сликите е очигледно дека луѓето кои се лишени од слобода подолго време лежат на плочникот. Околу нив се муваат алфи, си разговараат, ги гледаат, а тие си лежат. Колку долго? И зошто би лежеле на плочникот? Зошто веднаш не се однесени пред истражен судија или во полициска станица. Зошто се изложени на погледите на сите, па уште и снимани со камери? Како уловен трофеј? Очекувам во следна прилика некој полицаец да застане над уапсениот со нога на неговото тело и да се слика за спомен. Така се прави кога ќе се улови животно. А кога се лишува од слобода човек има правила и тие правила се пишани во Законот за внтарешни работи и во Законот за полиција и во Кодексот за полициско постапување.

Во нив пишува дека:  Полициските службеници го почитуваат личното достоинство, дека полицискиот службеник е должен да престане со употреба на средството за присилба, веднаш штом ќе престанат причините поради кои дошло до негова употреба и уште дека,  полициските службеници не смеат да предизвикуваат, поттикнуваат или толерираат никаков чин на тортура, мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување.

Ова е случај на тортура, мачење и нечовечко и понижувачко постапување. Што ќе направат сега:  јавниот обвинител, министерката за внатрешни работи, народниот правобранител? Што ќе направат новинарите кои веќе го посочија и кривецот и мотивот и очигледно го прифатија лежењето на плочникот како дел од казната.