ЗА КАДРОВСКИТЕ ПРОМЕНИ

Кога еден фудбалски тим е подолго време на дното на табелата и ги губи сите утакмици (како што и се случуваше на Македонија во изминатите 11 години), нормално е да се сменат и селекторот и тренерот и секако да се направат коренити измени во тимот.

Организациите/институциите вредат толку колку што вредат луѓето во нив (ни помалку ни повеќе). Институции кои со години не функционирале или функционирале на штета на граѓаните нема да почнат да функционираат поинаку доколку на клучните позиции не бидат направени промени.

Мора да се промени целокупниот раководен кадар во државната администрација и во сите институции од јавен интерес. Не се работи за партиска чистка или за освета, туку за елементарна логика. Македонија назадувала 11 години (според сите надворешни процени и внатрешни евалуации). Ова назадување мора да запре, пред воопшто да размислуваме за тргнување напред.

Јас не очекувам дека сите решенија кои ќе ги понуди актуелната власт ќе бидат добри (според мое или мислење на јавноста) и дека ќе бидат поставени најсоодветните кадри. Меѓутоа очекувам, кецарошите од власта да бидат што е можно побргу заменети барем со оние кои имаат доволен 2, па и по некој со добар 3.

И она што навистина треба да се направи, е постепено градење на систем од правила, процедури и критериуми кои во иднина ќе овозможат на раководните позиции да дојдат луѓето со многу добар 4 и одличен 5 (не заради тоа што се мили, или убави, или знаат да прават добри гезмиња или пак заради тоа што толку убаво им кажуваат на надредените дека се најпаметни на светот, туку заради тоа што се стручни, затоа што знаат и умеат), а во подолните ешалони на институционалната хиерархија да бидат сместени сите останати (кои впрочем можат да бидат добри извршители и тимски работници под добро раководство).

Не е доволна замена. Мора да се направи промена (суштинска) за да може кулисите на демократијата и владеењето на правото да ги замениме со зграда на демократијата и владеењето на правото.

Навистина би сакала да ги видам деталните биографии на новопоставените директори. На сите.

 

МИРНИТЕ ПРОТЕСТИ СЕ СУШТИНСКИ ЕЛЕМЕНТ НА ДЕМОКРАТИЈАТА

Приведени четворица припадници на Левица поради протест
  1. Никако не смее да биде ограничено правото на протест.
  2. Приведувањето во полициска станица заради легитимирање е само лош изговор за отстранување на протестантите.
  3. И јас сум многу против прикажување на оружје на плоштадите низ земјата и промоција на воена моќ па уште на странска држава. На што личи ова? Војници во полна воена опрема и тенкови под полно вооружување? Срамно и јадно. Тој што го дозволил малку да се чукне со прст по глава. Сте виделе вакво нешто во некоја друга држава? А да донесевте и деца од градинките и основните училишта малку да се промешаат меѓу оружјето?

ЗАШТИТНИЦИ НА КРИМИНАЛОТ

се луѓе кои од позиција на моќ ги штитат тие кои краделе, мамеле, убивале, измачувале, рекетирале, понижувале исто така од позиција на моќ.
Со тоа што ја блокираат работата на Собранието овие луѓе го поткопуваат уставниот поредок на државата.
Со тоа што директно и/или индиректно поддржаа насилство во Собранието, овие луѓе учествуваат во насилно рушење на уставниот поредок на државата.
Со тоа што не дозволуваат да биде сменет ЈО против кој демонстрираа илјадници граѓани многу долго време, овие луѓе спречуваат да се воспостави правната држава и да почне да функционира правосудниот систем.
Мислам дека оние кои гласале за партијата на која и припаѓаат треба да почнат да им поставуваат прашања за тоа како ги застапуваат нивните потреби и интереси, како нивната работа обезбедува подобар и посигурен живот на граѓаните на Македонија и како со своите активности го овозможуваат владеењето на правото.

Грујевски и Бошковски недостапни за полицијата

За бегтството на Грујевски и Бошковски се одговорни судиите и полицијата.

Станува збор или за голема небрежност (што е еднакво на вина) или пак за намерни дејствија (што е еднакво на соучесништво).

ДОГОВОР СО БУГАРИЈА

Ете, го видовме.

Мене ми изгледа сосема во ред.

Имам само една забелешка (точка 5 од членот 11 која единствена не содржи реципроцитет).

Ајде сега нека ги објават јавно ДПМН-овците забелешките кои ги дале на затворената седница на собраниската комисија.

А Илија Димовски кој бара ратификација на договорот пред потпишување, немам намера ни да го коментирам. Утре најверојатно и тој (како неговото другарче Латас) ќе ни каже дека воопшто не го мисли тоа што го зборува, туку едноставно за тоа е платен.